Соопштенија
(Видео) Манчевски: Режим никогаш повеќе, со граѓаните ќе ја завршиме борбата за правда

11 години државата беше во заложништво, изолација, постојани конфликти и поделби, целосно отфрлена од демократскиот свет. 11 години ВМРО-ДПМНЕ системски ги погазуваше човековите права и слободи, вршеше притисоци врз медиумите и новинарите, а инстутуциите ги претвори во партиски штабови и тие, наместо на граѓаните, им служеа на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со криминалецот во бегство, Никола Груевски, порача министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.
„За 11 години власт, ВМРО-ДПМНЕ успеа да направи заробена држава. Денес, остатоците од заробената држава сè уште се присутни во правосудниот систем. Членовите на сваровски-судството го поткопуваат правниот систем и работат на штета на правдата. Некои од овие сваровски-судии продолжија да ги контролираат работата и исходот на судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот.
Наместо да се ослободат од сопствените окови, овие сваровски-судски центри на моќ застанаа на патот на правдата. Тоа мора да престане веднаш! Тие институции мора да ја променат својата работа, а сите вработени мора да одговараат пред граѓаните за својата работа!
Денеска, повторно ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да почне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, и тоа веднаш. Судскиот совет мора да ја оцени одговорноста на судиите за застарување на предметите. Граѓаните да дознаат кој влијае врз судиите, зошто неколку десетици предмети се чувале завршени и останале во фиоките на бившиот претседател на Врховниот суд?
Нам ни треба судство што одлучува, а не судство што застарува предмети! Потребно ни е судство што ќе носи, а нема да попречува правда. Граѓаните заслужуваат да живеат во правна држава и за тоа нема компромис. Затоа, на следните избори Северна Македонија ќе избира меѓу напредок и уназадување. Ќе избира помеѓу правда и неправда. Нема дилема што ќе изберат граѓаните. Тие ќе гласаат за напредок, развој и интеграција во правна држава, која е партнер на светот.
На прав пат сме. На тој пат треба да ја завршиме борбата за правда. Тоа го очекуваат сите, тоа ѝ го должиме на јавноста и тоа заедно со граѓаните ќе го обезбедиме. На 12 април граѓаните масовно ќе потврдат дека сме на прав пат и силно ќе порачаат: режим – никогаш повеќе“, истакна Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Мециновиќ: Среќен сум со текот на кампањата и сè поверојатно е дека влегуваме во втор круг

Вчеравечер, во рамките на своите народни средби во Аеродром, Центар и Кисела Вода, кандидатотот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ презентираше дел од програмата #СкопјеСЕГА и повторно потсети дека досега се третирале симптомите, наместо изворите на аерозагадувањето.
„Град Скопје го посочува прстот кон сиромашните, како тие да се виновни, наместо да работи на санкционирање на вистинските загадувачи. Мора да се зголеми бројот на инспекторите за животна средина, да се опремат со дронови за поефикасна работа на терен и да се унапреди соработката со Министерството за животна средина,“ истакна Мециновиќ.
Тој информираше дека градот, поради актуелната регулатива, нема надлежност без Министерството да врши инспекциски надзори над индустриските загадувачи, кои се најголем извор на аерозагадување.
Мециновиќ додаде: „Повторно ќе истакнам дека со решавање на проблемот со јавниот транспорт – кој, патем, е главен фокус во нашата програма, ќе се реши поголем дел од проблемите во Скопје, вклучително и аерозагадувањето.“
„Среќен сум со текот на кампањата и сè поверојатно е дека влегуваме во втор круг“ – заврши Мециновиќ.
Соопштенија
Тоневски: Во наредните 4 години ќе инвестираме во патната инфраструктура во Пробиштип

Патната инфраструктура е област во која никогаш нема крај, секогаш има потреба од изградба и реконструкција на уште една улица, секогаш има потреба од нови тротоари како на улицата „28 август“, „Партизанска“, на „Браќа Миладиновци“, на улицата „Кочо Рацин“ и на многу други локации, рече Тони Тоневски, кандидат за градоначалник на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но Пробиштип не е само градот, во наредните 4 години ќе инвестираме во секое населено место. Асфалтерките ќе стигнат до секоја населба и секое село. Ќе го изградиме патот до Јамиште, Шталковица, Пестришино, Близанци, Кундино, Костомар, Горни Стубол. Ќе го прошириме и реконструираме патот до Свети Николе, преку Неокази и Мечкуевци, за да добиеме вистински регионален пат каков што доликува на нашата општина. На сите жители ќе им овозможиме нормален и безбеден пристап до нивните домови и села. Заборавени места повеќе нема да има. Направете го вистинскиот избор, за тебе за твоето место, за твојата иднина“, рече тој.
Соопштенија
Ливриниќ: Визбегово како уредна и поврзана населба со нови тротоари, градинка и мини плоштад

Кандидатката за градоначалник на Општина Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ, оствари средби со жителите на населбата Визбегово, каде што разговараше за секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и ги претстави приоритетните мерки од својата програма за овој дел од општината.
„Во Визбегово кога врне и кога не врне е исто – тротоари немаме. Тоа мора да се промени. Мој приоритет ќе биде изградба на тротоари на сите улици и асфалтирање на улиците и нивните краци, за да имаме уредна и безбедна населба. Планираме и поставување лежечки полицајци на повеќе локации за да ја зголемиме безбедноста на пешаците“, истакна Ливриниќ.
Таа додаде дека грижата за животната средина и за животните мора да биде дел од локалната политика, најавувајќи изградба на стационар за кучиња и програми за уредување на јавните површини.
Како дел од визијата за поквалитетен живот, Ливриниќ најави и мини плоштад во центарот на населбата, опремен со урбана опрема – простор за дружење, културни настани и заедништво на жителите.
„Старото училиште ќе добие нова функција – детска градинка. Визбегово заслужува современ и безбеден простор за нашите најмали“, додаде таа.
Ливриниќ рече дека во соработка со Град Скопје, ќе биде воведена и нова автобуска линија Радишани – Визбегово – Карпош, со што ќе се подобри поврзаноста и ќе се намали сообраќајниот метеж.
„Визбегово ќе го направиме пример за тоа како една населба може да биде уредна, безбедна и пријатна за живеење. Ова не се ветувања, туку план кој заедно со жителите ќе го спроведеме“, порача Оливера Ливриниќ.