Македонија
Средба Стаменкоска – Трајкоска со Трајков: Заеднички приоритети за меѓународни и ЕУ-проекти
Денес, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари работна средба Викторија Трајков, заменик министерката во Министерството за европски прашања на Република Македонија. Средбата беше посветена на можностите за реализација на нови проекти финансирани од странски фондови, со акцент на инструментите на Европската Унија кои би донеле директни и одржливи бенефити за жителите на Општина Кисела Вода.
Градоначалничката ја запозна заменик министерката Трајков со активните проекти и стратешките насоки на Општина Кисела Вода во областа на меѓународната соработка, при што особено го истакна фактот дека Кисела Вода е првата општина во Македонија членка на Форумот на јадранско-јонските градови – ФАИЦ.
Нагласи дека членството во ова престижно европско тело отвора можности за поголема регионална поврзаност, учество во меѓународни настани, размена на добри практики и вклучување во проекти кои се во целосна усогласеност со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-Јонскиот регион- EUSAIR. Во разговорот беше споменато и дека значењето на ова членство станува уште поголемо во периодот од 1 јуни 2025 година, кога Македонија го презеде Претседателството со EUSAIR, што и’ овозможува на Општина Кисела Вода да даде уште поголем придонес во макро-регионалниот развој на Јадранско–Јонскиот регион, следејќи ги принципите на ФАИЦ за еднаков и одржлив развој за сите заедници.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска ја презентираше и досегашната реализација на повеќе меѓународни и европски проекти, меѓу кои:
-проектот AMPLE Skopje на програмата EIT Food за економско јакнење на жените преку иновации во агро-прехранбениот сектор;
– единственото европско поврзување меѓу ФАИЦ и проектот EIT Food на Програмата на Европската комисија;
– членството во OGP Local. Имено, Општина Кисела Вода е првата општина во Македонија која стана членка на OGP Local-Партнерство за отворена локална власт (ПОВ), како глобална иницијатива која поставува нови стандарди за транспарентност, отчетност и активно учество на граѓаните во процесите на одлучување. Како дел од ПОВ, креиран e првиот акциски план на општина Кисела Вода, со две заложби кои се темелат на главните принципи на ПОВ: промовирање на дигитализацијата во работењето на општината и транспарентност и отворена локална власт.
– Horizon проектот CLIMAS за климатска неутралност,
-имплементацијата на апликацијата City and Me.
Информираше и за проектите за поставување фотонапонски системи во сите основни училишта, прочистувачи на воздух во училиштата и во поголемите паркови, проектот за паметно јавно осветлување, изградбата на новата енергетски ефикасна училишна зграда во Драчево која е во тек, како и обезбедувањето бесплатен WiFi во парк „Шопен“.
Во рамки на разговорот, беше отворена и темата за креирање системски пристап кон искористување на европските фондови, преку заеднички активности, зголемена координација и поддршка на локалните самоуправи во подготовката на стратешки и развојни проекти.
– Како општина која се стреми кон имплементација на европски стандарди, активно работиме на креирање на проекти што носат подобар квалитет на живот за нашите граѓани. Денешната средба со заменик министерката Трајков покажува дека кога локалната и централната власт комуницираат отворено и конструктивно, се отвораат нови перспективи. Сметам дека со јасна визија, партнерства и посветена администрација, европските фондови носат конкретни и видливи резултати. Убедена сум дека заедно ќе создадеме уште многу успешни, европски проекти-изјави Стаменкоска Трајкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 10.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Михаил и Ефтихиј и Георги Димитров. (општина Кисела Вода)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), со услови за невреме со појава на грмежи и силен ветер. Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во делови од котлината со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со силен ветер и појава на грмежи. Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник ќе има стабилизирање на времето, а утринската температура значително ќе опадне.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.

