Соопштенија
Македонска премиера на ŠKODA ENYAQ: Емотивен, ефикасен и електрифициран
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/12/1-1.jpg)
› Прв модел на ŠKODA базиран на MEB платформата
› Погон на задни или на сите тркала, батерија od 82 kWh и моќност од 285 KS
› Досег од 510 km – 560 km според WLTP и брзо полнење на батерија
› Емотивен и динамичен нов дизајнерски јазик на ŠKODA
› Нов концепт на дизајн за внатрешноста и типични Simply Clever решенија
Со претставувањето на сосема новиот ENYAQ на нашиот пазар, ŠKODA го прави следниот чекор во имплементацијата на својата стратегија за е-мобилност. Целосно електричниот SUV е првиот сериски модел на чешкиот производител на автомобили кој се базира на модуларната платформа за електрични автомобили MEB на групацијата Volkswagen. ŠKODA ENYAQ нуди погон на задните или на сите тркала, заедно со опсег што е совршено погоден за секојдневна употреба, покривајќи од 510 км – 560 км* според циклусот WLTP и типична пространост препознатлива за брендот.
ŠKODA продолжува да го развива својот емотивен дизајнерски јазик – за таа цел, новиот SUV се одликува со целосно нов внатрешен концепт кој нуди избор на пет дизајн селекции наместо класични нивоа на опременост и сосема нова структура на достапните опции.
Миле Станчев, Бренд Менаџер за ŠKODA изјави: „Со лансирањето на ENYAQ отпочнува нова ера за ŠKODA. Ова е нашиот прв целосно електричен и еколошки автомобил. Со лансирањето на овој модел, електричната мобилност ја правиме Simply Clever – со голем досег, брзо полнење и лесно ракување. Освен што е еколошки ENYAQ е и исклучително забавен и возбудлив за возење, што се отсликува преку техничките податоци за забрзување од 0 до 100 км/ч за само 6,7с и максимална брзина од 180 км/ч .
Најважните моменти на сосема новиот ŠKODA ENYAQ:
› Електричен погон: ENYAQ може да се пофали со целосно нов погонски концепт, искористувајќи ги можностите што ги нуди модуларната платформа за електрични автомобили MEB на групацијата Volkswagen во која батеријата е вградена во подот на возилото со цел да се добие добра распределба на тежината. Батеријата е со капацитет од 82 kWh (бруто) или 77 kWh (нето) со максимална излезна моќност од 210 kW или 285 KS, вртежен момент од 545 Nm и погон на задните или на сите тркала. Со опсег до 510 km – 560 km* според циклусот WLTP, новиот ENYAQ е идеален секојдневен придружник.
› Безбедност: Новите системи за асистенција вклучуваат Travel Assist, кој сега има уште повеќе функции, како и функција за паркирање со далечинска контрола.
› Надворешност: Дизајнерскиот јазик на ENYAQ е емотивен, моќен и динамичен. Новиот SUV се карактеризира со совршени пропорции и извонредна просторност и се нуди во две каросериски варијанти, како класичен SUV во ENYAQ и како спортска купе-SUV варијанта во ENYAQ Coupe. И двете варијанти на ENYAQ нудат сличен внатрешен простор како ŠKODA KODIAQ, и покрај тоа што се пократки по должина од ŠKODA OCTAVIA. Како опционални додатоци, осветлената кристална предница – која доаѓа со анимирана функција Coming/Leaving Home – и целосно LED матрични фарови го красат впечатливиот преден дел со големата маска на ŠKODA. Целосните LED задни светла вклучуваат динамични индикатори, а имаат и анимирана функција Coming/Leaving Home. Стандардно ENYAQ доаѓа со Алуминиумски тркала од 19”, но по желба може да има и тркала од 20 или 21” како што се тркалата Supernova со кои е опремено изложеното возило.
› Внатрешност: Новите Дизајн селекции – Loft, Lodge, Lounge, Suite & Eco Suite ги заменуваат класичните нивоа на опременост и поставуваат нови стандарди за внатрешноста. Секоја опција на дизајн, обезбедува прекрасен внатрешен простор со кој буди исклучително добро чувство и содржи природни, одржливо обработени и рециклирани материјали. Новата структура на достапните пакети на опрема – пет тематски пакети, како и некои поединечни опции – го прави брзо и лесно приспособувањето на возилото за да одговара на вкусот на сопственикот. За спортски расположените возачи, ŠKODA го нуди ENYAQ Sportline кој со надворешниот „Black” пакет, спортски профилираните седишта и спортската шасија ги нагласуваат спортските амбиции на автомобилот.
› Поврзување: Со 13 инчи, централниот екран на ENYAQ е поголем од која било друга ŠKODA. Уште повеќе, целосно новиот SUV е секогаш онлајн и паметно поврзан. Полнењето на батеријата и климатизацијата во внатрешноста може лесно да се контролираат од далечина преку апликацијата ŠKODA Connect.
› Simply Clever: ŠKODA разви решенија Simply Clever специфични за електричните возила, како што е средство за чистење на кабелот за полнење, заштитно капаче за приклучокот за полнење и преграда за кабелот за полнење под подот на багажникот. Новата централна конзола распоредена на две нивоа обезбедува многу простор; „паметната“ преграда гарантира дека багажникот е секогаш уреден. Во ENYAQ, класичната гребалка за мраз на ŠKODA се наоѓа во внатрешноста на автомобилот – поточно во неговата задна врата.
› Полнење: ŠKODA нуди неколку верзии на ѕидната кутија ŠKODA за полнење дома. Користејќи го кабелот за брзо полнење, сопствениците можат да го полнат својот ŠKODA ENYAQ и на сите станици за брзо полнење, како и на најбрзите DC полначи во државата кои се наоѓаат во Порше Македонија.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Соопштенија
Почна со реализација проектот „Малите алкалоидовци го истражуваат ‘Алкалоид’“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/nm-1.jpg)
„Алкалоид“ во својот развоен фокус ги има, пред сѐ, своите вработени и нивните семејства, а грижата за најмладите е клучен дел од алкалоидовата корпоративна култура. Во насока на зајакнување на чувството за припадност на колективот и кај најмладите членови, „Алкалоид“ ги отвори вратите од своите производствени погони во сегментот козметика за децата на тамошните вработени, со цел непосредно запознавање со компанијата во која нивните родители го поминуваат своето работно секојдневие.
Овој настан, кој им овозможи на малите истражувачи да ги посетат одделенијата за развој, производство и за пакување на производите од портфолиото на Becutan на локалитетот Лафома, во присуство на своите родители, претставува еден од повеќето планирани кои ќе се организираат во рамките на проектот Малите алкалоидовци го истражуваат „Алкалоид“. Ваквото зближување на малите алкалоидовци со компанијата преку еден интересен, проактивен пристап и преку наменски конципирана едукација, во согласност со нивната возраст, им отвори еден целосно нов свет за истражување, кон кој пристапија со неверојатна љубопитност и желба за осознавање.
Организираните посети на малите алкалоидовци ќе станат традиција, а се очекува компанијата да ја посетат повеќе од 1.000 деца на вработените, на возраст од 3 до 18 години.
Покрај едукативниот дел, во чии рамки децата имаа можност од прва рака да ја осознаат работната средина на своите родители, настанот беше збогатен и со забавни содржини за запознавање и за меѓусебно дружење низ спорт и игра во организирани активности.
Човечките ресурси остануваат во развојниот фокус на „Алкалоид“ како едно од највредните капитални добра на алкалоидовата берза на вредности.
ПР текст
Соопштенија
Јанушев: Хајката на СДС е неоснована, ги фаќа страв затоа што секојдневно како Генерален секретаријат откриваме нови злоупотреби и ќе треба да одговараат
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2020/04/janusev-1.png)
„Со денови ги гледам оние трагикомични обиди на СДС и нивните докажани полтрони и сателити во политиката како отворено лажат и ме дискредитираат, како измислуваат и се прпелкаат. Толку изгледа бедно и мизерно нивното поведение што совршено го отсликува мочуриштето во кое се потопени, а во кое царува политиката на ниски страсти, ниски удари и безидејноста која дава одговор зошто и 180 илјади гласови кои ги освоија на последните избори, што е историски најслаб резултат на СДС, на наредните ќе биде недостижна граница затоа што ќе потонат уште подлабоко“, вели Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ откако денеска на прес-конференција Кузеска од СДСМ кажа дека Панче Тошковски и Игор Јанушев имаат станови во поклонетиот имот на Јанушев.
„Ве пуштав да се излизгате… прво да изнесе лаги еден сдсовски сателит и советник на криминалното СЈО, во исто време шарен револуционер и познат лажен патриот, па потоа да се надоврзе една пара партиска структура и на крај да излезе изворот на таквите дезинформации, партијата која ја води неврохирургот на Заеви или како што во СДС го викаат малиот на Зоки, Венко Филипче.
Па да ви одговорам по ред.
Прво, СДС вели дека имотот на анкетниот лист е енормно зголемен. Тоа не е вистина и е комплетна лага. Не само што не е зголемен, туку е и двојно помал доколку се направи споредба со тој од 2017та година.
Второ, не постои никакво подарено земјиште … има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС&ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува.
Трето, 7 години бандитите на ДУИ и СДС беа на власт. 7 години водеа политички процес и хајка врз мене и тоа за непостоечки случај за набавка на автобуси, и кога можеа за тоа да водат случај, што мислите колку пати ќе бев затворен доколку е вистина она што сега го говорат?
Да не заборавиме дека само до месец и половина, тие беа баграта која водеше процеси, која судеа луѓе, обвинуваа и прогласуваа за виновни. Ова се криците на истите тие бандите кои нема да не поколебаат во намерата Македонија да ја вратиме на народот.
А сега ќе ви кажам и зошто се исплашени. Затоа што меѓу другото како Генерален секретар на Владата, работејќи од 12 до 16 часа на ден, доаѓам до фрапантни сознанија. Ајде тоа што затекнавме празни канцеларии, без столчиња и услови за работа, туку ќе треба да одговарате и за милионите евра фрлени за софтвери кои не функционираат, за картички кои не работат, за машини за штампање на пластика и документи кои невообичаено се во посед на ГС, за набавка на клима уреди кои се несоодветни за тоа што е потребно, но важно критериумот набавувачот да е од Струмица е задоволен и ред други работи.
Паразити кои ја оставија Владата со затворен главен влез затоа што 2 години не ги сервисирале скенерите и полесно им било да го затворат влезот.
Останете така. ОЈО има работа. А, вие продолжете да измислувате и да се давите во барата“, вели Јанушев.
Соопштенија
Левица: Клиничките центри остануваат руинирани, ребалансот предвидува тројно намален буџет
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/12/untitled-20-e1543931531449.jpg)
Новата влада предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ на самиот старт ја обезвредни здравствената дејност. Трикратно намалување на буџетските средства за изградба на државните Клинички центри и болници низ Македонија со новиот ребаланс на буџетот. Од прв ден докажа дека нема цели и соодветни приоритети за зајакнување на капацитетите на јавното здравство, како и унапредување на пристапот до здравствена заштита како важен елемент во еден државен систем, истакнуваат од Левица.
„Предвидено е трикратно намалување на средствата за доизградбата на Клиничкиот центар во Штип, како и за нов Клинички центар во Скопје, иако во предизборната кампања, ДПМНЕ како приоритет на новата Влада ја промовираше доградбата на Клинички центар во Штип и изградба на нов Клинички центар во Скопје.
Средствата за доизградба на Клиничкиот центар во Штип и нов Клинички центар во Скопје се намалени од 2,5 милиони евра на само 880 илјади евра;
Од 2 милиони евра, намалување на 780 илјади евра има и за Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид и Клиниката за хирургија во Скопје;
Од 800 илјади евра, сега само 29 илјади евра има и за ЈЗУ Општа болница во Кичево.
Политиката на кратење на средства од јавното здравство укажува на фактот дека намерата на новата власт е да продолжи со руинирање на јавното здравство. Продолжува политиката на Венко Филипче и Фатмир Меџити кои на штета на јавното здравство граѓаните ги фрлија во канџите на приватните болници, коишто своите услуги ги наплаќаат десеткратно повисоко во однос на државните болници“, велат од Левица.
Потсетуваат дека министерот за здравство, Таравари, на прес конференција децидно посочи дека нема покачување на платите за здравствените работници до крајот на годинава поради буџетскиот дефицит.
Но од Левица дополнуваат дека за огромниот број на работници во јавниот сектор, oд кои голем дел не се појавуваат на работното место, власта одвои 723 милиони евра.
Левица ја осудува, како што велат, неразумната одлука за измена на висината на буџетските средства насочени кон јавното здравство.
„Како партија се залагаме за зголемени инвестиции во сите сегменти на јавното здравство. Држава мора да изнајде механизми, средства и решенија со кои на најголемиот дел од граѓаните во Македонија ќе им биде достапно бесплатно јавно здравство со врвни професионални здравствени услуги, почнувајќи од здравствените домови, па се до клиничките центри“, потенцираат од партијата.