Соопштенија
Движење Беса: Новата власт е нелегитимна, изградена на пазарење со купопродажба на пратеници

Очекувано, новата влада во претставувањето на програмата докажува дека нема ниту политички капацитет ниту изборен легитимитет да ја води државата, реагираат од Движењето Беса.
„Во време на политички, економски, социјални и образовни предизвици, наместо да понуди решенија за суштински проблеми, новиот премиер ја разоткрива идејата за декриминализација на канабисот и празната политичка реторика која не гарантира сигурна иднина на земјата.Сите забелешки што периодов ги даде Движењето Беса се докажани како точни, затоа најдобро решение за излез од кризата што ја предизвикува ова владата се предвремените парламентарни избори“, додаваат од таму.
Според нив, извртувањето на политичката волја, пазарењето со купопродажбата на пратеничките мандати, како што велат, ја делегитимираа оваа власт затоа сугерираат дека единствен излез од целата оваа состојба се прави само со враќање на мандатот на народот.
„Движењето Беса ќе ги искористи сите демократски механизми за дополнително да го прикаже вистинското лице на ова нелегитимна, недемократска власт која е изградена на интерес на пазарење со купопродажба на пратеници, а не на политички принципи кои треба да ги има една влада“, велат од Беса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Рекордно покачување на платите од 15% за наставниците

Демократската унија за интеграција го поздравува постигнатиот договор меѓу Владата и Синдикатот за образование, наука и култура. Во услови на најголемата економско-енергетска криза, ДУИ продолжува со политиките на зголемување на платите, со што преку отворениот дијалог го вреднува трудот на работниците. Со овој постигнат договор уште еднаш се докажува дека преку социјален дијалог може да се постигне договор кој е прифатлив и достапен за сите, а со ова вработените во образованието веќе од септември да имаат повисоки месечни плати за 15 отсто, историско покачување на плати, се вели во соопштението од ДУИ.
Од партијата наведуваат се систематски посветени за подобрување на животниот стандард на вработените во образованието, потсетувајќи дека на ова зголемување од 15 отсто му претходеше кумулативното зголемување од 21 отсто од 2017 година, период кога со Министерството за образование раководеше кадар на ДУИ.
Зголемувањето на месечните плати е во согласност со одлуката да реализацијата почне од месец септември оваа година, додека на сите вработени во образованието кои штрајкуваа да им се даде целосна плата.
Паралелно со зголемувањето на платите во образованието, продолжуваме да ја дефинираме методологијата за постепено зголемување на платите, со што ќе се заштити стандардот на наставниците и истовремено ќе се отстрани политичкото влијание од образованието.
Демократската унија за интеграција, низ овие 20 години се покажа како одговорна партија која стои покрај граѓаните и истата ќе продолжи и во иднина да го подобрува животниот стандард, дури и во услови на економска криза, се вели во соопштението.
Македонија
Ѓоргиевска: Со заеднички труд да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, се обрати на панел-дискусијата по повод 17 Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, што беше организирана од страна на ЕУ Делегацијата и американската амбaсада, а се одржа во ЕУ резиденцијата во Скопје.
Во своето обраќање, Ѓоргиевска посочи дека е потребно да зборуваме за чувствителните теми за да имаме реална слика за предизвиците на нашето заедничко општество. Таа истакна дека сите сме различни по разни основи, но сите живееме во еден заеднички дом – којшто сите имаме обврска да го градиме како отворено и демократско општество.
„Потребно е сите заеднички да работиме на унапредување на правата на секоја заедница, а особено кога станува збор за ранливите заедници. Еднаквоста во уживањето на основните права, пристапот до правдата, социјалната и здравствената заштита, еднаквите можности при образование и вработување се потребни за да овозможиме секој член на нашата заедница, без разлика на сексуалната ориентација и родовиот идентитет да има предвидлива и стабилна иднина“, порача сопругата на Претседателот.
Ѓоргиевска во обраќањето ги посочи Истанбулската конвенција која дава широка рамка за подобри законски решенија, подигање на свеста, зајакнати капацитети на институциите и поголема соработка со граѓанскиот сектор и Законот за спречување и заштита од дискриминацијата како алатка кога станува збор за загрозување на правата на лицата на основа на сексуална ориентација.
Сопругата на Претседателот подвлече дека во справувањето со предизвиците добро е да се остварува соработка помеѓу државните институции и граѓанскиот сектор, активистите, затоа што не секогаш ЛГБТИК+ лицата се чувствуваат комфорно за да зборуваат отворено или, пак, да се пожалат или пријават доколку сметаат дека некое право им е загрозено, доживеале дискриминација или преживеале насилство.
Ѓоргиевска рече дека развивањето на отворено и демократско општество е долгорочен процес и дека работите не се менуваат преку ноќ, но посочи дека со заеднички труд ќе успееме да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди во кое ранливите сограѓани ќе бидат заштитени.
На настанот свои обраќања имаа и Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, Кејт Мери Брнс, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Кире Василев, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и активисти за правата на ЛГБТИК+ лицата.
Македонија
СДСМ: Преку дијалог со СОНК до решенија и најголемо покачување од 15 отсто на платите во образованието

И во услови на најголема економска и енергетска криза, СДСМ продолжува со политиката на покачување на платите и вреднување на трудот на работниците, преку отворен и инклузивен дијалог. Потврда дека само преку социјален дијалог може да се дојде до решение е постигнатата согласност меѓу Владата и СОНК за најголемо покачување на платите во образованието за 15 отсто, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21% зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието.
За споредба, само до пред 5 години максималното зголемување на платите беше 4%, без светска економска и енергетска криза.
Покачувањето согласно ова решение ќе се реализира од септември годинава, а сите просветни работници кои штрајкуваа ќе им бидат исплатени платите во целост.
Следува дефинирање на методологијата за континуиран раст на платите со што ќе го заштитиме стандардот на наставниците и ќе овозможиме континуиран раст на платите, без тоа да зависи од нечија политичка волја.
СДСМ секогаш била и ќе биде на страната на работниците.
Како одговорна партија, продолжуваме посветено да работиме на подобрување на животниот стандард на граѓаните дури и во услови на најголема економска криза, се вели во соопштението.