Македонија
Хорор во Скопје, пред очите на 5-годишната ќерка ја усмртил мајката со убоди од нож по вратот и градите

Скопското Обвинителство спроведе истрага против едно лице за убиство на својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. На жртвата, како што информираат од Обвинителството, вчера во домот во Шуто Оризари и нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, од кои таа починала на лице место. Истрага е поведена и против уште едно лице за помагање на сторителот.
– Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. Истрага е поведена и против уште едно лице за кривично дело – Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 од Кривичниот законик, информираат од Јавното обвинителство.
Првиот осомничен, како што велат од Обвинителството, вчера при вршење семејно насилство во домот во Шуто Оризари, ја лишил од живот својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. Делото го извршил во присуство на 5-годишната ќерка. На жртвата и нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, од кои таа починала на лице место.
-Веднаш потоа избегал од домот, во што му помогнал вториот осомничен кој му дал друга облека и му овозможил превоз со автомобил до граничниот премин Табановце. Во непосредна близина на границата го оставил и се вратил во Скопје каде се обидел да ги прикрие трагите на своите помагачки дејствија. Осомничениот за убиство продолжил кон границата каде бил запрен и уапсен, се наведува во соопштението.
Од Обвинителството посочуваат дека во текот на денешниот ден, по наредба на јавен обвинител биле преземени повеќе дејствија со кои било пронајдено оружјето со кое е извршено убиството, облеката на сторителот и други материјални докази кои се обидел да ги прикрие и кои ќе бидат предмет на вештачење.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлози за определување мерка притвор и за осомничениот за убиството и за неговиот помагач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Гази Баба доделува субвенции за сончеви термални колектори

Општина Гази Баба објави Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Гази Баба за набавка и вградување на сончеви термални колектори.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на општина Гази Баба кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во својот дом во периодот од денот на објавување на јавниот повик се до 30 ноември 2025 година односно до исцрпување на финансиски средства наменети за оваа намена од Буџетот на Општина Гази Баба за 2025 година.
Општина Гази Баба ќе им надомести дел од трошоците во висина од 50%, но не повеќе од 15.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство за 2025 година.
Барателот треба да ги исполни следните услови:
• да е жител на Општина Гази Баба,
• да нема искористено субвенции за купување на сончеви термални колекторски системи во својот дом од било кој друг извор на Република Македонија,
• набавениот уред да биде купен во 2025 година, во период од денот на објавување на јавниот повик и истиот да биде инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот,
• да има платено данок на имот за станбениот објект во кој ќе биде инсталиран сончевиот термален колекторски систем заклучно со 2024 година.
Македонија
Најава за цела недела – облачно и нестабилно време со врнежи од дожд и грмежи

Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во текот на оваа седмица ќе биде променливо облачно и нестабилно со честа појава на локални врнежи од дожд и грмежи, информира УХРМ.
Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време поголема количина), грмежи, силен ветер (над 60 км/ч) и изолирана појава на град.
Во Скопје, до крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
До петок ќе дува умерен до засилен јужен ветер и температурите ќе бидат без поголема промена, а од сабота со засилен северен ветер ќе бидат во опаѓање.
Препорака: Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Април 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 05 Мај 2025 година, известува Министерството за социјална политика.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.05.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.05.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.