Македонија
Царината: Запленети цигари, лекови и верски предмети
Во текот на минатата недела, царински службеници открија неколку обиди за криумчарење разна стока.
27 штеки цигари со македонски акцизни маркички од марките Marlboro и Rothmans, откриени се на Меѓународниот аеродром Скопје при контрола на куфер на патничка која имала намера да отпатува со лет за Лондон.
Употребуван мотор за возило MITSSUBISHI PAJERO 1994 е пронајден во багажникот на автомобил при влез во државата на граничниот премин Ново Село.
На граничниот премин Св.Наум на влез во државата запленети се 75 пакетчиња и 123 ленти различни видови лекови (Amaryl 2 mg, Anafranil 25 mg, Procto Synalar-N 15 g, Androcur 50 mg, Pilokarpine, Arava 20 mg и други) за чиј увоз е потребна дозвола од Агенција за лекови и медицински средства. Лековите се пронајдени во една ќеса и една торба сместени под предните седишта на автомобил. Вредноста на привремено задржаните лекови изнесува 83.180 денари, додека вредноста на избегнатите давачки изнесува 8.526 денари.
58 пакувања со ветеринарни лекови (Limoxin, Pentstrep, Alben Care, Macotyl 300, Agalaxipra, Exiptol, Genta 100и други) за кои е потребна дозвола за увоз, се откриени во патните торби на двајца патници при контрола на автомобил кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Стење.
5.600 евра се пронајдени при личен претрес на патник кој се пријавил за излез од државата на граничниот премин Делчево. Возачот пријавил дека со себе носи 2.000 евра, но во внатрешен џеб од неговата јакна биле пронајдени 7.600 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи му биле вратени 2.000 евра, а 5.600 евра се привремено задржани.
На влез во државата на граничниот премин Богородица во просторот за резервна гума на автомобил пронајдени се 31 штеки цигари PS без акцизни маркички. Вредноста на непријавените цигари изнесува 27.900 денари, додека вредноста на избегнатите давачки изнесува 55.890 денари.
Во багажник и помеѓу седиштата на патничко комбе кое се пријавило за влез во државава на граничниот премин Ново Село, пронајдени се 5 делови за автомобили (браници, крила и менувач) и 1 детски мопед на бензин.
10 ќилими ICON-120*170 см, 1 правосмукалка со чистач на пареа KIWI и 600 метри пластични лајсни се пронајдени при контрола на стока со потекло од Турција. Стоката била пријавена за увозно царинење во Царинска испостава Гевгелија и наменета за увозник од Гостивар, но не била опфатена во царинските документи.
842 разни верски предмети, 50 креми за лице и 84 килограми мед се пронајдени во 16 кутии и една ќеса сместени во товарниот дел на камион кој се пријавил за влез во државава на граничниот премин Дојран. Вредноста на производите, кои не биле опфатени со царинските документи изнесува 899.460 денари, а избегнатите давачки се во износ од 327.067 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.
Македонија
Муцунски во Виена ги презентираше владините политики за привлекување нови странски инвестиции
Во рамки на работната посета на Виена, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со компаниите, членки на Здружението на индустријалци.
Во своето обраќање пред претставниците на приватниот сектор, министерот Муцунски ги информираше австриските бизнисмени за новите можности за економска соработка, економските и трговските политики на Владата, како и за мерките насочени кон привлекување странски инвестиции.
На средбата се дискутираше за можностите за продлабочување на соработката во делот на инфраструктура, енергетика, дигитализација и технолошки иновации, со цел зголемување на трговската размена и инвестициите
Македонија
Гаши: Волонтерството не е само повик, туку морална, институционална и човечка одговорност
По повод Светскиот ден на волонтерството – 5 Декември, Собранието на Република Северна Македонија, во соработка со Црвениот крст на РСМ, организира заеднички активности со цел да се истакне значењето на волонтерскиот ангажман и да им се даде признание на сите што несебично придонесуваат за доброто на заедницата.
Денот почна во централната канцеларија на Црвениот крст, каде што пратениците беа поздравени од проф. д-р Ромел Велев, претседател на Црвениот крст, кој ја нагласи важноста на волонтерството како двигател на солидарноста и хуманоста. Пратениците добија ориентирање и конкретни волонтерски задачи по што беа распределени на разни работни позиции на територијата на град Скопје.
Во периодот од 10 до 11 часот претставници на законодавниот дом учествуваа во волонтерски активности во:
– Дневниот центар за лица со посебни потреби „Пролет“;
– „Нега Центар“;
– Центарот за прва помош;
– Дневниот центар за активно стареење „Даре Џамбаз“;
– Дневниот центар за активно стареење – Чаир;
– Центарот за доброволно дарување крв „Даре Џамбаз“;
– Центар „Копче“;
– Пунктот за бездомници „Момин Поток“;
– Логистичкиот центар „Момин Поток“.
Во овие активности беа вклучени и пратениците: Ваљбона Емини-Адиљи, Павле Арсовски, Оливер Спасовски, Димитар Ковачевски, Моника Зајкова, Сања Лукаревска, Јованка Тренчевска, Беким Сали, Рашела Мизрахи, Грација Бакаревска, и Ангелинка Петкова.
Активностите продолжија во Собранието, каде што се одржа прием. Присутните ги поздрави претседателот Африм Гаши.
„Бидејќи отсекогаш сум се стремел да бидам промотор на човечноста и во политиката, не е случајност што, заедно со почитуваните пратеници на Собранието, сме тука не само како претставници на граѓаните туку и како сограѓани волонтери. Со нашето волонтерско ангажирање денес сакаме да дадеме пример дека волонтерството не е само повик, туку морална, институционална и човечка одговорност“, рече Гаши во своето обраќање.
Обраќање имаше и Саит Сати, генерален секретар на Црвениот крст, кој се заблагодари за партнерството и за придонесот на волонтерите во заедницата. Исто така, тој ги истакна силата на волонтерскиот дух и потребата од натамошна поддршка на граѓанското ангажирање.
Во рамките на свечениот дел беше извршено доделување благодарници за сите волонтери вклучени во операцијата за помош и поддршка на населението погодено од несреќата во Кочани.
Следуваше потпишување парламентарна декларација за поддршка на волонтерството со која Собранието ја реафирмира својата заложба за унапредување на волонтерските програми.

