Македонија
Таравари отиде во Турција каде ги посети пациентите од трагедијата во Кочани

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја посетил болницата „Чам ве Сакура“ во Истанбул, каде што се лекуваат двајца од младите повредени во пожарот во Кочани.
-Во оваа болница првично биле примени шест пациенти, од кои четворица сега се пуштени на домашно лекување откако им се подобрила здравствената состојба. Двајцата преостанати пациенти, Мартин и Борис, се во стабилна состојба и продолжуваат со закрепнувањето, се наведува во соопштението.
За време на посетата Таравари, придружуван од претставници на Конзулатот на Македонија во Истанбул, се сретнал и со родителите на пациентите и изразил „поддршка и солидарност во овие тешки моменти“.
-Тој изрази посебна благодарност до д-р Мустафа Туран и конзулот на Северна Македонија во Истанбул, Идриз Фазлиоски, за покажаната грижа и посветеност. „Свежата болка на Кочани е донекаде ублажена од Мартин и Борис, кои се подобри и наскоро ќе ги пречекаме дома. Ви благодариме, драга Турција, за целата грижа и гостопримство, нагласил Таравари.
Министерот за здравство вчера во Едрене, Турција, учествувал и се обратил на Балканскиот здравствен бизнис-форум при што соопштил дека 165 пациенти од Македонија во 2024 година биле лекувани во здравствени установи во Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Продолжувањето на притворот за Бектеши додека вистинските одговорни сè уште се на слобода претставува чист израз на селективна правда и политичка одмазда“, велат од ДУИ

„Продолжувањето на притворот за поранешниот министер Крешник Бектеши, додека вистинските одговорни – оние што биле задолжени за безбедноста на децата– сè уште се на слобода, претставува чист израз на селективна правда и политичка одмазда“, реагира ДУИ.
„Ова не е само двоен правен стандард – туку отворена политичка и партиска дискриминација, која претставува флагрантно кршење на основните принципи на правната држава.
Уште повеќе, иако сведоците и родителите на жртвите јасно ги посочија виновниците и побараа одговорност од Министерството за внатрешни работи, единствено поранешниот министер Бектеши сè уште се држи во изолација – како параван за да останат вистинските виновници на слобода.
Трансакциското обвинителство и актуелната власт продолжуваат брутално да ги газат сите правни, морални и човечки принципи.
Премиерот, откако јавно го заплаши обвинителот дека ќе ги изведе луѓето на улица против него, сега целосно го има потчинето и настапува истовремено и како обвинител и како судија.
Ако улицата е решението – тогаш дојде време сите граѓани да им се придружат на семејствата на жртвите од Кочани и да побараат правда – мирно, но решително, на улица“, се додава во соопштението на ДУИ.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Улици во Чаир без вода, намален притисок во Топанско Поле

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради поврзување на нова со стара постоечка водоводна мрежа на улица Кемал Сејфула бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Џон Кенеди и дел од улицата Кемал Сејфула, а со намален притисок ќе остане населбата Топанско Поле во општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.