Соопштенија
СДСМ: Поради деструктивноста и одбраната на насилници ВМРO-ДПМНЕ уште долго ќе бидат опозиција

Аудио снимката со скандалозна содржина, каде се слушаат два гласа за кои се тврди дека се дел од осудените за 27 април, од кои еден од нив упатува морбидни закани за ликвидација на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, како и на луѓето кои го поддржуваат, предизвика згрозување на јавноста, стои во писменото соопштение на СДСМ.
Според владејачката партија, објавувањето на снимката доаѓа само неколку дена по одржувањето на протестите поддржани од ВМРО-ДПМНЕ, каде се бараше ослободување на осудените за 27 април.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски цврсто стојат зад вакви насилници и бараат слобода за овие луѓе, осудени насилници кои се закануваат дека ќе го повторат насилството, кои се закануваат со убиства. Мицкоски ги нарекува уставобранители лицата кои посегнаа по животите на пратеници, новинари, луѓе од собраниските служби, кои претепаа пратеник кој заврши и во кома. Насилници никогаш не биле, ниту ќе бидат уставобранители“, потенцираат од СДСМ.
Од таму додаваат дека, ВМРО-ДПМНЕ за сите овие години раководена од Мицкоски се докажала како партија која стои на страната на криминалот, брани насилници, пласира лажни вести и опструира значајни процеси.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат токму ваква алтернатива на граѓаните. Јасна е разликата меѓу СДСМ која посветено работи на демократизација на општеството, на интеграција и економски раст и развој и ВМРО-ДПМНЕ која цврсто стои на браникот на криминалот и работи спротивно на интересите на граѓаните и државата“, е наведено во писмената реакција од партијата на власт.
Истакнуваат дека граѓаните ја препознаваат разликата и затоа според нив, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски шест пати се казнувани од народот и како што велат ќе бидат казнувани и понатаму, затоа што деструктивноста е единственото нешто што го нудат на народот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Уште едно сценарио на Мицкоски и Апасиев пропадна, не успеа планот за инциденти

Пропадна уште едно сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и Левицата, од една страна, и бугарското ВМРО од друга, за создавање тензии, конфликти и хаос, велат од СДСМ.
„Државата, институциите, Министерството за внатрешни работи со одговорен ефикасен и професионален однос не дозволи да се случат инциденти.
Јавната безбедност беше зачувана на високо ниво, не се дозволија ескалации и загрозување на јавниот ред и мир, а чествувањето на 151 година од раѓањето на македонскиот великан, визионер и револуционер Гоце Делчев се одвиваше мирно и достоинствено“, е потенцирано во соопштението од оваа партија.
Затоа, како што додаваат од таму, заложникот на Димитар Апасиев, Христијан Мицкоски, е во очај и разочаран бидејќи навремено беше спречен неговиот план за предизвикување инциденти.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ахмети и Ковачевски со криминал и во спортот, оставка од Мојсовски по сомнежот за малверзации

Ахмети и Ковачевски со криминал и во спортот, Наумче Мојсовски, по сомнение за малверзации од милијарда денари, оставка веднаш, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението на опозициската партија е наведено дека ДКСК утврдила дека Наумче Мојсовски како директор на Агенцијата за млади и спорт, како и комисијата што ја назначила Владата, извршила злоупотреба во ваучер-системот за доделување пари на спортски клубови и федерации за што Мојсовски добил и кривична.
„Наместо да го разреши веднаш, Ковачевски го чува Мојсовски на позиција и со тоа му овозможува и понатаму да продолжи со делото што му се става на товар. Постојат сомнежи дека фондот на пари, со кој оперирал Мојсовски од неодамна, 1 милијарда денари, завршувал кај клубови и федерации по принцип на фаворизирање и изборот е правен по сугестија на политички партии. Зошто Ковачевски не го менува Мојсовски и дали со тоа само покажува дека и тој е дел од системот на распределба?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, не остана сектор во државата во кој нема криминал, со Ковачевски и Ахмети – Македонија тоне. Оценуваат дека сите функционери се копија на лидерите што ги поставиле.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.