Соопштенија
СДСМ: Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ е антидржавна, СДСМ ќе се спротивстави на блокадите

Неодговорна, штетна и антидржавна е одлуката за блокада на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, реагираат од владејачкиот СДСМ на прес-конференцијата на Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски, по нарачка на Никола Груевски, прави сè државата да има дополнителни проблеми во време на најголема светска економска и енергетска криза, среќен единствено кога создава блокади. Сето ова Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го прават во обид да ја покријат неспособноста на нивните градоначалници, но и криминалот во нивните редови потврден со признанија и ефективни судски пресуди. Собранието не е пазар туку законодавен дом во којшто се носат закони од интерес на граѓаните. Не може Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се пазарат кој закон ќе го блокираат а кој не. Сите закони блокирани од опозицијата се закони од интерес на државата и за добро на граѓаните и тоа е факт“, е потенцирано во напишаното од страна на партијата на власт.
Од таму оценуваат дека одговорни политичари не прават блокади, не уценуваат, не одмагаат, не се ситат кога на народот му е тешко. Спротивно на тоа, додаваат од СДСМ, помагаат, работат, предлагаат, бараат решенија, нудат предлози.
СДСМ, појаснуваат од партијата, има решенија за деструкцијата на Мицкоски.
„Со сите демократски средства и деловнички можности, СДСМ и парламентарното мнозинство ќе се спротивстави на блокадите и деструкциите од ВМРО-ДПМНЕ. Нема да дозволиме граѓаните да страдаат заради лични или партиски хирови на Мицкоски. Парламентарното мнозинство е зголемено, стабилно и е функционално, а парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин, во 2024 година“, е нагласено во соопштението испратено од оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Единствена Македонија побара од Руската православна црква да ја признае автокефалноста на МПЦ – Охридска архиепископија

Политичката партија Единствена Македонија побарала од Руската православна црква признавање на автокефалноста на Македонската православна црква.
Од партијата на Јанко Бачев велат дека таквиот чекор е од големо значење земајќи ја предвид водечката улога на Руската православна црква меѓу православните цркви.
„Врските меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија со Русија и Руската црква како стари словенски центри се континуирани во текот на вековите и датираат од времето на македонските просветители Кирил и Методиј. Но, од разноразни причини Руската православна црква досега не ја признаваше Македонската православна црква – Охридска архиепископија иако секогаш беше подготвена да им даде православна помош на браќата во Македонија“, наведе партијата преку допис до медиумите.
Единстевна Македонија искрено се надева и ја очекува радосната вест од Руската православна црква да ја исправи историската неправда кон МПЦ-ОА и безусловно да обајви признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да објасни што договарал со бугарските здруженија во државата наместо да се крие зад соопштенија од белиот дворец

Наместо од белиот дворец секојдневно да пласираат лаги и невистини, Христијан Мицкоски треба да излезе и да објасни што договарал со претседателите и основачите на бугарските здруженија и клубови во државава. Основачите на клубот „Ванчо Михајлов“ имаат објавено многубројни фотографии, на кои се во друштво на Мицкоски и високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека деновиве во јавноста се појавија и фотографии на кои Мицкоски во еден манастир е сликан со претседателот на здружението „Цар Борис Трети“. Која била целта на овие среди и што договарал Мицкоски, тоа треба да каже тој наместо да се крие зад соопштенија од белиот дворец.
Владата предводена од СДСМ во врска со прашањето со Бугарија постапува сериозно и одговорно заштитувајќи ги црвените линии поставени со резолуцијата усвоена во Собранието.
Ниту за Гоце Делчев, ниту за јазикот ниту за македонската посебност нема и нема да има какви било преговори, македонскиот идентитет денеска е меѓународно потврден и загарантиран, ВМРО-ДПМНЕ да престане да глуми патриотизам и да ги лаже и вознемирува граѓаните, се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Барањата на Бугарија не смее да станат дел од преговарачката рамка

Oпозициската ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека барањата на Бугарија не смее да станат дел од преговарачката рамка.
Од партијата преку соопштение велат дека Ковачевски молчи, додека таква рамка е капитулација за државата.
„Бугарските барања за ставање на нивните ултиматуми и уцени во преговарачката рамка, која ќе треба да ја исполни земјава при влез во ЕУ, се заглавување на Македонија и можност Бугарија да бара нови и нови отстапки кога ќе посака, а сето тоа да го правда како обврска за влез во ЕУ“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи ставање на бугарските барања во преговарачка рамка доколку тоа треба да биде гласано во Собранието.
„Прифаќање таква рамка е капитулација за државата. Ковачевски да не молчи и да каже и дали одобрил откажување од Гоце Делчев? Ковачевски, како и се досега, молчи и за преговарачката рамка што сакаат да ја наметнат Бугарите и за Делчев. Ковачевски не направи ништо за државата откако е премиер. Само порази и неуспеси. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори што побргу“, се додава во соопштението.