Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски да каже кои се тие бугарски барања што тој ги прифаќа

Ковачевски да каже кои се тие бугарски барања што тој ги прифаќа, а за кои, доколку се согласи, наеднаш може да падне Владата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ковачевски молчи за изјавата на Петков дека во Македонија има Влада што ќе ги прифати бугарските барања, но дека против бугарските интереси е тие наеднаш да се реализираат зашто така ќе падне таа Влада, па наместо тоа, истите тие барања сака да ги стави во рамката за преговори за влез во ЕУ. Ковачевски молчи исто како што молчеше и за отворањето на клубот ‘Ванчо Михајлов’. Ковачевски, наместо да молчи, треба да побара заштита за македонскиот јазик, идентитет и историја“, е истакнато во писмената реакција од оваа партија.
Ковачевски, како што додаваат од таму, треба да се грижи за македонските интереси и заштита и на правата на Македонците во Бугарија, чии здруженија имаат добиено многубројни пресуди во ЕСЧП во Стразбур, а кои Бугарија не ги почитува.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо да работи во интерес на Македонија, Ковачевски молчи и чека проблемите да се решат сами од себе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
СДСМ: ДКСК да го расчисти незаконското назначување на Велковски за секретар на Град Скопје

ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска со назначување на Ѓоко Велковски за секретар на Град Скопје го прекршија законот, поточно член.44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, стои во писмената реакција од СДСМ.
Велковски, како што појаснуваат од таму е избран советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Чаир, и не може истовремено да биде секретар на Град Скопје.
„Неговата плата во Град Скопје е околу 50.000 денари, и заедно со надоместот како советник Велковски од парите на граѓаните месечно добива околу 68.000 денари.
Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по ова очигледно прекршување на законите, случајот да биде расчистен а одговорните да бидат соодветно санкционирани согласно законите. Велковски мора или да биде разрешен од функцијата Секретар на Град Скопје или да го врати советничкиот мандат, а Арсовска да одговара за ваквото незаконско постапување“, се потенцира во напишаното од страна на партијата на власт.
Оценуваат дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува по старо со прекршување на законите и партизација на институциите, работи на штета на граѓаните.
Соопштенија
СДСМ: Со Мој ДДВ за три месеци кај граѓаните вратени осум милиони евра

СДСМ преку институциите што ги предводи реализира мерки кои обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните. Само преку Мој ДДВ за првото тромесечје од оваа година кај граѓаните се вратени 491,5 милиони денари, или речиси 8 милиони евра, информираат од партијата на власт.
Оваа успешна мерка, како што додаваат, веќе три години ги остварува своите цели и тоа унапредување на даночната дисциплина, сузбивање на сивата економија и враќање пари кај граѓаните, што е особено добредојдено во ова време на светска економска криза.
Во време на светска економска криза СДСМ, потенцираат од партијата, презема низа мерки кои обезбедуваат повисоки плати и пензии и помали трошоци за граѓаните.
Појаснуваат дека минималната плата е зголемена на 18.000 денари, а од септември следува рекордно зголемување на пензиите согласно новата методологија.
„Со 26 антикризни мерки вредни 400 милиони евра се намалуваат месечните трошоци на семејствата. Ребалансот на буџетот ќе обезбеди дополнителни средства за ублажување на последиците од кризата за компаниите и за граѓаните“, се истакнува во информацијата од страна на СДСМ.
Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев бил спремен да тргува со ликот и делото на Гоце, знаел ли и Ковачевски?

„Во јавноста и медиумите излезе потврда дека Зоран Заев бил подготвен да тргува со ликот и делото на Гоце Делчев, заедно со уште други историски личности. Тоа на виделина ја вади лицемерноста на СДСМ. Кога целокупната јавност стравуваше дека Заев е подготвен да направи ваков анационален чекор, тие без срам и перде тврдеа дека тоа не е точно. Сега гледаме дека било и тоа како точно, ама СДСМ ја лажеле јавноста“, е истакнато во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кој му го дал тоа право на Заев да се пазари со ликот и делото на Гоце Делчев? Дали и Ковачевски како дел од владата учествувал во ваквото раскрчмување на националните и државните интереси?“, прашуваат од опозициската партија.
„Сега е јасно и зошто СДСМ бегаше како ѓавол од темјан од гласање на Декларација за ликот и делото на Гоце Делчев во Собранието по повод јубилејот од неговото раѓање. Се покажа целиот карактер на СДСМ. Ред анационални политики, ред лаги, ред тргување со државните интереси“, е истакнато во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Се потврди, велат од таму, дека далеку од очите на јавноста, опозицијата, парламентот, експертите, ликови како Заев и Ковачевски на маса се пазарат, како што додаваат во напишаното, со ликовите и делата од македонската историја само за да зачуваа фотелја некој месец повеќе.