Соопштенија
Шајн: Време е за промени во Охрид, охриѓани ќе изберат нов концепт, проекти и резултати

Кандидатот за Градоначалник на општина Охрид од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Асен Шајн, на вечерашната граѓанска трибина на која присуствуваше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека реалноста во Охрид е далеку од сликата која оваа општина ја заслужува и дека е време за промени и вистински проекти.
„Граѓаните се разочарани и со право. Многу се ветува, а ништо не се исполнува. Комуналниот развој е запоставен, градот е нечист, нема проекти, нема никаков развој. Младите заминуваат, економијата стагнира, а граѓаните живеат од денес за утре. Туризмот, кој треба да биде носечки столб на еден ваков туристички бисер, е сведен на неколку месеци хаос, а остатокот од годината живееме со истите и нерешени проблеми“, истакна Шајн.
Тој додаде дека Охрид станал лична своина на градежни инвеститори, кои со амин на локалната власт, на охриѓани приредија страшна урбана девастација.
„Штетата зазема непоправливи размери, ги загрозува природните и културните богатства и комплетно ја уништува околината. Дишеме загаден воздух, нема каде да паркираме, а јавните површини се уништени. Се навикнавме на сето она што не треба да биде нормално, нагласи кандидатот за градоначалник Шајн.
На граѓанската трибина на СДСМ во Охрид, Шајн истакна дека нема да зборува за минатото, туку за иднината, бидејќи заедно со кандидатите за советници има реални идеи, нов концепт и конкретен план.
„Урбанистичкото планирање ќе има нова димензија, ќе воведеме нови еколошки практики, а на крајбрежјето на Охридското Езеро, уредување, согласно препораките на УНЕСКО. Културата и спортот ќе добијат нова енергија, а туризмот ќе го градиме на одржливи темели, со грижа кон природата, историјата и локалните потреби“, истакна Шајн.
Нагласи дека инфраструктурата е негов приоритет и дека ќе води општина која нема да заборави никого.
„Секоја улица, секое мало, секое населено место ќе го добие потребното внимание. Ќе го слушаме гласот на месните и урбаните заедници, тие ќе бидат наш вистински партнер и сојузник во работата. Одлуките ќе се носат со народот, а не без него“, рече Шајн, додавајќи дека СДСМ е партија што досега покажала дека знае да инвестира во капитални проекти и трајни вредности.
Тој напомена дека е време е да се врати Охрид, на охриѓани и дека нема да бидат заборавени ниту социјалните семејства, пензионерите, лицата со попреченост, а за учениците вети дека ќе учат во модерни училници.
„Нашите ученици ќе се образуваат во модерни училници, а дечињата ќе добијат услови за згрижување по сите стандарди. Нашата цел е младите да ја гледаат својата иднина тука, во своето родно место“.
Увери дека тој и кандидатите за советници имаат капацитет и дека ќе работат чесно, домаќински, транспарентно и пред се, човечки, повикувајќи ги граѓаните на 19-ти октомври да ја дадат поддршката за него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Мојсова: Карпош се соочува со реални проблеми, време е за нова енергија

Карпош е нашиот дом, нашите улици, дворови, училишта, спомените од детството и надежите, порача Маја Мојсова Мијовска, кандидат за градоначалничка на Карпош од СДСМ, најавувајќи визија за нов почеток и суштинска промена во начинот на функционирање на општината.
Таа нагласи дека Карпош се соочува со реални проблеми кои повеќе не смеат да се игнорираат: загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, темни улички, преполните паркинзи, оштетени јавни површини, недостиг на зеленило и простор за децата, нефункционална инфраструктура.
Мојсова ја претстави и својата програма за темелна трансформација на Карпош, базирана на инклузивност, транспарентност, зелена енергија, квалитетна социјална грижа и развој на младиот потенцијал.
-Реконструкција на секој кварт: нови паркови, осветлување, дрвореди, детски игралишта. Грижа за зеленилото со системски пристап. Домови на култура и центри за млади во помалите населби, подобрување на водоводната и канализациска мрежа, јавни консултации, транспарентна администрација, засилена контрола од граѓанскиот сектор, поддршка за мали бизниси и иновации се само дел од програмата, рече Мојсова.
Во програмата за Карпош се и младински културен спортско рекреативен центар, нови детски градинки во Влае, Нерези и покрај Вардар, со што ќе се стави крај на листите на чекање.
„Карпош ќе добие свое претпријатие за хигиена, паркинзи и јавен ред, со специјализирани возила и опрема, со цел чистота и уредност во секоја улица. Во најоптоварените зони , Лептокарија, Влае, Карпош 4, кај Воената болница, ќе се постават монтажни паркинг платформи со бесплатен паркинг за жителите на општината.“, порача Мојсова.
Во програмата се и поддршката за децата и образованието со субвенции и бесплатен базен, мобилна здравствена заштита и грижа за ранливите, ангажирање на пензионерите.
„Како лекар, научив дека ништо не се решава со одложување, дека секоја криза бара знаење, брза реакција и тимска работа. Сега е време да ги споиме зборовите со дела. Да гласаме за број 5, за надеж, за доверба, за нашиот дом Карпош. Број 5 за Карпош што го сакаме“, порача Мојсова.
Соопштенија
Шукова: Карпош ќе дише полесно со нов мост, продолжување на булеварите и функционални јавни претпријатија

Во Карпош, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ги претстави клучните приоритети на својата програма – функционални јавни претпријатија, уреден сообраќај, повеќе зеленило и современо, дигитално Скопје.
„Ова не е само лична кампања, ова е заедничка мисија да изградиме модерно, чисто и функционално Скопје, град што ќе биде наш дом, а не извор на секојдневни нервози,“ изјави Шукова, нагласувајќи дека решенијата што ги нуди се реални и проверени.
Таа се осврна на како што рече, неуспесите на актуелната градска власт, истакнувајќи дека четири години граѓаните живеат без основни услуги: „Немаме редовно подигање на сметот, немаме вода во високите зони, јавниот превоз е нефункционален, а парковите и улиците се запуштени. Градот го претворија во џунгла.“
Шукова најави целосна реорганизација на јавните претпријатија и обновување на постојната инфраструктура: „Ќе го изградиме Скопје по европски терк – град што обезбедува ред, услуга и сигурност.“
Во Карпош, најави неколку клучни инфраструктурни проекти: изградба на нов мост, близнак на „Обединети нации“, со шест коловозни ленти и велосипедски и пешачки патеки; поврзување на булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ со современо сообраќајно решение; продолжување на булеварот „Словенија“ до Ѓорче Петров – нова артерија долга 4,5 километри што ќе го поврзе западот и северот на градот; и конечно ставање во функција на мостовите „Михаило Апостолски“ и „Љубљанска“.
„Ќе воведеме ‘Зона 30’ во густо населени делови, ќе поставиме ЛЕД осветлување, нови велосипедски патеки и ќе ги претвориме запуштените површини во живи скверови и паркови,“ додаде Шукова.
Таа истакна и дека дигиталните решенија ќе бидат темел на модерното управување со градот: „Смарт Скопје ќе значи знаење кога контејнерите се полни, паметно управување со отпадот, повеќе осветлување и дигитални системи што носат ефикасност и транспарентност.“
„Ние не ветуваме чуда – ветуваме работа, чесност и резултати што се гледаат,“ порача Шукова, додавајќи дека со Маја Мојсова во Карпош и тимот на СДСМ, ќе се врати довербата во политиката и гордоста во Скопје.
„Во Карпош се родив, тука сум целиот живот, и ќе се борам за Карпош и за Скопје што обединува,“ реќе Каја Шукова.
Соопштенија
Ристески: Македонски Брод и поречјето треба да се чува, да се негува и да се гради

Жарко Ристески, кандидат за градоначалник на Македонски Брод од ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори, се обрати денес на народниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!
,,Македонски Брод е нашата емоција, нашето минато, нашата иднина, но и нашата сегашност. Македонски Брод и поречјето треба да се чува, да се негува и да се гради. Излегуваме со конкретна програма, програма која ја работевме со вас, програма која има конкретни и реални проекти. Почитувани јас во наредниот мандат нема да ветувам чуда, туку само чесна работа и остварливи и реални проекти“, рече Ристески.
Ристески истакна дека фокусот ќе биде ставен на реални проекти, како и нови можности за младите, како и за инфраструктурни подобрувања. Тој додаде дека ќе се посвети на локалниот економски развој:
,,Ќе отвориме нови можности за младите. Ќе продолжиме со инфраструктурни проекти, социјална поддршка на сите категории, локален економски развој“, кажа Ристески и додаде:
,,Ветувам, комплетна реконструкција и изграба на сите локални патишта „Здрава храна за секое дете“ , повторно пуштање во употреба на училишната кујна. Субвенционирање за возачки испит за секој средношколец кој ќе дипломира во нашето средно училиште. Доделување на стипендија за студенти кои завршиле во нашето училиште и се запишале на високо образование во делот на туризам. Организиран бесплатен превоз за децата во детската градинка. Реконструкција на средното училиште , ученичкиот дом, детската градинка со енергетско ефикасни материјали и поставување на фотоволтаична централа. Реконструкција, реставрација и уредување на речното корито на реката Треска во долж централното градско подрачје во Македонски Брод“.
Ристески апелираше до граѓаните да продолжат со поддршката за развој на Македонски Брод, и ги повика да гласаат за број 9.
,, Ве повикувам да продолжиме заедно. А, не да прекинеме таму каде што започнавме. На 19 октомври сите масовно да излеземе и да гласаме. За нашиот Македонски Брод за бројот 9 , бројот 9 за градоначалник, број 9 за советничката листа , број 9 за нашата Македонија. За нашето, твоето место, за нашата заедничка иднина, за проекти, за развој на општина Македонски Брод“, заклучи Ристески.