Македонија
(Фото+видео) Мицкоски: Извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат, има шанси СДСМ да остане без ниту една општина

Следните избори, и локалните, но и следните парламентарни, две основни работи ќе бидат важни – првата ќе биде борбата против криминалот и корупцијата и втората е испорака на реформи, ниту СДСМ ниту ДУИ ниту било кој од опозицијата има капацитет и за борба против криминалот и корупцијата и за испорака со реформи, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конференцијата на Унијата на млади сили на партијата што денеска се одржува во Велес.
„Кажете ми која реформа ја испорачаа од ДУИ и од СДСМ, дали се сеќавате на една реформа којашто тие ја испорачаа, јас не можам да се сетам. Ако е реформа оние сега пропаднати фабрики за марихуана, фудбалчиња на црвените персиски килими, распродажба на се што со крв е платено од генерациите пред нас, тогаш да, им признавам направија реформи. Но тоа не е реформа, тоа е срам и ако играат на картата на кратко помнење на народот се лажат. Народот точно знае што правеше СДСМ и ДУИ изминатите седум години и нема да има повеќе простор и нема да има повеќе шанса“, истакна Мицкоски.
Според него, победата на локалните избори е веќе извесна.
„Сосема извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и дека има шанси СДСМ да остане и без ниту една освоена општина. Тоа за мене потврда за огромната поддршка од народот, но и огромна одговорност што значи дека мора да се има отчетност, да не се заборават вредностите кои ги имаме и ветивме на народот. Но и да се продолжи да се работи со несмалено темпо. Обврската која ја добивме од граѓаните пред се значи одговорност, која не се гледа само во начинот на кој се води политиката, туку и според начинот на кој се однесуваме во секојдневието. Секој еден функционер треба да има на ум дека народот живее тешко и дека мора одговорно да се однесува секој од владата кон секој еден народен денар со кој управуваме“, вели премиерот Мицкоски.
Тој порача дека опозицијата е уплашена „затоа што знаат дека оваа генерација, оваа Влада на ВМРО ДПМНЕ и коалицијта во изминатите година дена не цели, врати голем дел од позициите на меѓународен план, тоа што овие од СДСМ го продадоа“.
„Денеска, со гордост ја раскажуваме нашата приказна за Македонија и во Минхен, победуваме и во Берлин и во Лондон и во Брисел, и Вашингтон зборуваме за нашата Македонија. Тоа ги боли. Затоа што се кукавици, затоа што знаат што направија и затоа што знаат какви шајки коваа на рацете на македонскиот идентитет. А ние го враќаме, тоа го враќаме. Ќе се броиме целосно да го вратиме, не знам дали ќе успее оваа генерација, но знам , дека ќе оставиме на вас на генерациите кои што доаѓаат, подлога да сето ова кои што овие од СДСМ го распродадоа, достоинствено со крената глава гордо го вратите, за Македонија и македонските граѓани“, нагласи премиерот.
Позади нас се денови, рече Мицкоски, кога се боревме во Брисел, да биде усвоена резолуцијата со која што се зборува за прв пат од осамостојувањето на нашата татковина, за посебен македонски вековен идентитет
„Кога не гледаа како се бориме, молеа бога да не успееме, кога гледаа како аргументираме, како на маса ја добиваме битката се молеа да не успееме. Им олесна, кога бриселските политичари одлучија извештајот да го поместат наместо пред неколку дена на 24 јуни овој месеци. Но нема бегање. Тој извештај ќе биде усвоен затоа што цела Европа и Брисел знаат за вековниот посебен македонски идентитет. И тоа ќе го поддржат, за македонскиот јазик кој што е факт“, потенцира премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски: Граѓаните со големи пофалби за новоизградената градинка Пролет

Вчера, во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, градоначалникот Горан Герасимовски се сретна со жителите на населбата Пролет, каде пред само еден месец беше отворена најубавата и најмодерната градинка „Пролет“ во Македонија.
Жителите на оваа населба упатија големи пофалби за новоизградената градинка, прва и единствена во Пролет која претставува вистински пример за современа детска заштита. Изградена според највисоки светски стандарди, со целосно нова, безбедна и инклузивна средина, таа денес е гордост на целата општина, велат од Центар.
„Овие маалски средби ни се многу важни, тие се можност директно да го слушнеме мислењето на граѓаните, нивните идеи, предлози и предизвици. Затоа и го правиме овој караван, затоа што општината не треба да чека граѓаните да дојдат кај нас, туку ние треба да одиме кај нив и да работиме исклучиво во нивен интерес“, изјави Герасимовски.
Средбата се одржа на маалско игралиште кое беше опремено од градоначалникот Герасимовски, каде што децата безгрижно растат, учат и се дружат. Центарци го поздравија континуираниот развој на Центар, во изминатиот период беа реконструирани 20 улици, подобрени беа условите во сите градинки и основни општiски училишта, а есенва ќе биде пуштена во употреба и реконструираната спортска сала „Работнички“, уште еден капитален проект во интерес на граѓаните, соопшти Општината.
Македонија
Оставки од Тошковски и Јанев и кривична одговорност, бара СДСМ

Последната акција на ОЈО ГОК потврди сè. СДСМ ја говореше вистината за Кочани од првиот ден.
Уапсените полициски службеници вчера се лица кои СДСМ ги објави во серијалот „Вистината за Кочани“ како директно одговорни за дозволување на нелегалното работење на „Пулс“, велат од опозициската партија.
„Благодарение на објавените факти и притисокот, конечно се постапува. Но, останува фактот дека четири месеци директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, министерот Панче Тошковски и целиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ги заштитат и да ја прикријат одговорноста.
Тие бранеа и криеја свои функционери, ја лажеа јавноста и вршеа притисоци врз Обвинителството за да не се постапува против нивните кадри кои се докажано директно одговрни за пожарот во кој изгореа 62 деца“.
Според СДСМ, Александар Јанев, како прв човек на БЈБ, има директна одговорност за своите подредени. Тој, како што велат, ги поставил, тој давал наредби и затоа додаваат дека мора да понесе оставка и да следи кривична одговорност.
„Истото важи и за Панче Тошковски, кој целиот период ја штитеше структурата во полицијата и тврдеше дека нема вина.
Христијан Мицкоски, пак, со недели ја користеше трагедијата за политички напади, обвинувајќи ги сите, освен оние што ги поставил на функција. Ги лажеше родителите, ја манипулираше јавноста и се обидуваше да ја задуши вистината.
Без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски, нема целосна правда. А правда за Кочани мора да има“, потенцираат од СДСМ.
Македонија
МНР со апел до македонските граѓани: Воздржете се од било какви патувања кон Израел и Иран

Во врска со информациите за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.
Воедно, Министерството апелира до сите наши државјани да се воздржат од било какви патувања кон земјите од овој регион, до подобрување на безбедносната состојба.
Согласно добиените информации од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов воздушниот простор над Израел и Иран е затворен, како и аеродромите во Тел Авив и Техеран, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај.
Министерството за надворешни работи ги потсетува нашите државјани дека при евентуална потреба од помош можаат да се обратат на следните контакти:
📍 Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
📍 Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
Во рамките на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и ќе ја информира јавноста за сите новини навремено, се додава во соопштението на Министерството.