Македонија
Често миење раце, фрлање ѓубре со ракавици и дезинфекциски бариери во училиштата, препорачаа лекарите од ИЈЗ
Засега не е регистриран пораст на заболувања што може да бидат предизвикани од натрупаното ѓубре на улиците во Скопје, велат лекарите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кој во реално време добива податоци за сите пријавени заболувања во земјата. Институтот денес препорача мерки за заштита на населението додека не се исчисти градот од ѓубрето.
„Често миење раце, дезинфекција на раце по одлагање на отпадот, носете и ракавици доколку е можно при одлагањето на отпадот. Се препорачува одлагањето на отпадот граѓаните да го прават на места што се обележани, контејнери, да не одлагаат надвор од овие места за да не се создаваат депонии, кои дополнително ја контаминираат средината. Исто така, да внимаваат со домашните миленици кога доѓаат во контакт со отпад. Вработените што го собираат отпадот треба да имаат лична заштитна опрема и секако да бидат заштитени од оние блести што може да се спречат со вакцинација, односно редовно да бидат вакцинирани во согласност со нивната професија“, рече Драган Кочински, раководител на секторот Епидемиологија во ИЈЗ.
За трајно надминување на состојбите, тој препорача дека е неопходно да се почне со селекција на отпадот уште дома, процес што на почетокот би бил волонтерски и би предвидувал некаква награда за оние што ќе селектираат сѐ додека не се воведе законски.
Кочински уверува дека и покрај исклучително големата нехигиена во Скопје изминативе неколку недели, засега не е забележан пораст на заболувања што може да бидат предизвикани од расфрланото ѓубре.
„Тука се цревните заразни заболувања, салмонелози, гастроентероколити, кои може да се јават. Ние ја следиме состојбата и засега нема пораст на бројот на заболени од овие заболувања, а во однос на заболувањата што ги пренесуваат глодачите, кои се карактеристични за нашата земја, тука спаѓаат туларемија, хеморагична треска со бубрежен синдром и лептоспирозата, кои веќе сме ги регистрирале, а можно е да се појават сега со зголемениот број глодачи. Сѐ додека постојат поволни услови за нивно размножување, со присуството на отпадот сѐ повеќе и повеќе се зголемува популацијата на глодачите, а тоа претставува ризик за населението, односно ширење на болестите“, рече Кочински од ИЈЗ.
Мирајана Димоска, раководителка на одделението за безбедност на вода и санитација на животната средина во ИЈЗ, препорача дека е добро училиштата да постават дезинфекциски бариери на праговите и фотографии за правилно миење раце според возраста, а оваа препорака за дезинфекциски бариери рече дека е добро да ја послушаат и сите граѓани за становите за да спречат внесување нечистотија во домовите.
Директорката на Институтот, Марија Андоновска, рече дека на сите општини, како и на Град Скопје, им е препорачано да направат вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ивановска не повика за кого да се гласа во вториот круг во Центар: „Секој гласач има здрав разум и одговорност“
Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска, која ја заврши трката во првиот изборен круг третопласирана, со освоени 4.465 гласа, не ги упати нејзините поддржувачи кого да поддржат во вториот изборен круг, бидејќи, како што рече, секој гласач си е здраворазумен, има право да гласа и има одговорност кому ќе го даде својот глас.
„Кој и да победи, важно е да носи одлуки во полза на сите и да го заштитува јавниот интерес и правото на здрава животна средина,“ рече Ивановска на прес-конференција со советниците од платформата „Независни заедно“.
Таа истакна дека охрабрува фактот што во Центар постои критична маса граѓани кои не размислуваат партиски, туку преземаат одговорност за промени. Ивановска побара ревизија на деталните урбанистички планови кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план и јавна достапност на сите издадени дозволи за градба преку мапа што доброволно ја изработила граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Рече и дека нивните советници ќе делуваат конструктивно и ќе соработуваат на сите проекти од интерес на граѓаните, но ќе бидат и гласни критичари за сите сомнителни одлуки.
Носителката на советничката листа на Град Скопје од „Независни заедно“, Јана Белчева – Андреевска, најави дека платформата ќе продолжи да собира потписи за регистрација како граѓанско-политичко здружение.
На локалните избори за Центар на 2 ноември ќе се соочат актуелниот градоначалник од СДСМ, Горан Герасимовски кој освои 8.535 гласа, и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој првиот изборен круг го заврши со 5.707 гласови.
Македонија
Мојсоска: ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини – Брвеница, Кичево и Чашка
Пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, во објава на „Фејсбук“ оцени дека „ВЛЕН“ отворено соработува со ДУИ на локалните избори.
„Едно резиме за колегијалноста во владината коалиција: ВМРО-ДПМНЕ вади кандидат за градоначалник во Брвеница. ВЛЕН исто така вади кандидат, а во вториот круг се обединија со ДУИ против кандидатот на Мицкоски,“ напиша Мојсоска.
Таа додава дека и во Кичево ВЛЕН настапил со свој кандидат, а лидерот на Беса, Билал Касами, јавно ја дал поддршката за ДУИ: „Кичевско ВЛЕН срамежливо вели ‘по сопствено убедување да се гласа’. Соодветен реципроцитет на јавната поддршка од Мицкоски која ја добија кандидатите на ВЛЕН, нели?“
Мојсоска наведува дека единствената општина каде ВЛЕН немал кандидат е Чашка, каде со поддршка на ВЛЕН и ДУИ уште во прв круг победил кандидатот на ДУИ.
„Значи, ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини – Чашка, Брвеница и Кичево,“ пишува Мојсоска, додавајќи дека тоа најверојатно е „како благодарност што Мицкоски ги остави Гостивар, Тетово и Струга без свои кандидати“.
Македонија
Лабудовиќ: Со Билјана Ивановска имаме иста визија за Центар, верувам во поодршка од нејзините гласачи
Кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, е убеден дека мнозинството од граѓаните на Центар ќе му ја дадат довербата на 2 ноември да ја води општината во следниот четиригодишен мандат.
„Центарци сакаат промена, центарци не сакаат сликата што ја гледаат сега да им се повторува и во следните години. Затоа верувам дека мнозинството од 68 отсто гласачи кои во првиот круг беа за промени, а не за задржување на постојното статус-кво, ќе излезат повторно и ќе ми дадат поддршка“, убеден е Лабудовиќ.
Основа за ваквата убеденост, тој гледа во фактот што неговата програма и визија за општина Центар се совпаѓа речиси целосно со визијата и залагањата на независната кандидатка Билјана Ивановска, која не успеа да се пласира во вториот круг, но освои сериозна гласачка поддршка од жителите на Центар.
„Со Билјана Ивановска практично имаме ист концепт и визија за Центар. Тоа го тврдам со целосна одговорност. Како показател ќе наведам дека на неколку предизборни дебати за најголемиот дел од прашањата и проблемите се надополнувавме со нашите ставови. Уште повеќе, по влегувањето во Општината, ќе бидат заедно советниците од сите партии и независни листи. Сите имаме заеднички делови од нашите програми, од што можеме да направиме еден сублимат, а тоа ќе бидат практично првите проекти што ќе се реализираат од новата општинска управа. Бидејќи, само сложна општина, надвор од партиските интереси и делби може да дојде до визијата која ја имам за Центар. А, таа не онаа што денес ја гледаме и тоа што ни се случува“, потенцираше Лабудовиќ во во емисијата “Топ Тема“ на ТВ Телма, која наместо дебатна се претвори во интервју, затоа што актуелниот градоначалник Горан Герасимовски повторно го одбегна дуелот со Лабудовиќ.
Паралелно, Лабудовиќ со поддршка од коалициските партнери од ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува интензивните средби со жителите од повеќе населби во Центар. На кои тој ги запознава непосредно со неговата програма и приоритетните проекти што планира да ги направи по неговиот избор за градоначалник на централната скопска општина.
Лабудовиќ во вториот изборен круг ќе се соочи со актуелниот градоначалник на Центар од СДСМ, Горан Герасимовски.

