Македонија
СДСМ: Почнуваме сериозни разговори за формирање стабилно мнозинство
СДСМ почнува сериозни разговори за формирање стабилно мнозинство и влада што движи бргу напред по европскиот пат, патот на економијата и правдата, соопштија од партијата.
„СДСМ почнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во парламентот и формирање посветена влада, која ќе се движи бргу напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата“, се наведува во соопштението.
Од партијата велат дека разговараат исклучиво за формирање влада што се грижи за сите граѓани еднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, влада што нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат, кој се вика Северна Македонија – едно општество за сите.
„Разговараме за влада што ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потеклото на парите и капиталот на секој функционер по пат на систем што заеднички ќе го договориме. Новата влада предводена од СДСМ ќе донесе и сериозна реформа на јавната администрација, промена што ќе донесе ефикасни, поголем број и побрзи услуги за граѓаните, но и намалување на обемот на администрацијата за 20 %, со помал број министри и рационализација на јавните служби. Владата за која разговараме на прво место од својата европска и граѓанска агенда, ќе ја има новата македонска економија, чии главни принципи се продолжување на растот на платите, вложување во младите и во рамномерниот регионален развој, водење посебна грижа за најсиромашните граѓани и постојана поддршка на домашниот приватен сектор“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

