Соопштенија
(Видео) Љутков: Со годишната програма за култура за 2020 година наместо културата се поддржува политиката
Годишната програма за култура за 2020 година е скандалозна! Програмата е насочена кон подмирување на ситни политички интереси, наместо за развој на културата! Јавноста секоја година одново и одново се шокира од одлуките на министерството за Култура кои проекти од културата или кои уметници и културни дејци се поддржани, рече Зоран Љутков.
„Повторно без критериуми и преку параван на наклонети членови на комисии, доделени се скандалозни износи на средства на здруженија и на поединци кои се блиски на власта.
Со годишната програма за култура наместо културата се поддржува политиката, два аспекти кои немаат никаква допирна точка.
Така на пример книгата „Партискиот систем на Северна Македонија“ од Ѓорѓи Спасов е поддржана со 90.000 денари. Да потсетиме Ѓорѓи Спасов е долгогодишен партиски функционер на СДСМ, пратеник и татко на Никола Спасов од агенцијата за мерење на јавното мислење Рејтинг која важи за блиска до власта.
Златко Ориѓански, именуван од Заев за директор на Македонскиот културно информативен Центар во Тирана добил вкупна поддршка од 330.000 денари за два проекти. Едниот е проектот “За кого“ во вредност од 80.000 денари, а вториот е заеднички со Бени Шаќири во износ од 250.000 денари. Двајцата кои пеат на митинзите на СДСМ ќе добијат поддршка од власта на СДСМ. Во годишната програма за Култура за 2020 поддршка од 90.000 денари доби и книгата „Долно Коњари низ слика и време“ на пратеникот и потпретседател на Собранието, Зеќир Рамчиловиќ.
Средства во износ од 90.000 денари доби и Нано Ружин, татко на советникот на Заев, Алекс Ружин, но и човекот кој што го кандидираше Зоран Заев за Нобелова награда. Работава изгледа на ти го- дај ми го. Ружин кандидира за нобелова награда, министерството за култура дава поддршка за неговата книга.
И советникот на Алаѓозовски, авторот на безидејната “Национална стратегија за развој на култура 2018-2022″ и на катастрофалниот ‘Предлог-Закон за остварување на јавниот интерес во културата” Златко Теодосиевски, е дел од поддржаните проекти изложбата на скулптури „Споеви“ и на инсталацијата „РЕ-изградени сеќавања“. И секако тука се неизбежните пулени на Алаѓозовски од НВО секторот, Контапункт, Локомотива, Факултет за работи што не се учат, Центар за современи уметности Прилеп, Прес ту егзит и др, кои редовно се финансираат со предимензионирани средства, како награда за гласните пофалби за погубните политики на СДСМ.
Поразително е што три години по ред Годишната програма за култура е носена по телефон по желби и потреби, истовремено лобирана од поранешни фолк пејачки и самопрогласени револуционери, убедени дека, газењето на културата во Македонија е натпревар во кој мораат да победат, а астрономските износи кои си ги намениле себе си, се нешто што им припаѓа.
На 12 април, културните работници, заедно со граѓаните на Македонија, ќе го казнат ваквиот мизерен однос кон македонската култура и ќе отворат нова страница за враќање на достоинството, како на македонската култура, така и на македонското достоинство воопшто. Тоа ќе биде денот кога сите чинители на културата во Македонија, без разлика на верската, националната и партиската припадност, ќе се сплотат за заеднички културни вредности кои не обединуваат, за доброто на нашата заедничка татковина“ истакна Љутков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
БРАКО донираше 330 топли оброци за лица во социјален ризик
Компанијата БРАКО реализираше хуманитарна донација од 330 топли оброци од работничката менза на фабриката, наменети за лица во социјален ризик во Велес и околината.
Оброците беа подготвени од велешкиот ресторан „Боем“, кој ја обезбедува исхраната за вработените во БРАКО.
Во рамки на заедничката акција, храната се преземаше преку Народната кујна на „Боем“, а за лицата кои живеат во подалечни места или немаат пристап до информации и социјални мрежи, активисти ја доставуваа директно до нивните домови.
Со оваа донација, БРАКО уште еднаш ја потврдува својата посветеност на општествената одговорност и поддршката на локалната заедница, со посебен фокус на солидарноста и грижата за најранливите категории граѓани.
Компанијата и во иднина ќе продолжи да поддржува иницијативи кои имаат реално и директно влијание врз подобрување на квалитетот на живот во заедницата.
(ПР текст)
Соопштенија
Таткото троши – ќерката плаќа: смена на улогите во новата реклама за картичката за деца на Халкбанк
Замислете кога во одреден момент со парите би управувале децата. Тие да можат да одлучат што да се купи, а што не или колку може да се потроши за чоколади и за слатки. Тие да кажат дали овој месец ќе заштедат или ќе го потрошат целиот буџет.

Во ваква улога се најдоа познатиот македонски актер Сашко Коцев и неговата 9-годишна ќерка Јоана, на снимањето на рекламата за првата платежна картичка за деца на Халкбанк. Станува збор за иновативен производ, наменет за деца од 9 до 15 години, кој ним им овозможува да стекнат финансиски навики, додека родителите имаат целосна контрола на тоа каде и колку трошат нивните деца.
Рекламата за картичката Халки се случува во слаткарница. Таткото е возбуден и сака да нарача сè од менито, но за тоа мора да побара дозвола од ќерката. Таа, од друга страна, е смирена и рационална и не дозволува да се претера со нарачките, но и конзумирање на слатко. На крајот, ќерката ја плаќа сметката со својата Халки картичка.
„Целта на кампањата е на забавен начин, со доза хумор, да покажеме дека децата знаат да се однесуваат одговорно кон финансиите доколку им се дозволи и им се покаже како да го прават тоа. Практично, идејата за креирање на првата картичка за деца и тинејџери до 15 години во Македонија е токму тоа – да им помогне да научат како да располагаат со одредена сума пари, да го планираат неделниот или месечниот џепарлак и да стекнат навики за штедење. Секако, со помош и со контрола на родителите“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.
Mastercard Junior дебитната картичка овозможува низа поволности како повлекување готовина без надоместок од сите банкомати во Македонија и во странство, бесплатен трансфер на средства од сметката на родителот или старателот на сметката на детето. Исто така, родителот има можност за поставување лимити на платежната сметка на детето, блокирање на картичката преку електронско банкарство во случај на губење, СМС инфо без надоместок на мобилниот број на законскиот застапник/старател и можност за дигитализирање на картичката на Google Pay или Apple Pay.
Процедурата за аплицирање за картичката за деца е едноставна и може да се направи во сите филијали на Халкбанк, а сите апликации до крајот на март годинава се ослободени од трошоци за издавање на картичката.
(ПР)
Соопштенија
ЕДС официјален поддржувач на Олимпискиот комитет за спортскиот циклус 2026
Со потпишувањето на спонзорски договор со Олимписки комитет на Северна Македонија, ЕДС официјално станува дел од Олимпиското семејство како Официјален поддржувач за време на клучниот спортски циклус во 2026 година.
ЕДС ќе даде поддршка на Олимпискиот комитет во период што опфаќа неколку од најзначајните меѓународни спортски настани, меѓу кои Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026 и Медитеранските игри во Таранто.
Со оваа соработка, ЕДС ја потврдува својата заложба за поддршка на спортот, младите и вредностите што ги промовира олимпиското движење – фер-плеј, извонредност, посветеност и заедништво.
„Ова партнерство за нас претставува многу повеќе од спонзорство. Тоа е јасна поддршка на вредностите што ги делиме со олимпиското движење – дисциплина, истрајност и стремеж кон извонредност. Горди сме што, преку соработката со Олимпискиот комитет на Северна Македонија, ќе бидеме дел од еден значаен спортски циклус и ќе придонесеме кон промоција на домашниот спорт на меѓународната сцена,“ изјави главниот извршен директор на ЕДС, Александар Сарџовски.
Спонзорството ја зацврстува позицијата на ЕДС како општествено одговорна компанија, која континуирано инвестира во иницијативи со долгорочна вредност за заедницата и придонесува кон позитивен општествен развој.
ПР

