Македонија
ЦУК: Побарано воздушно дејствување врз пожарот во Липковско на страната од Скопска Црна Гора

Барањето за воздушно дејствување врз пожарот помеѓу селата Никуштак и Орланци во општина Липково од градоначалникот на таа општина е процесуирано до Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и до Национални шуми, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Воедно информираат дека во моментов сите летала се ангажирани на големиот пожар во Беровско, но, попладнето може да бидат преупатени, доколку нема потреба од нив во Беровско.
– Пожарот што е активен од вчера се наоѓа на територијата на општина Липково, помеѓу селата Никуштак и Орланци. Се наоѓа во сосема непристапно подрачје, каде што нема никакви патишта и нема можност за пешадиско дејствување. Пожарот се издига по сртот кон погоренаведените села, на страната од Скопска Црна Гора. Барањето за воздушно дејствување, доставено до ЦУК од градоначалникот на Липково, е процесуирано до ДЗС и Национални шуми. Во моментов сите летала се ангажирани на големиот пожар во Беровско. Доколку во попладневните часови, леталата не бидат потребни таму, ќе бидат веднаш преупатени да дејствуваат на пожарот помеѓу селата Никуштак и Орланци, како и по сртот на Скопска Црна Гора, се потенцира во соопштението на ЦУК.
Во пожарот кој е активен на место викано Безгашево, во близина на село Русиново во општина Берово, зафатена е дабова, букова шума и папрат, соопшти порано денеска ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност, а ветерот ќе го промени правецот во јужен. Во четврток попладне ќе има изолирана појава, а во петок на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи.
Македонија
Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“ ама увидот не е почнат, пожарот уште тлее

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.