Македонија
Филипче: Да го продолжиме патот на мирот, на соработката, на слободата и на солидарноста

Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска упати честитка по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во честитката Филипче порача дека денешниот ден е потсетник колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа.
„9 Мај е ден кога се потсетуваме колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа. Денеска се навраќаме на еден од најважните денови во историјата, победата над фашизмот. На овој ден се стави крај на омразата, на убивањата, на уништувањето, на поделбите. Денеска оддаваме почит на борците од Народно ослободителната војна, кои ги дадоа своите животи за слободата која денес ја живееме.
Истовремено, денес е и Денот на Европа, ден кога ги славиме европските вредности од кои никогаш не смее да се откажеме. Мора цврсто да продолжиме по патот на мирот, соработката, слободата, солидарноста.
Ние сме дел од европската приказна и нераскинлив дел од борбата против фашизмот. Да не дозволиме никој никогаш да ги поткопа вредностите врз кои е градено ова општество. Македонија припаѓа таму каде што се почитуваат човековите права, каде што се гради заедништво и каде што никој не смее да биде исклучен затоа што е различен.
Денешната борба не е со пушка. Денес се бориме со збор, со став, со почит и одговорност.
Честит 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Да не заборавиме од каде доаѓаме и каде сакаме да одиме”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.
Македонија
Од Осака до Венеција, Љутков е министер за култура или министер за туризам, прашува СДСМ

Додека над 3.000 културни работници беа во неизвеснот ја чекаа својата мартовска плата, министерот за култура Зоран Љутков не се задржа ниту еден ден во своето министерство. Од Осака па до Венеција, министерот постојано е на пат, повеќе е во странство отколку на своето работно место, велат од СДСМ.
Според оваа партија, во моментите кога вработените во културата протестираа пред Министерството, заборавени и игнорирани, Љутков позира на други континенти додека дома културата доживува финансиски колапс.
Ова, како што велат, не е културна политика.
„Ова е културна деградација. Ова е ароганција и расипништво со партите на граѓаните. Културата не е декор за туристичко позирање. Таа е жив систем кој бара посветеност, почит и вистинска грижа.
Додека Љутков патува, народот плаќа. Прашањето е: колку чинат екскурзиите на Љутков.
Зарем вредат патувањата во странство повеќе од тоа да се работи дома за да се решат проблемите во културата“, прашуваат од СДСМ.