Македонија
Шахпаска: Се работи на зголемување на капацитетите во градинките
Интензивно се работи на зголемување на капацитетите во градинките, преку изградба на нови градинки по најсовремени стандарди, но и проширување на постоечките објекти, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на прес-конференцијата по повод мандатно писмо врачено од претседателот на Владата, Зоран Заев.
Шахпаска рече дека во своето работење е целосно посветена на зачувување на секое работно место, поддршка на стопанството, на ранливите категории граѓани кои се најпогодени од кризата, но и на безбеден престој и згрижување на децата од претшколска возраст.
„Градинките ги отворивме и обезбедивме процес на безбеден престој на децата, со сведување на ризикот за инфекција од коронавирусот на минимум, согласно Протоколот усвоен од Комисијата за заразни болести. Здравјето на најмладите за нас е врвен приоритет и од тоа не отстапуваме. Но, морам да нагласам дека сите ние имаме одговорност и затоа апелирам до сите да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот КОВИД-19, зошто само на тој начин ќе можеме да се заштитиме и да создадеме услови за сигурно работење на градинките“, порача Шахпаска.
Таа додаде дека грижата за сите и социјалната правда е она што ќе ја води во текот на целиот мандат, а тоа значи изградба на општество кое ќе им овозможи еднакви можности на сите, општество кое ќе гради соживот и доверба, кое нема да дискриминира по ниту една основа, а граѓаните ќе бидат најзначајниот капитал.
Шахпаска посочи дека мандатното писмо во кое се наведени принципите врз основа на кои ќе функционира Владата, за неа значат преземање обврска за чесно, одговорно, транспарентно и отчетно работење исклучиво во служба на граѓаните.
„Се грижиме и за најранливите категории на граѓани, корисниците на социјалните права, чиј број со пандемијата е зголемен. И во услови на пандемија социјалната реформа продолжува. Искоренување на сиромаштијата, особено детската останува наша заложба“, додаде таа.
Министерката за труд и социјална политика го најави започнувањето на процесот на децентрализација на социјалните услуги на локално ниво и продолжување на процесот на деинституционализација, се додека и последното лице не биде згрижено во мали групни домови кои нудат услови најблиски до оние на семејствата.
„Економски силни држави создаваат мотивирани и задоволни работници, чиј труд се вреднува, се почитуваат нивните права и се работат на безбедни работни мести. Ова е можно само преку отворен и континуиран социјален дијалог во општеството, во кој ќе бидат вклучени работниците, работодавачите и ние како Влада. Новиот Закон за работни односи ќе ги регулира сите прашања кои произлегуваат од работниот однос, јасно ќе ја дефинира сезонската работа, синдикалното организирање и работењето од далечина, како предизвик кој го наметна корона пандемијата“, рече Шахпаска и нагласи дека Владата продолжува со политиките на зголемување на минималната и на просечната плата.
Таа додаде дека грижата за највозрасните граѓани, кои го граделе општеството, пензионерите ќе се потврди преку стабилен пензиски фонд кој гарантира редовна исплата на пензии на сегашните и идни пензионери и раст на пензиите во континуитет.
Притоа министерката Шахпаска се осврна и на политиките и мерките наменети за младите кои ќе придонесат за поголема вработливост преку отворање на нови работни места, но и преку поддршка и грантови за самовработување.
„Родовата еднаквост и борбата против дискриминација се високо на мојата агенда. Законот за спречување и заштита од дискриминација веќе е во собраниска процедура и убедена сум дека во брз рок ќе добиеме ефикасна и објективна Комисија за заштита на граѓаните“, истакна Шахпаска.
Таа додаде дека Законот за спречување и заштита од дискриминација веќе е во собраниска процедура и наскоро ќе добиеме ефикасна и објективна Комисија за заштита на граѓаните од дискриминација.
„Борбата против родово базираното и останати облици на семејно насилство ја продолжуваме со целосна имплементација на Истанбулската конвенција. Овде сум да работам, вредно, одговорно, транспарентно, но пред се чесно за граѓаните и за нашата држава“, истакна Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Македонија
Проданоски: Експресниот пат Градско-Прилеп ни од далеку не е готов, да ставиме крај на лагите на СДСМ на 8 мај
Тука сме на лице место за да ги разобличиме лагите кои што СДСМ се обидуваат да ги пласираат до јавноста, рече Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
– Овде во Дреновската клисура каде што сме на самиот старт на почетни градежни активности, а за кои што слушнавме дека во 90 % експресниот пат е завршен. Овие се истите лаги исто како оние на почетокот на нивниот мандат кога Фејсбук и Гугл чекаа на граница, истите лаги како фабриката за автомобили во Тетово. Но, македонските граѓани треба да видат и да знаат дека овде на ова место е сам старт на почеток на градежни активности, а не е видлив ниту крајот на она како што тие сакаат да го пласираат. Да не зборувам тука и за третата фаза од експресниот пат за која што има обезбедено средства и за која што можеше исто да биде завршена ако не беа платени пеналите кон компанијата на која што и се бараше рекет за да остане да го гради автопатот и се изгуби значително голем период од изградба на патот и барање на друга компанија, рече тој.
На лагите од СДСМ им нема крај, овие лаги мора да завршат, затоа на 8-ми мај ве повикувам сите да заокружите број 2 за да и ова автопатско решение биде завршено и биде ставено во функција на секој граѓанин на Република Македонија, додаде Проданоски.