Македонија
Штајнмајер пристигна во Скопје, го пречека вицепремиерот Маричиќ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој штотуку пристигна на Меѓународниот аеродром „Скопје“.
„Моја е честа да му посакам срдечно добредојде на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер!
Првата официјална посета на претседателот Штајнмајер по само четири месеци од почетокот на пристапните преговори е јасен сигнал за позициите на Германија за интеграцијата на регионот во ЕУ и за континуираната поддршка што Северна Македонија ја има за пристапување во Унијата.
Ќе имаме доволно време да отвориме важни теми за регионот, за унапредување на меѓусебната соработка и за предизвиците со кои се соочува цела Европа“, напиша вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ, на својот фејсбук-профил.
Ова е прва официјална посета на Штајнмајер на Република Северна Македонија, во чии рамки ќе оствари средби со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, а ќе има и свое обраќање и во парламентот.
Штајнмаер, по дводневна официјална посета на Република Северна Македонија, продолжува во посета на соседна Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев за злоупотребата на балансерот: Агрон и Фатмир беа регистрирани како македонски имиња, Ангеле и Стојан како албански
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на денешната собраниска седница за пратенички прашања му порача на пратеникот Блерим Беџети од ДУИ дека нема да дозволи политички притисоци да го прекршат законот и ја подвлече заложбата на Министерството за јавна администрација за спроведување на реформите базирани на законска основа и транспарентност.
„Господине Беџети, апсолутно Ве разбирам дека мора да отворате теми од етнички карактер, имајќи ја предвид состојбата на Вашата партија и коалиција. Разбирам дека ова е нужно во контекст на напуштањето на Вашите коалициски партнери од европскиот фронт, раслојувањето на членството на ДУИ во коалицијата ‘ВРЕДИ’, како и преминот на многу од нив во други политички структури. Исто така, ја разбирам потребата да отворате теми заради актуелните состојби со Вашите функционери кои се наоѓаат на црната листа на Стејт департментот.“ – изјави министерот Минчев.
Во однос на дигиталната алатка „Балансер“, Минчев појасни:
„Балансерот беше дигитална алатка воведена во 2015 година како дел од имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Сепак, со одлуката на Уставниот суд од 2024 година, оваа алатка е укината. Мојот став е дека Балансерот, кој требаше да овозможи правична застапеност, беше злоупотребуван за политички цели. Министерството под мое раководство направи корекции за да се врати правичната примена согласно Законот за вработени во јавниот сектор, кој строго предвидува почитување на етничката застапеност врз основа на последниот попис.“
Министерот Минчев потенцираше и примери за злоупотреби во именувањата на вработените:
„Агрон, Фатмир и Исмет беа регистрирани како македонски имиња, Ангеле и Стојан како албански, а Зоран како бошњачко име – што се само дел од еклатантните злоупотреби на Балансерот.“ – истакна тој, додавајќи дека министерството за јавна администрација останува посветено на обезбедувањето правична застапеност и професионализација на јавниот сектор, во корист на сите граѓани на Република Македонија.
Македонија
Oпштина Бутел го усвои буџетот: „Советниците од ДУИ не покажуваат никаков интерес за граѓаните“
Денес на седница на Советот на oпштина Бутел беше усвоен најголемиот проектиран буџет од 828 милиони денари.
Усвоениот буџет е развоен буџет и буџет кој е наменет исклучиво во служба на граѓаните, велат од општината, додавајќи дека буџетот за жал не го поддржале советниците од ДУИ.
„Советниците од ДУИ не го поддржаа проектот за вода во Љубанци и Љуботен, не поддржаа асфалтирање на нови улици во Љуботен, Визбегово, Скопје Север, Бутел, не поддржаа нови проекти и не го поддржаа развојот на општина Бутел. Советниците на ДУИ 20 години не покажуваат никаков интерес за граѓаните на општина Бутел“, велат од општина Бутел.
Во буџетот за 2025 год. се предвидени 178 милиони денари за капитални проекти.
Со овој буџет се издвоени финансиски средства за реализација на парк во населбата Радишани, пешачка патека покрај река Серава, детска градинка во Бутел 2,уредување на речното корито на река Серава, реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел, реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици, изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација, изградба на нови спортско-рекреативни центри, нови детски игралишта, нови спортски игралишта,нови пешачки и пристапни патеки, поддршка на спортски клубови, спортски стипендии, субвенционирање за кровови и фасади, парична помош за пензионерите,зголемен број на финансиски средства за помош на социјално-загрозени семејства и средства за културни и спортски настани.
Се додва дека со овој буџет не се предвиени средства за репрезентација, патни трошоци, како и непродуктивни трошоци.
Општината најавува дека 2025 година ќе биде година на развој, на многу нови значајни проекти во сите населени места.
Македонија
Мицкоски: Безбедносните служби лажно ме претставиле како организатор на параполициска воена формација и ме следеле физички
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека според Извештајот на работата на Агенција за национална безбедност, кој е декласифициран за јавноста, тогашните безбедносни служби го назначиле како организатор на „параполициска воена формација“ и физички го следеле, но не само него туку предмет на следење било и неговото семејство, двата малолетни сина и неговата сопруга.
„Една од неколкуте институции кои што треба да се занимаваат со безбедноста на државата, наместо да се занимава со безбедноста на Македонија, се занимавала со физичко следење на претседателот на најголемата опозициска партија. И тоа го правеле на многу интересен начин. Како? Измислуваат извор во случајот „цилиндар“ кој што според нив доставува веродостојна информација. Конкретно таква информација доставил од објективни причини, нема да ја кажам точната дата, туку ќе кажам некаде од почетокот на 2020 година, чудно тоа коинцидира со изборите кои што тогаш се случуваат, во која што вели, внимавајте, пара полициско воено вооружена формација. Претпоставувам најголем дел од вас биле пара полициско воено вооружена формација составена од внимавајте го ова, македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаа за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно, нарачател и финансиер на оваа пара полициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски. Јас сум тој кој што оваа пара полициско воено вооружена формација ја финансирал, ја формирал итн.
Но, ова е оставено како трага таму и точно се знае кои се тие кои што ова го работеле. Точно се знае. Ова служело како покритие за да бидеме покриени физички сите. Сите најголем дел од вас се дел од оваа пара полициско воено вооружена формација“, порача Мицкоски.
„Одиме понатаму некаде во втората половина од оваа година истиот овој извор „цилиндар“ вели дека јас сум виден со две женски особи на Водно, во нивно друштво на Водно како пешачам. Во името на приватноста не сакам да ги кажам, како што не е вистинита информацијата, не е ни првата, не е ниту оваа втората вистинита, како пешачам и замислете тие ми презентирале информации од мој политички интерес. А додека пешачам, изворот „цилиндер“ мене ме покривал“, нагласи Мицкоски и рече дека во 2021 година за време на локалните избори бил следен, но овој пат изворот го добил името „џокер“.
„Понатаму, исто така, пред избори во 2021 година тогаш се локалните избори, изворот сега го добива името „џокер“ не е веќе „цилиндар“ вели дека во Манастирот Св. Јоаким Бигорски мојата средба со припадници на патриотско друштво не била случајна, туку тоа било средба во која што јас сум ја остварил за да ја нарушуваме безбедноста и стабилноста на Македонија. Повторно алиби за да бидам физички покриван“.
Премиерот Мицкоски во насока на ова, праша дали ова се европските вредности кои ги промовираше тогашната власт на СДСМ и ДУИ, посочувајќи дека мора преку реформи еднаш засекогаш да се стави крај на овие злоупотреби со безбедносните служби.
„Е сега ова ли се европските вредности. Ајде за тоа што крадеа, крадеа, за тоа ќе има одговорност. Има институции во оваа држава“, истакна премиерот и додаде:
„И тоа не е сè. Тука се покривани и мојата сопруга, моето семејство и мојот малолетен син. И двајцата, едниот е поголем, другиот е помал. Но, и тие се покривани физички. И затоа е сега стравот, затоа е сега стравот. Не е стравот заради друго нешто. Овие европски вредности ги промовираа овие луѓе. Дали ова се вистинските европски вредности, дали јас ви личам на човек кој што може да финансира пара полициско воено вооружена формација.
Затоа треба на овие злоупотреби еднаш засекогаш со реформа во овие служби да им се стави крај, за да не им се случува на оние генерации кои што доаѓаат по нас. Затоа што ако ова им се случува, ништо не сме направиле, за бадијала ни е сè и европски фронтови и Балкански фронтови и било што, ако ние во 21 век имаме ваков начин на злоупотреба на работата на безбедносните агенции“, дециден е Мицкоски.
На крај премиерот Мицкоски нагласи дека не само што и него што го следеле, туку за неговиот малолетен син што го следеле, ќе одговараат.