Македонија
(Фото) Презентирано визуелното решение за новата Универзална сала

Денеска, пред македонската јавност беше презентирано визуелното решение за новата Универзална сала – модерен и функционален објект, кој ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје.
Проектот, кој беше преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а изработката е дело на проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел беа направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побара како неопходност што произлезе од пожарот на објектот, извести Министерството за култура.
Она што е особено значајно во решението е дека ќе се задржи постојната форма за почитување на колективната меморија, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветление, аудио-видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали и во ентериерот и во екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение.
Очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор по што ќе почне изградбата на Универзалната сала по системот клуч на рака. Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала ќе биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра, соопшти Министерството за култура.
„Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и во иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата за 2028 година“, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ангелов: Пожарот во Трубарево е целосно изгаснат, состојбата во Дрисла е драстично подобрена

Пожарот во Трубарево е целосно изгаснат, целата опожарена површина е затрупана со песок и земја. Утрово покажуваше на неколку места слабо чадење, но веднаш беше дејствувано со специјална пена и дозатрупување со земја и со песок по потреба, извести Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Како што извести Ангелов, на местото се останати дежурни екипи на Скопската бригада за противпожарната заштита и доколку се утврди било какво чадење тие ќе дејствуваат со специјална пена и со дозатрупување.
Во однос на депонијата Дрисла, Ангелов вели дека состојбата е драстично подобрена и дека останува уште еден сосема мал дел да биде затрупан.
„Очекувам попладнево да биде целосно затрупано местото коешто чадеше овие денови“, додаде тој.
Македонија
(Видео) Шукова: Нема протокол, има чад, имам план за заштита на граѓаните од пожарите и депониите

„Жителите на Трубарево се оставени сами да се справуваат со последиците од опасниот пожар кој избувна во саботата. Никој не им кажува какви токсини дишеле, и дали сега е безбедно да се движат надвор. Тоа што децата ќе следат он лајн настава е уште повеќе збунувачки за нив, и не дава одговор колку е загаден воздухот таму и колку ја загрозува нивната здравствена и еколошка и еколошка безбедност. Наместо институциите на локално ниво да преземат брзи и ефикасни мерки за заштита на населението, гледаме целосно потфрлање и неодговорност“, вели Каја Шукова – кандидатка за градоначалничка на Скопје од СДСМ.
„Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека немаат утврден протокол за справување со еколошки хаварии. Власта на ВМРО ДПМНЕ и на локално и на централно ниво дејствуваше дури по голем притисок на јавноста и медиумите. Не беше јасно кој носи одлуки, општината, град Скопје или централната власт, но откако жителите на Трубарево се изнадишаа опасен и токсичен чад, вечерта сите се појавија да се сликаат.
Го прашувам Орце Георѓиевски во кое својство беше во Трубарево, како градоначалник на Кисела Вода или како претседател на ЗЕЛС, оти не виде јавноста како помогнал во справување со еколошката катастрофа во Трубарево. Но сите видоа дека дошол на сликање.
Град Скопје и Општина Гази Баба имаа обврска први да реагираат, но нивната пасивност и незаинтересираност се најдобар показател за неспособноста на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ да се справи со кризни ситуации.
Опасните пожари од депониите со отпад веќе не се проблем на една општина, туку се проблем на Скопје. Повеќе не треба да се чека, населението мора да се заштити. Јас кажав дека имам план краткорочни и долгорочни мерки, како да се решат депониите и проблемот со отпадот. Ова не е политика туку мерки кои веднаш треба да се спроведат за Скопје да стане поздрава и побезбедна средина за сите жители“, изјави Каја Шукова – кандидатка за градоначалничка на Скопје од СДСМ.
Македонија
(Видео) Уништени над 4 тони и 18 илјади стебла марихуана и повеќе од 21 килограми друга дрога, извести Тошковски

Денеска во присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и раководството на МВР, Агенцијата за управување со одземен имот, Државната комисија за уништување на наркотични дроги и Националната комисија за мало и лесно оружје, во електропечката на Макстил – Скопје со палење беа уништени голема количина на дрога и оружје.
„Денеска уништуваме над четири тони марихуана. осумнаесет илјади стебла на марихуана, над 79 килограми цвет од марихуана и над 21 килограми други видови дрога како амфетамини, хероин, кокаин и други видови дрога. Исто така уништуваме над стотина парчиња оружје и над 1000 парчиња чаури и други компоненти од оружје. Сакаме да упатиме јасна порака до сите дека дрогата и нелегалното оружје немаат иднина во Македонија. Со секој еден уништен грам дрога или парче оружје, безбедноста на граѓаните се крева на повисоко ниво и во иднина очекуваме уништување на уште поголеми количини.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски пренесе порака до граѓаните кои во изминатиот период беа сведоци на делувањето на криминалните банди како во Скопје така и други региони можеа да се уверaт дека со нивното разбивање и заплената на големи количини оружје и дрога полицијата решително ја спречува нелегалната трговија, а запленетите количества ефикасно и безбедно ќе бидат уништувани.