Македонија
(Видео) Фатмир Дехари падна од народот кој се обедини против раскалашеноста и недомаќинското работење, рече Мицкоски за победата во Кичево
Премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва многу порано отколку во првиот круг прогласи голема победа на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Рече дека ако некој се сомневал, народот покажал дека „Македонија повторно е твоја“.
„Победивме во Скопје. Убедлива победа на Орце. Победивме во скопски Карпош. Победа и во Аеродром и во Чучер Сандево. Беше жилава тешка борба со многу предизвици. Се одлучуваше во пет до 12, знаете дека не заслужува ни името да му го спомнам тој противкандидат се обиде да профитира на името на националните поделби, на етничките поделби. Не успеа. Поразен е. Брвеница останува Јоцо градоначалник. Победивме и во Валандово, Дојран и Крушево кои што досега имаа градоначалници од СДСМ. Победивме и во Кочани. Нашето Кочани кое мораме да го издигнеме и поткрепиме. Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново Облешево, Виница, Дебарца, Кочне, Демир Капија, Пробиштип. Во неколку други се пребројуваат гласовите“, рече вечерва Мицкоски.
Посебно внимание во победничкиот говор тој посвети на Кичево.
„Морам да признам и да соопштам една посебно силна порака. Таа е од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Но, покажавме и што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме различни вери различни припадности, против оние кои го влечеа градот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме Македонци Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и во онаа политика која што им е потребна на граѓаните“, рече Мицкоски.
За него победата во Кичево е показател дека народот е поголем од политиката и вербата во подобро утре е посилна од секој страв. Најави дека во следниот период Кичево мора да биде во владиниот фокус.
„Помина и времето на локални шерифи кои градеа кариера преку малверзации, ситни манипулации, со децении се шалтаа од еден во друг ќош, само за политички да преживеат. Тоа време вечерва завршува и во скопски Карпош. Тоа е порака до сите оние кои со нечесни подземни игри мислеа дека ќе го излажат народот. Епа, вистината им се распрсна пред очи. Бомбата која ја спремаа за други им прсна во рака“, рече Мицкоски.
Овој резултат Мицкоски смета дека е силна порака за СДСМ и нагласи дека не е среќен поради нивниот дебакл, но ваквиот резултат смета дека е одраз на тоа пто партијата не се реформирала и не атила чекор со времето.
Изборите Мицкоски смета дека се голема порака и за ВМРО – ДПМНЕ.
„Овие избори се порака и до нас, да не се забегува во победата туку да се носиме со одговорноста дадена од граѓаните и да ја оправдаме. Да се менуваме и подобруваме. И таа порака е разбрана. Обврска да продолжиме уште посилно и да не се опуштиме ниту еден ден и да ја претвориме надежта во конкретни резултати“, рече Мицкоски.
Им се заблагодари на сите што им дале поддршка, на сите што гласале различно им порача дека ја почитува нивната одлука, а оние кои не излегоа на гласање им кажа дека ја слушнал и нивната тишина и нема да ги убедува со зборови туку со дела.
Најави дека вечерва ќе слави со народот во Брвеница и Кичево, а за неколку часа ќе тргне за Брисел оти од утре „мора да се продолжи со уште поголема одговорност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

