Македонија
Платформата за родова еднаквост: Бараме итни мерки за расчистување на случајот „Јавна соба“

Платформата за родова еднаквост упати барања до Министерството за внатрешни работи за конечно разрешување на случајот „Јавна соба“ и доследна заштита на жените жртви на родово насилство.
„Со жалење заклучуваме дека иако сте министер за внатрешни работи веќе втор мандат, ние во практика не гледаме никакво унапредување во однос на постапувањето на полицијата во ваквите случаи. Дури и најдобрите закони во областа нема да имаат ефект доколку полицијата продолжи со непрофесионално постапување, засновано на лични и произволни ставови засновани на родови стереотипи и предрасуди“, изјави Бојана Јовановска.
Од Платформата за родова еднаквост велат дека жените не ѝ веруваат на полицијата и сметаат дека пријавувањето е залудно поради практиките на непостапување, неверување и релативизирање на искуства на жртвите.
Здруженијата истакнаа дека во полицијата постои непотизам, корупција и култура на прикривање пропусти меѓу полициските службеници поради кои, како што велат, насилниците поминуваат несанкционирано, а жртвите губат верба во системот.
Сметаат дека отсуството на санкции за полициски службеници, кои се сторители на насилство кон жени, особено кон
маргинализирани групи на жени, како Ромки, сексуални работнички, бездомнички и други, е уште еден показател дека наместо да владее правото, владее моќта на посилниот.
„Искуствата на жените на кои со години им обезбедуваме бесплатна правна помош и други услуги и во чие име застапуваме промени во законската рамка и навремен и професионален однос на службите што постојат за да обезбедат нивна заштита, покажуваат дека случаите во кои полицијата соодветно постапува се исклучок, а не правило.
Секторот за внатрешна контрола во своето постапување нема волја соодветно да ги истражи случаите и бара жртвите да докажуваат несоодветно постапување, а сите доказни средства се во рацете на полицијата“, дополнува
Јовановска.
Тие побараа итна испорака на конкретни резултати со рок до 8 март, кои ќе покажат дека конечно се преземаат мерки за унапредување на состојбите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ. Членовите донесоа одлука со која е дадена согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државата:
1. Бутел – Оливера Ливриниќ
2. Велес – Маја Хеско
3. Гевгелија – Миле Атанасов
4. Делчево – Дејан Глинџарски
5. Демир Капија – Лазар Петров
6. Конче – Благој Илиев
7. Кратово – Влатко Спировски
8. Кривогаштани – Игор Каравиловски
9. Македонски брод – Ивица Стојковски
10. Ранковце – Даниел Крстевски
11. Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините’“, соопштија од партијата.
Македонија
Гужва на границите: на Богородица и Табановце се чека по 40 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, информира АМСМ.
На ГП Богородица времето на чекање за влез е околу 40 минути, на ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 20 минути, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека пак на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.