Соопштенија
(Видео) Лукровски: Ќе воведам апликација „Мој Карпош“, дигитален сервис за граѓаните за пријавување на проблемите и издавање на потребните документи

„Сакам да го завршам времето кога за еден документ мораше да се земе боледување. Времето кога работата со општината значеше да стоиш на шалтер и некој да ти каже недостига уште едeн печат. Општината не смее да биде макотрпна обврска, општината мора да биде услуга на еден клик. Затоа ќе ја воведам апликацијата „Мој Карпош“ која ќе претставува дигитален сервис, преку кој граѓаните ќе може да пријавуваат проблеми, да поднесат барање, да добијат одговор“, кажа Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на општина Карпош, од ВМРО-ДПМНЕ.
„Преку апликацијата ќе можеш да сликаш искршена клупа, запуштена шахта или оштетена инфраструктура и да го испратиш директно до одговорната служба без многу објаснување без број на предмет. Системот сам ќе го проследи а граѓанинот ќе добие известување кога ќе биде реагирано. Тоа е мојата визија за општина без изговори.
Ќе овозможам и целосно електронско барање на документи како уверенија, потврди, пријави. Наместо дојди во понеделник системот ќе ти рече веднаш.
За оние што не користат технологија ќе има и административци на самото лице место кои ќе пополнуваат наместо тебе. Ќе поставам интерактивна мапа на проектите каде секој граѓанин ќе може да види која улица, кога се средува што е во тек, што е завршено.
Транспарентната општина не е онаа што вели ќе направиме, туку онаа што покажува еве се прави.
Мојата визија е граѓанинот да не оди во општината, туку таа да дојде кај него! Не со пароли туку со интернет, не со ветувања туку само на еден клик“, изјави Лукровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Шајн: Време е за промени во Охрид, охриѓани ќе изберат нов концепт, проекти и резултати

Кандидатот за Градоначалник на општина Охрид од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Асен Шајн, на вечерашната граѓанска трибина на која присуствуваше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека реалноста во Охрид е далеку од сликата која оваа општина ја заслужува и дека е време за промени и вистински проекти.
„Граѓаните се разочарани и со право. Многу се ветува, а ништо не се исполнува. Комуналниот развој е запоставен, градот е нечист, нема проекти, нема никаков развој. Младите заминуваат, економијата стагнира, а граѓаните живеат од денес за утре. Туризмот, кој треба да биде носечки столб на еден ваков туристички бисер, е сведен на неколку месеци хаос, а остатокот од годината живееме со истите и нерешени проблеми“, истакна Шајн.
Тој додаде дека Охрид станал лична своина на градежни инвеститори, кои со амин на локалната власт, на охриѓани приредија страшна урбана девастација.
„Штетата зазема непоправливи размери, ги загрозува природните и културните богатства и комплетно ја уништува околината. Дишеме загаден воздух, нема каде да паркираме, а јавните површини се уништени. Се навикнавме на сето она што не треба да биде нормално, нагласи кандидатот за градоначалник Шајн.
На граѓанската трибина на СДСМ во Охрид, Шајн истакна дека нема да зборува за минатото, туку за иднината, бидејќи заедно со кандидатите за советници има реални идеи, нов концепт и конкретен план.
„Урбанистичкото планирање ќе има нова димензија, ќе воведеме нови еколошки практики, а на крајбрежјето на Охридското Езеро, уредување, согласно препораките на УНЕСКО. Културата и спортот ќе добијат нова енергија, а туризмот ќе го градиме на одржливи темели, со грижа кон природата, историјата и локалните потреби“, истакна Шајн.
Нагласи дека инфраструктурата е негов приоритет и дека ќе води општина која нема да заборави никого.
„Секоја улица, секое мало, секое населено место ќе го добие потребното внимание. Ќе го слушаме гласот на месните и урбаните заедници, тие ќе бидат наш вистински партнер и сојузник во работата. Одлуките ќе се носат со народот, а не без него“, рече Шајн, додавајќи дека СДСМ е партија што досега покажала дека знае да инвестира во капитални проекти и трајни вредности.
Тој напомена дека е време е да се врати Охрид, на охриѓани и дека нема да бидат заборавени ниту социјалните семејства, пензионерите, лицата со попреченост, а за учениците вети дека ќе учат во модерни училници.
„Нашите ученици ќе се образуваат во модерни училници, а дечињата ќе добијат услови за згрижување по сите стандарди. Нашата цел е младите да ја гледаат својата иднина тука, во своето родно место“.
Увери дека тој и кандидатите за советници имаат капацитет и дека ќе работат чесно, домаќински, транспарентно и пред се, човечки, повикувајќи ги граѓаните на 19-ти октомври да ја дадат поддршката за него.
Соопштенија
Сајкоски: Да гласаме за континуитет кој значи многу проекти и многу работа за Битола, масовно да дадеме поддршка за Тони Коњановски

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски на денешниот митинг во Битола во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ истакна:
„Сите имаме иста цел, да продолжи заедничката работа и во иднина со актуелниот, но и иден градоначалник на Битола, Тони Коњановски. Кога зборуваме за континуитет зборуваме за континуитет на проекти, работи. Затоа можеме да веруваме дека Коњановски ќе испорача дупло повеќе проекти од претходниот мандат“, кажа Сајкоски.
Сајкоски укажа дека во иднина дополнително во развојот на Битола ќе придонесе и Владата.
„Соработката на локалната власт со централната е многу важна тоа се виде од претходната година кога Владата ги поддржуваше проектите на општините, а претходно најде средства за тоа“, вели Сајкоски.
Според Сајкоски треба да се стави крај на оние кои се независни, а се зависни од мал број на луѓе.
„Затоа треба масовно да излеземе и да гласаме за Тони Коњановски и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Една кандидатка бара поддршка од ДУИ. Патот го бираме ние и вие, а ние ќе го одбереме патот на проекти и работа. Затоа треба масовно да се излезе и да се гласа за континуитет кој подразбира работа“, заклучи Сајкоски.
Соопштенија
Каранфилова Пановска: Промените во Вевчани доаѓаат со Стефан Радиновски, да се избориме за нашиот дом

„Вевчани е посебно место – по својата историја, традиција, но и по духот на луѓето. Вевчанци секогаш знаеле гласно и јасно да ја кажат вистината, да кажат ‘Доста е!’ кога нешто не е како што треба“, порача заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска на граѓанска трибина во Вевчани.
Таа истакна дека на овие избори граѓаните на Вевчани повторно ќе ја покажат својата сила и решителност.
„Да му кажеме на ВМРО-ДПМНЕ доста е! И во Вевчани, а со тоа да испратиме порака низ цела Македонија. Затоа што се работи за нашиот дом.“
Каранфилова Пановска потсети дека граѓаните веќе видоа како изгледа Вевчани препуштено на ВМРО-ДПМНЕ – застанати проекти, запоставени граѓани, изгубени години. „Нивниот градоначалник не е гласот на народот, туку глас на партијата. Не работи за граѓаните, туку за бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ“, подвлече таа.
„Наместо развој видовме застој. Наместо подобар живот – растечка сиромаштија, стагнација на платите, дивеење на цените и масовна иселување. Македонија оставена без план, без визија, без перспектива. Боли кога гледаме како нашиот дом се руши. Затоа ова не се само избори – ова е борба за иднината на Македонија, за нашите деца да растат во европска, модерна и просперитетна држава,“ нагласи Каранфилова Пановска.
Таа истакна дека мисијата на СДСМ е да ја врати надежта, правдата и државата во рацете на граѓаните. „Нашата борба е за секој наш дом, за секоја наша улица, за секое семејство,“ рече таа.
Во Вевчани, Каранфилова Пановска даде поддршка за кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата, Стефан Радиноски, како и за советничката листа.
„Нашиот иден градоначалник Стефан Радиноски е човек со големо срце, со визија и амбиција за промена. Проектите во неговата програма јасно кажуваат дека Вевчани може и мора да оди напред,“ истакна заменик-претседателката.