Македонија
Сончево и потопло со мала до умерена облачност, од недела со значителен пораст на температурта

Времето денеска, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен дожд и ретки грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 27 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Од недела следува период на претежно стабилно и топло време со значителен пораст на температурта на воздухот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Проектот „БорПрес2“ е чекор напред кон воспоставување на граничниот премин Маркова нога – Лемос

Денеска во Лемос, Општина Преспа – Грција, во присуство на министрите за внатрешни работи на Македонија и Грција, Панче Тошковски и Теодорот Ливаниос, амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас, претставници на локалните самоуправи, се одржа настанот „Гранична станица Преспанско Езеро: Воспоставување на граничен премин меѓу Грција и Република Северна Македонија на областа Преспанско Езеро“.
Со тоа се означи започнување на БорПрес2 фазата на проектот кој на крај има за цел да воспостави нов граничен премин помеѓу Маркова Нога (Македонија) и Лемос (Грција) што ќе го намали времето на патување помеѓу Лемос и Ресен од повеќе од два часа на само 40 минути. Во проектот вреден над 7.7 милиони евра, 80% финансиран преку ИПА 3 програмата на Европската Унија се планирани реновирање на постојната полициска станица од македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на страна на Грција и развој на прекуграничната пешачка патека помеѓу селата Брајчино и Агиос Германос со цел промоција на еко-туризмот. Партнери во проектот се министерствата за внатрешни работи на Македонија и Грција, регионот Западна Македонија во Грција и општините Ресен и Преспа.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање на настанот на кој беше презентиран целиот проект истакна дека ова не е само почеток на инфраструктурен проект, туку реализација на заедничка визија – визија вкоренета во регионалната соработка, европската интеграција и трајното партнерство меѓу нашите две држави.
„Денес го одбележуваме почетокот на проектот БорПрес2 и се поставуваат темелите за идното отворање на граничниот премин Маркова Нога / Лемос. Со текот на годините, односот меѓу нашите земји стана посилен врз основа на меѓусебно почитување, практична соработка и продлабочено чувство за заедничка судбина. Овој нов граничен премин е моќен израз на тој однос. Тоа е конкретна демонстрација на политичка волја, техничка способност и нашето заедничко разбирање дека во денешна Европа, границите треба да поврзуваат, а не да разделуваат“, потенцираше Тошковски.
Овој проект е доказ, рече тој, дека европската интеграција не е далечна аспирација. „Тоа е жив процес, вкоренет во опипливи резултати, подобри патишта, безбедни граници и подобрен квалитет на живот за граѓаните на кои им служиме“, потенцираше Тошковски.
Проектот започна на 14 февруари 2025 година и е планирано да трае 36 месеци, со завршување на 13 февруари 2028 година.
Министерот Тошковски оствари и билатерална средба со министерот Теодорот Ливаниос на која се разговараше за меѓусебната соработка, можно решение за побрз проток на патници и стоки на граничниот премин Богородица – Евзони. Министрите изразија посветеност на понатамошното градење мостови на соработка кои ќе ги поврзуваат луѓето, нациите и економската и културна соработка.
Македонија
Оддадена почит на загинатите бранители кај Гајре

Денес се навршуваат 24 години од смртта на хероите Влатко Миленковски, Благојче Силјановски и Пеце Матичевски, воени резервисти, припадници на баталјонот на Воената полиција од Битолскиот корпус во конфликтот од 2001 година.
Пред споменикот на загинатите бранители „Ангел“ кај Саат кулата и споменикот кај поранешната касарна „Стив Наумов“, им беше оддадена почит на прерано загинатите бранители.
Свежо цвеќе положија заменик градоначалникот на општина Битола, Бојан Бојкоски, претставници од Советот на Општина Битола, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, семејствата на загинатите бранители и други граѓани.
Како дел од комеморативните настани во организација на Министерството за одбрана – Регионално одделение за одбрана Битола, цвеќе беше положено и на гробовите на загинатите бранители во црквите „Света Недела“ во Битола и „Свети Атанас“ во Новаци, а беше одржан и Меморијален турнир во мал фудбал во универзитетската сала „Павел Шатев“, по што ќе бидат доделени дипломи и благодарници.
Македонија
Муцунски – Баро: Франција ќе продолжи да биде гласен поддржувач на проширувањето на Европската Унија

Во рамки на работната посета на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи на Француската Република, Жан-Ноел Баро.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од континуираниот развој на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, со јасна определба за понатамошно продлабочување на соработката на политичко и економско ниво. Особен акцент беше ставен на унапредување на партнерствата помеѓу владите и бизнис-заедниците на двете земји.
Муцунски упати благодарност за брзата и принципиелна поддршка од Франција по трагедијата во Кочани, како и за доследната и силна поддршка од француската Влада за европската интеграција на Северна Македонија. Министерот Баро го реафирмираше ставот дека Франција ќе продолжи да биде гласен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и активно ќе придонесува кон остварување на стратешката цел – полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари и работна средба со Бенџамин Хадад, министер делегиран за Европа. Разговорите беа фокусирани на напредокот на земјата на патот кон ЕУ, актуелната политичка состојба во регионот, како и на значењето на придонесот на Северна Македонија кон регионалната стабилност и соработка.