Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е најзагадена земја во Европа
Република Македонија е најзагадена земја во Европа, а граѓаните со своите животи ја плаќаат цената на неспособноста и незаинтересираноста на СДСМ да се справи со аерозагадувањето, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, „Еуроњуз“ објави дека според податоците на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), Македонија официјално е најзагадената земја во Европа со загадување десет пати повеќе од препорачаните нивоа.
,,Додека Заев и СДСМ постојано манипулираат и се расфрлуваат со лажни ветувања за справување со загадениот воздух, илјадници граѓани ги губат своите животи како директна последица на загадувањето. Болниците веќе се преполни со пациенти со респираторни проблеми, а постарите и хронично заболените, но и дечињата најмногу ги чувствуваат ефектите од загадувањето.
СДСМ ветуваше итни мерки за почист воздух, но веќе две години ништо нема преземено за подобрување на ситуацијата. Откако поминаа две години без да мрднат со прст, повторно излегоа со нова лага дека следните две години делумно ќе го решеле проблемот. Тоа се 4 изгубени години за граѓаните на Република Македонија и уште 4 години за време на кои илјадници граѓани ќе бидат завиени во црно поради губењето на своите најблиски од загадениот воздух.
Наместо итни мерки за почист воздух, донесоа црнила за граѓаните, а Македонија и градовите ги сместија во врвот на најзагадените во светот. Власта, која ветуваше дека веднаш ќе донесе чист воздух, сега од најобемниот буџет во историјата на државата издвојува минимални средства за справување со аерозагадувањето. Повеќе пари се издвојуваат за луксузирање на владините претставници отколку на борба за справување со загадениот воздух”, се вели во соопштението.
Според опозициската партија, на СДСМ поважен им е личниот луксуз заедно со криминалните тендери и грантови отколку здравјето и животите на граѓаните на Република Македонија, а особено животите на децата кои ја преполнија Детската клиника за белодробни заболувања.
Граѓаните не заслужуваат ваква власт која секојдневно ги завива во црно. Зоран Заев и СДСМ покажаа дека не се грижат за граѓаните и немаат намера да го решат проблемот со загаденоста. Затоа колку побрзо си заминат толку подобро за Македонија и македонските граѓани.
,,Сите кои сакаат да го кренат својот глас против неспособноста на СДСМ да се справи со загадувањето, сите кои сакаат да го кренат својот глас против распродавањето на државните и национални интереси… против масовниот грабеж и криминалот, добредојдени се да ни се придружат”, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Иницијатива на Лајка: „Биди мојот Валентајн за еден ден” – прошетка и љубов за бездомни кучиња
Во месецот посветен на љубовта, ЈП Лајка започнува посебна иницијатива за љубителите на животни – „Биди мојот Валентајн за еден ден”. Со оваа акција, јавноста има можност да подари љубов и внимание на бездомни кучиња кои со месеци, а некои и со години, не излегле надвор од ѕидовите на прифатилиштето, известуваат од Лајка.

„Иницијативата им овозможува на граѓаните да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето – на прошетка, во парк, на кафе, или дури и во локален пет-шоп. Целта е да им се овозможи на кучињата социјализација, збогатување на денот и да се покаже колку љубов може да направи разлика, дури и за само еден ден.
Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме убавината на социјализацијата и да создадеме емотивни врски помеѓу луѓето и нашите кучиња. Секое куче заслужува своја мала радост и да почувствува љубов.

Сите заинтересирани можат да се пријават на нашите телефонски броеви или преку нашите социјални мрежи.
Иницијативата е отворена за сите над 18 години, а учесниците ќе добијат инструкции за безбедно дружење со кучињата“, соопштуваат од Лајка.
Македонија
СДСМ бара украденото да се врати кај народот
Опозициската СДСМ обвини дека власта спроведува, како што наведуваат, грабеж преку криминални тендери, во време кога во државниот буџет недостасуваат две милијарди евра.
Од партијата посочуваат дека 161 тендер биле доделени на една фирма, 51 тендер на, како што велат, омилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ преку општините, девет милиони евра на фирма со двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта на Северна Македонија.
Според СДСМ, станува збор за милионски суми и голем број тендери кои, како што тврдат, завршуваат кај исти фирми.
„Украденото мора да се врати кај народот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека за тоа да се случи мора да има одговорност за криминалните тендери.
Од СДСМ сметаат дека одговорноста треба да започне од, како што ја нарекуваат, тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ и дека нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на врвот на власта.
Во соопштението се наведува дека наместо празни зборови за промоција, премиерот Христијан Мицкоски треба да ги повика обвинителите и судиите кои ги поставува и постапките да започнат од 161 тендер, потоа од 51 тендер и од тендерот во Поштата.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

