Македонија
Тошковски е нова верзија на груевизмот, сака партиска милиција под своја контрола, велат од СДСМ

„Министерот Панче Тошковски оди по стапките на Никола Груевски. Со предлог измените на Законот за полиција подготвува партиска милиција под негова контрола.
Какви реформи, какви бакрачи, Тошковски го претвора МВР во параполициски апарат за заштита на криминал и партиски интереси на ВМРО-ДПННЕ. Класичен рецепт за полициска држава“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија Предлог-законот за полиција којшто Тошковски го предлага е опасен, антиевропски и длабоко корумпиран, со многу скандалозни измени кои, како што велат, потврдуваат дека целта е целосна партизација на полицијата.
Тошковски, додаваат од СДСМ, ги урива и драстично ги намалува критериумите за образование и искуство за највиоските оперативни позиции во полицијата.
„Го елиминира кариерниот систем, дури и началник на СВР по рецептот на Тошковски да може да биде било кој што тој ќе одлучи.
Ги укинува регионалните гранични центри, што е директерн удар врз контрола на границите. Сака да овозможи бришење на полициски податоци – што е опасен механизам за прикривање на криминал.
Тошковски ги дискриминира младите – со подигање на старосната граница се отвора место само за партиски вработувања во полицијата. Го брише членот што спречува вработување на осудени лица – полицијата станува прибежиште за криминалци.
Ова е директен удар врз системот за безбедност и заштитта на граѓаните и удар врз професионалците во МВР. Ова не е ништо друго туку правење партиска милиција под капата на Тошковски“.
СДСМ бара итно повлекување на предлог-законот и прекин на узурпацијата на МВР.
Полицијата, оценуваат од СДСМ, мора да биде во служба на граѓаните, не алатка на партиска мафија.
Во Македонија, како што нагласуваат, нема место за нова верзија на Груевизмот со Тошковски во главна улога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шест пожари сè уште активни, 38 интервенции на отворено во изминатoто деноноќие

Во изминатите 24 часа, Центарот за управување со кризи (ЦУК) евидентирал вкупно 38 пожари на отворен простор низ земјата. Од нив, шест сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а останатите 27 се целосно изгаснати.
Моментално најсериозната состојба е во источниот и централниот дел на државата. Активни пожари беснеат во реонот на Малешевските планини, кај селата Нивичино, Мал Готен, како и во општините Василево, Радовиш и Берово. Се работи за опожарена нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Сериозна е и состојбата во Македонски Брод, каде што на три различни локации – кај селата Грешница, Локвица, Крапа и Латово – се шират пожари низ мешана и деградирана шума, грмушки и сува трева. Слична ситуација има и во прилепскиот регион, каде што огнот се движи од селото Штавица кон Чумово, Волково и Прилепец. Пожар е активен и во Желино, меѓу селата Церово и Групчин, каде гори деградирана нискостеблеста шума.
Во исто време, пет пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожари кај селата Шурленци и Езерани во Ресен, во дојранското село Николич, во велешкиот регион кај Џидимирци, Крушје и Иванковци, како и во гостиварското село Симница. Контрола е воспоставена и во прилепскиот регион, на Радобилскиот рид помеѓу Царевиќ и Смолани.
Останатите 27 пожари, кои биле регистрирани ширум државата – од Скопје, Куманово и Гевгелија до Кичево, Струмица и Брвеница – се изгаснати. Најчесто се работело за горење на сува трева, ѓубре, стрништа и ниска вегетација. Имало и повторно активирање на пожар на иста локација, како што е случајот со селото Оризаре во општина Липково.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни, да не палат огнови на отворено и да го пријават секое сомнително движење на чад или луѓе на 112. Топлотниот бран, проследен со зголемени температури, ветер и сува вегетација значително го зголемуваат ризикот од нови пожари.
Македонија
„Филипче по стапките на Заев, за да дојде на власт и да остварува личен интерес, слугува и одработува на бугарските интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во својата историја СДС покажа и докажа, дека на власт не може да дојде со изборна програма во која, со понуда за проекти да ја бараат поддршката на граѓаните. Во неколку изборни циклуси СДС влегува со јасна предавничка цел и со лаги и манипулации бара гласови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не често ги добива, па така само за да ги реализира мрачните сценарија за државата кои единствено служат на туѓи интереси, СДС на власт доаѓа и со изгубени избори.
Како што беше и примерот на Зоран Заев, кој со изгубени избори дојде на власт за да го премени името, а тој да профитира милиони ограбувајќи ја државата.
По истите овие стапки на Заев, сега тргнал и Венко Филипче, да слугува на туѓи интереси само за да се дограби до власт.
Ова СДС на чело со Филипче, не е ништо друго, освен извршител на бугарската агенда и ги распродава националните интереси.
Ова СДС и Венко Филипче се бугарскиот ас на бугарскиот претседател, Румен Радев во реализацијата на антимакедонското сценарио.
И токму нивното посегнување кон фабрикувани лаги и манипулации како и нападите кон ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски се резултат на нивните одработувања за туѓи сценарија.
Намерата на ваквите оркестрирани и скапо платени со бугарски пари напади е да се ослабне ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, со надеж дека така ќе дојдат на власт и лесно ќе ги распродаваат националните интереси.
Но, народот јасно знае дека ВМРО-ДПМНЕ со претседателот Мицкоски се единствените на браникот на националните и државни интереси.
Нападите на СДС, веројатно, ќе продолжат понатаму и затоа ги повикуваме граѓаните и понатаму будно да ги следат случувањата, зошто сè ќе излезе на виделина и јасно ќе препознаат дека се од ова што кажавме е точно и дека СДС и Филипче единствено се водат од личниот интерес“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: Бујар Османи одржал 11 состаноци во Белград, 0 во Косово

„За само четири години како министер, Бујар Османи трчаше 11 пати на средби во Белград, а ниту еднаш во Приштина. Се сретна повеќе пати со српските власти отколку со косовските“, велат од „Влен“.
„Во Скопје го пречека и рускиот министер Сергеј Лавров, а беше и редовна „кореографијата“ на прошетките и вечерите со Александар Вучиќ.
На Албанците им понуди само селфи-дипломатија, заглавени европски интеграции и маркетинг за себе.
Бујар Османи е посреќен со српски дипломати околу себе, отколу со свои сограѓани од Чаир. На никого му нема помогнато, на никого од Чаир му се нема најдено, на никого му нема одговорено на телефон. Во Чаир, Бујар нема помогнато за ниту едно ново училиште, го немало кога се граделе улици и пробивале булевари, го немало кога се правеле градинки и игралишта.
Бујар Османи го интересира својата кариера, добрите релации со Белград и шансата да остане во политика. Во еден мандат да се сретнеш повеќе пати со Белград од со Приштина зборува за тоа дека Бујар Османи заборавил од каде доаѓа и кои се негови луѓе.
Чаир не е аеродромска чекална за ничија кариера. Чаир е дом што заслужува градоначалник кој носи инвестиции, чисти улици и сигурни училишта, а не човек чиј единствен резултат е дебела фото-архива со српските лидери“, соопштуваат од „Влен“.