Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Заевизмот ја поскапи електричната енергија за граѓаните
Заевизмот ја поскапи електричната енергија за граѓаните. Ова поскапување е колку две нови сметки на годишно ниво. Ете каков катастрофален удар на стандардот предизвика заевизмот, е наведено во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, електричната енергија, освен базичното поскапување, дополнително поскапува и по основ на укинувањето на евтината дневна тарифа. Оттука вкупното поскапување изнесува над 15 %.
Ова значи, оценуваат од ВМРO-ДПМНЕ, дека едно семејство, кое плаќало по 2.000 денари месечно за електрична енергија, сега ќе плаќа по 2.300 денари плус ДДВ. Ако се земе предвид дека намалената стапка на ДДВ ќе се враќа етапно во текот на следната година, ударот врз семејниот буџет ќе биде уште поголем.
Уште полошо поминуваат компаниите што, како што појаснуваат од опозициската партија, набавуваа електрична енергија на слободниот пазар. Тие денес плаќаат неколкукратно повисока цена и се на работ на егзистенцијата.
„Оваа новогодишна честитка, која пионот Ковачевски и заевизмот му ја испорачаа на народот, граѓаните со поскапувањето на струјата од свој џеб ги плаќаат неспособноста, неодговорноста и криминалните тендери на власта. Да потсетиме дека од август 2020 година до денес цената на струјата кумулативно порасна речиси 40 %. За една и пол година! Најпрвин летото 2020 година струјата поскапи 7,5 %, потоа летото 2021 уште нови 12,5 %, за сега над 15 %. Поскапување на поскапување и дојдовме до приближно 40 %. Да биде уште потрагично, и покрај сите овие поскапувања, МЕПСО и ЕЛЕМ се претворија во загубари. ЕЛЕМ има рекордно најниско ниво на произведена домашна струја, нема доволно јаглен и акумулациите се празни, а МЕПСО нелегално влече струја од европската мрежа. Ете до кое дереџе го донесе заевизмот енергетскиот систем во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнуваат дека за ова мора да има одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Костадиновски: Нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“, изградба на кружен тек и фитнес зона на отворено во Виница
На вечерашниот мини-митинг во општина Виница, во рамките на вториот круг локални избори кои ќе се одржат во недела на 2 ноември, се обрати кандидатот за градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Костадиновски, кој истакна дека ја очекува поддршката од граѓаните во недела за уште повеќе проекти и инвестиции, кои ќе донесат развој на Виница.
„Верувам дека ќе ја заокружиме победата во вториот круг, да продолжиме со проектите во Виница, ние сме со реални проекти и програма кои планираме да ги реализираме наредните 4 години, сметам дека допревме до секој од вас ве запознавме со нашата визија за Виница, затоа во недела ја барам вашата доверба да продолжиме со уште посилно темпо, со уште поголеми проекти“, вели Костадиновски.
Кандидатот за градоначалник на општина Виница ги наведе проектите кои ќе се реализираат како во областа на образованието и спортот со изградба на нова спортска сала, спортски игралишта и фитнес зона, така и инвестирање во најмалите со доградба на детската градинка, но и подобрување на сообраќајот во општина Виница.
„Ја барам вашата поддршка за нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ кое е единствено училиште во општина Виница кое нема спортска сала, за доградба за нова градинка, за подобрување на сообраќајот, изградба на кружен тек, за нови улици во градот и населените места и за формирање на зона за мало стопанство кај м.в Скараница, село Блатец. За изградба на фитнес зона на отворено во Виница, реконструкција и изградба на спортски игралишта во населените места, за подобрување на водоснабдувањето, за реконструкција и изградба на водоводна и канализациона мрежа и уште многу други проекти“, рече Костадиновски и додаде:
„Затоа ве повикувам сите масовно во недела на 2 ноември да излеземе и да го заокружиме бројот 9 за ВМРО-ДПМНЕ и победничката коалиција „Твоја Македонија“, заврши Костадиновски.
Соопштенија
Герасимовски: Во недела заеднички да ја потврдиме победата
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски изборната кампања ја заокружува со средби со граѓаните, исто како што ја започна, на терен, слушајќи ги граѓаните.
Тој, заедно со идниот тим на советници беа позиционирани на неколку локации во Центар кадешто граѓаните можеа да се информираат за програмата и проектите што треба да се реализираат во новиот мандат.
„Денеска е последниот ден од кампањата. Водевме фер, чесна и многу конструктивна кампања со директни средби со граѓаните, со реална програма која беше препознаена во првиот круг. Граѓаните даваат голема поддршка за Центар што го сакаме. Центар е општина на мудри, искусни и добронамерни граѓани, кои го сакаат и заслужуваат најдоброто за себе. Центар се луѓето, Центар е нова приказна, Центар е сето што го сакаме. Благодарам на секој разговор, предлог, идеја и поддршка. Ве повикувам во недела да излеземе масовно на гласање и заеднички да ја потврдиме победата. За континуитет, за развој, за посреќен живот во Центар. За Центар што го сакаме!“, порачува Герасимовски.
Соопштенија
Атанасовски: Заокружи број 9, за Македонска Каменица да продолжи да се развива
„Со поддршка на Владата и премиерот, наскоро ќе кажеме дека сме прва општина со асфалтен пат до секој дом и со чиста вода за пиење за секое семејство. Најголемите и најзначајните проекти во нашиот град, се изградени од ВМРО-ДПМНЕ и ние ќе продолжиме по трасираниот пат, пат по кој ќе чекориме сплотени, цврсто и храбро затоа што ние резервен дом немаме. Имаме визија за развиена Каменица, за перспективен град за град на успех и благосостојба, за град во кој сите ќе бидат среќни“, истакна Димчо Атанасовски кандидат за градоначалник за општина Македонска Каменица на вечерашниот мини-митинг во општина Македонска Каменица, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември.
Атанасовски истакна дека во изборната програма има многу нови проекти и идеи за напредок, со цел уште поуспешен и модерен град.
„Имаме идеи за напредок и визија за иднината, работиме за успешна и модерна општина која е пример за останатите. Имаме многу нови проекти за нашиот град. Дојдено е ново време, време кога се гради домаќински и се вложува во иднината, време во кое се бориме за секој еден од вас, за секој проблем да биде решен, секој предизвик да биде надминат, време во кое Македонска Каменица и нејзините жители се пред се и над се. Денес имаме нови асфалтни патишта, водоводни канализациони системи во секој дел од општината, имаме реконструирано образовни институции, јавно претпријатие кое целосно е во функција на граѓаните, имаме силни вложувања и во културата, спортот“, рече Атанасовски.
На крај Атанасовски повика граѓаните да се обединат, и да го заокружат бројот 9 за општина Македонска Каменица да продолжи да се развива.
„Сега е време на обединување а веднаш по новата победа, ќе биде време за вистинска експанзија, доаѓа времето кога овој град ќе биде препознатлив насекаде, и ќе биде инспирација и поттик за сите останати, направете го вистинскиот избор, гласајте за број 9“, посочи Атанасовски.

