Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија и во 2020 и во 2021 е на дното според странски инвестиции во регионот

Македонија, поради корупцијата на власта, е закована на дното по прилив на странски инвестиции во однос на земјите од регионот. Албанија, Косово и Србија имаат далеку повеќе инвестиции отколку Владата на заевизмот, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонија во 2020 успеала да привлече речиси 239 милиони евра, Косово повеќе од 341 милион евра, Албанија успеала да привлече приближно 933 милиони евра, а соседна Србија успеала да привлече над три милијарди евра странски директни инвестиции. Ова покажува дека во 2020 година Македонија успеала да привлече само 1,9 % од БДП како странски директни инвестиции, а Косово 4 %, Србија 4,8 % од БДП, Албанија 5,7 % од БДП. Катастрофалната состојба продолжува и во 2021 година. Заклучно со септември 2021 година Македонија има прилив на странски директни инвестиции приближно 285 милиони евра, Косово има речиси 493 милиони евра, Албанија има околу 711 милиони евра, а Србија има над 2,9 милијарди евра прилив странски директи инвестиции“, велат од партијата.
Угледниот британски весник „Фајненшл тајмс“, каде што го мери индексот за успешност на странски директни инвестиции на секоја земја во светот, како што додаваат, сега ја нема рангирано Македонија ни во првите 50 места, а во 2016 беше на високото 3. место.
„Толку од блескавите успеси на заевизмот во економијата. Ова е резултат на криминалот и корупцијата на власта. Странските инвеститори бегаат од Македонија затоа што државата е рангирана на 111. место според ‘Транспаренси’ за борбата против корупцијата затоа што Стејт департментот укажува дека главен проблем за бизнис-климата се корупцијата и неефикасното судство бидејќи германските стопанственици во Македонија ја оценија со голема нула бизнис-климата“, се вели во соопштението.
Криминалот и корупцијата на заевизмот, чиј наследник и поклоник е пионот Ковачевски, ја тоне државата секој ден сѐ подлабоко во жив песок. Со заевизмот и пионот Ковачевски нема напредок. Затоа се потребни итни предвремени парламентарни избори за да се раскрсти со заевизмот, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓоргиевска: Со заеднички труд да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, се обрати на панел-дискусијата по повод 17 Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, што беше организирана од страна на ЕУ Делегацијата и американската амбaсада, а се одржа во ЕУ резиденцијата во Скопје.
Во своето обраќање, Ѓоргиевска посочи дека е потребно да зборуваме за чувствителните теми за да имаме реална слика за предизвиците на нашето заедничко општество. Таа истакна дека сите сме различни по разни основи, но сите живееме во еден заеднички дом – којшто сите имаме обврска да го градиме како отворено и демократско општество.
„Потребно е сите заеднички да работиме на унапредување на правата на секоја заедница, а особено кога станува збор за ранливите заедници. Еднаквоста во уживањето на основните права, пристапот до правдата, социјалната и здравствената заштита, еднаквите можности при образование и вработување се потребни за да овозможиме секој член на нашата заедница, без разлика на сексуалната ориентација и родовиот идентитет да има предвидлива и стабилна иднина“, порача сопругата на Претседателот.
Ѓоргиевска во обраќањето ги посочи Истанбулската конвенција која дава широка рамка за подобри законски решенија, подигање на свеста, зајакнати капацитети на институциите и поголема соработка со граѓанскиот сектор и Законот за спречување и заштита од дискриминацијата како алатка кога станува збор за загрозување на правата на лицата на основа на сексуална ориентација.
Сопругата на Претседателот подвлече дека во справувањето со предизвиците добро е да се остварува соработка помеѓу државните институции и граѓанскиот сектор, активистите, затоа што не секогаш ЛГБТИК+ лицата се чувствуваат комфорно за да зборуваат отворено или, пак, да се пожалат или пријават доколку сметаат дека некое право им е загрозено, доживеале дискриминација или преживеале насилство.
Ѓоргиевска рече дека развивањето на отворено и демократско општество е долгорочен процес и дека работите не се менуваат преку ноќ, но посочи дека со заеднички труд ќе успееме да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди во кое ранливите сограѓани ќе бидат заштитени.
На настанот свои обраќања имаа и Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, Кејт Мери Брнс, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Кире Василев, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и активисти за правата на ЛГБТИК+ лицата.
Македонија
СДСМ: Преку дијалог со СОНК до решенија и најголемо покачување од 15 отсто на платите во образованието

И во услови на најголема економска и енергетска криза, СДСМ продолжува со политиката на покачување на платите и вреднување на трудот на работниците, преку отворен и инклузивен дијалог. Потврда дека само преку социјален дијалог може да се дојде до решение е постигнатата согласност меѓу Владата и СОНК за најголемо покачување на платите во образованието за 15 отсто, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21% зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието.
За споредба, само до пред 5 години максималното зголемување на платите беше 4%, без светска економска и енергетска криза.
Покачувањето согласно ова решение ќе се реализира од септември годинава, а сите просветни работници кои штрајкуваа ќе им бидат исплатени платите во целост.
Следува дефинирање на методологијата за континуиран раст на платите со што ќе го заштитиме стандардот на наставниците и ќе овозможиме континуиран раст на платите, без тоа да зависи од нечија политичка волја.
СДСМ секогаш била и ќе биде на страната на работниците.
Како одговорна партија, продолжуваме посветено да работиме на подобрување на животниот стандард на граѓаните дури и во услови на најголема економска криза, се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пациентите болни од одредени видови рак оставени без терапија, власта не набавила медикаменти

Пациентите болни од одредени видови рак оставени без терапија, власта не набавила медикаменти. 90 пациенти со колоректален, оваријален и цервикален карцином речиси цел месец не ја примаат препишаната биолошка терапија. Пациентите не добиваат конкретна информација кога ќе може повторно да ја добијат неопходната терапија, која им е неопходна, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека количините набавени преку Министерството за здравство се исцрпени, а Клиниката за радиотерапија и онкологија нема отворено нов тендер. Кога во прашање се тендери од кои профитира некој од власта се штанцаат огласи, а кога треба да се набави терапија за болните од рак, никој со прст не мрда.
Со ваквиот развој на настаните и неодговорноста кај власта се очекува дека до крај на месец мај ќе биде прекината и терапијата на 30 пациенти со метастатски меланом, со што директно се загрозува нивниот живот.
Доколку власта наместо да работи продолжи да краде и не ги извршува ниту основните работи, во текот на наредните месеци ќе се исцрпат количините и за повеќе други неопходни биолошки лекови, вклучително и имунотерапија за над 150 пациенти со белодробен карцином, карцином на бубрег и карцином на дојка.
Неодговорноста и неспособноста на СДСМ и ДУИ директно загрозува стотици животи, се вели во соопштението.