Македонија
(Фото) Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, Герасимовски најави расчистување на бесправните објекти
Во рамките на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало, соопштија од Општината.
Конструкцијата била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.


„Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба. Бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстранија бесправно изградената конструкција.


„Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти. Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината“, соопштија од Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.
Македонија
За четири дена 2.450 сообраќајни прекршоци, уапсени 15 лица
Во периодот од 24 до 27 ноември како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.450 издадени платни налози, 454 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, соопшти МВР.
Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 15 лица, од кои 13 за возење под дејство на алкохол, а две лица за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 811 прекршоци за непрописно паркирање, 265 мерки се изречени за возачи кои управувале возило без возачка дозвола, девет санкции за минување на црвено светло, изречени се 33 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 15 санкции за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани се и 132 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, како и 89 мерки за возачи поради користење мобилен телефон при возење. Согласно Законот за возила, 65 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 44 заради техничка неисправност. Изречени се и соодветни мерки за 17 возачи на моторни возила поради затемнети стакла односно непрописно вградени фолии.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.

