Македонија
Апелација одлучи: 4,8 години затвор за Сеад Кочан и условна за Василије Авировиќ
Бизнисменот Сеад Кочан доби казна затвор од 4,8 години, а Василије Авировиќ, наместо ефективен затвор, доби условна казна. Кривичниот совет судии на Апелациониот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда на кривичниот суд за предметот на специјалното јавно обвинителство со кодно име „Труст“. Казната на Кочан ја намали од 6 на 4,5 години, а на Авировиќ од три години – во условна казна.
Епилогот за Авировиќ следува кога лани Собранието изгласа измени во Кривичниот законик, со кои за кривичното дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство, предвидената казна беше намалена од 5 на 4 години. Апелациониот суд му ја ублажил казната од 3 на 2 години, што дозволува да му биде изречена условна осуда.
„Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-1026/18, во јавноста познат како „Труст“, по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбите на обвинетите С.К. од С. и В.А. од С., делумно ги уважи на начин што ја преиначи првостепената одлука во делот на казната и обвинетиот С.К. го осуди на казна затвор во траење од 4 (четири) години и осум (осум) месеци, а на обвинетиот В.А. му е изречена алтернативна мерка условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во траење од 2 (две) години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот за време од 5 (пет) години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, пишува во соопштнието на скопска Апелација.
Првото рочиште за случајот се одржа на 7 ноември 2017 година, а обвинетите пресудата ја слушнаа на 20 јули 2018 година. Управителот на компанијата „Трансмет“, Сеад Кочан, беше осуден бидејќи со лажни документи учестувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.
Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска го ослободи од обивинение третообвинетиот Сафет Ветиќ затоа што делото за кое се гони не е кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.

