Соопштенија
СДСМ: Ги знаеме црвените линии на Мицкоски, прифати НМК и скандалозни резолуции

Таканаречените црвени линии на Христијан Мицкоски познати му се секому. Истиот тој Мицкоски прифати на конгрес на Европската народна партија (ЕПП), немаше ништо против, наместо да биде претставен со името на државата, да биде претставен со кратенката НМК, кој важи само за регистарските таблички, соопшти СДСМ.
„Мицкоски не се побуни ниту кога ЕПП усвои резолуција, која е целосно спротивна на државните позиции, која ги промовира во целост бугарските позиции и е далеку полош предлог од предлогот против кој Мицкоски и неговите пратеници со сите сили се спротивставуваа. Ете тоа се црвените линии на Мицкоски, линии дијаметрално спротивни од црвените линии дефинирани со резолуцијата усвоена со консензус во македонското Собрание.
Мицкоски е очаен, осамен и изгубен во сопствената деструкција, затоа мораше да оди по нови насоки во Будимпешта, затоа ги условува своите пратеници со ништовни нотарски изјави, без никакво правно дејство. Мицкоски ќе остане запаметен по тоа што во клучните моменти за државата тој бил на спротивната страна и одработувал за туѓи интереси, на штета на интересите на граѓаните“ се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Поради неспособната Влада на СДСМ и ДУИ, Македонија меѓу државите со највисока инфлација

Македонија соборува рекорди породи катастрофалното справување со економската криза. Македонија е меѓу земјите со најголема инфлација во Европа. Големиот процент на инфлација го јаде и така кревкиот животен стандард на граѓаните, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека неуспешното справување со инфлацијата од страна на Владата на СДСМ и ДУИ и од страна на Народната банка нè искачи веќе подолг временски период на врвот на листата во Европа според висината на стапката на инфлација.
И во јули, според објавените податоци за годишната инфлација (на 21 држава), Македонија е на 4. место. Вкупно 17 држави имаат пониска инфлација, а само три имаат повисока инфлација од регистрираната во Македонија. Годишната инфлација во Македонија е и двојно повисока од годишната инфлација во Албанија во јули 2022 година.
Ова покажува дека животот поскапе значајно повеќе кај нас дома отколку во Европа. Воедно, ако на ова додадеме дека порастот кај платите не ја следи стапката на инфлација во повеќето сектори во економијата, тогаш јасно е дека народот е значајно осиромашен.
Наместо мерки за спречување на економската криза и помош за граѓаните и најранливите категории, државата се решава да удри директно по џебот на граѓаните и со зголемување на даноците да го полни испразнетиот буџет.
Оваа Влада ни донесе национална и економска катастрофа. За излез од оваа економска катастрофа, која ѝ се случува на државата, и за запирање на сите национални предавства, потребни ни се предвремени парламентарни избори, се вели во соопштението.
Македонија
СДСМ: Лажговци и лицемери, ВМРО-ДПМНЕ на луксузните хотели и плажи во Монте Карло

ВМРО-ДПМНЕ е пример за лицемерство, за дрско и безобразно лажење на граѓаните. Додека глумат загриженост за економската состојба и животниот стандард, партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ летуваат на луксузни хотели и плажи во Монте Карло, во ексклузивни рисорти во Црна Гора и други монденски дестинации, се вели во соопштението од СДСМ.
Ете колку раководството на ВМРО-ДПМНЕ се грижи за стандардот на граѓаните, ете како го замислуваа протестното лето со кое го лажеа првенствено своето членство, а потоа и граѓаните.
Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, раскалашеноста, безобразноста и лицемерството – беа и останаа заштитен знак за партијата предводена од Христијан Мицкоски, се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта на СДСМ и ДУИ донесе хаос во образованието, нема учебници, нема сведителства

Министерството за образование и наука, наместо концепција, создава хаос. Концепција подразбира план и стратегија, а во случајот гледаме неспособност и неодговорност, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека сè е сведено на импровизации што скапо се плаќаат. Наставниците и образовниот кадар се соочуваат со тотален колапс на системот, а на помалку од половина месец до почетокот на учебната година нема учебници. Наместо учебниците, се нудат материјали за учење, прирачници, упатства и слични експерименти што не може да бидат целосна алтернатива на учебникот. Печатењето на учебници доцни и голема е веројатноста дека до октомври, па и декември учениците нема да имаат книги.
Дополнително, веќе два месеца доцни и доделувањето на сведителствата бидејќи не биле набавени доволно сведителства за учениците. Ова покажува целосна неспособност и неодговорност на властите. Тие очигледно се изненадени со почетокот, но и со крајот на учебната година, исто како што би било изненадување снег во зимските месеци.
Поради оваа власт на СДСМ и ДУИ, се случува тотален распад на системот и на институциите. Образованието тоне исто како што тонат сите области во Македонија. Криминалната власт ја уништува државата. Ова мора да престане. Најдобар начин за справување со оваа штетна власт на Ковачевски се предвремени парламентарни избори, се вели во соопштението.