Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Резолуцијата е ретка можност партиите да се обединат за државните интереси
ВМРО-ДПМНЕ водена од националните и државните интереси до Собранието ќе поднесе резолуција, со која јасно ќе се дефинираат позициите на Македонија во однос на идентитетските обележја кои се предмет на негација, соопшти опозициската партија.
„Ова е ретка можност партиите да се обединат за овој консензус, кој веќе е изграден во општеството. Имено, резолуцијата не е партиски текст, туку е темелена на дефиниции и позиции на општествени, научни и образовни авторитети, како МАНУ, УКИМ И МПЦ-ОА. ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара со сите политички субјекти затоа што смета дека Македонија мора да има изградено цврсти позиции, особено ако се има предвид дека Бугарија веќе има резолуција за Македонија“, додаваат од партијата.
Од таму велат дека загрижуваат ставовите на владејачките СДСМ И ДУИ за неприфаќање ваква резолуција бидејќи, како што наведуваат, со тоа се остава простор за сомнеж дека се подготвува пазарење со идентитетот, јазикот и историјата.
„Истовремено, одењето против ваква резолуција е оспорување на аргументите и позициите на МАНУ, УКИМ И МПЦ-ОА, што би преставувало опасна политизација на нешто што е темелено на наука. Тоа што криминалот ѝ е приоритет на власта е општо познато, но очекуваме оваа тендер-коалиција барем еднаш да се охрабри и да ја стави Македонија пред парите и криминалот“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Костадиновски: Нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“, изградба на кружен тек и фитнес зона на отворено во Виница
На вечерашниот мини-митинг во општина Виница, во рамките на вториот круг локални избори кои ќе се одржат во недела на 2 ноември, се обрати кандидатот за градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Костадиновски, кој истакна дека ја очекува поддршката од граѓаните во недела за уште повеќе проекти и инвестиции, кои ќе донесат развој на Виница.
„Верувам дека ќе ја заокружиме победата во вториот круг, да продолжиме со проектите во Виница, ние сме со реални проекти и програма кои планираме да ги реализираме наредните 4 години, сметам дека допревме до секој од вас ве запознавме со нашата визија за Виница, затоа во недела ја барам вашата доверба да продолжиме со уште посилно темпо, со уште поголеми проекти“, вели Костадиновски.
Кандидатот за градоначалник на општина Виница ги наведе проектите кои ќе се реализираат како во областа на образованието и спортот со изградба на нова спортска сала, спортски игралишта и фитнес зона, така и инвестирање во најмалите со доградба на детската градинка, но и подобрување на сообраќајот во општина Виница.
„Ја барам вашата поддршка за нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ кое е единствено училиште во општина Виница кое нема спортска сала, за доградба за нова градинка, за подобрување на сообраќајот, изградба на кружен тек, за нови улици во градот и населените места и за формирање на зона за мало стопанство кај м.в Скараница, село Блатец. За изградба на фитнес зона на отворено во Виница, реконструкција и изградба на спортски игралишта во населените места, за подобрување на водоснабдувањето, за реконструкција и изградба на водоводна и канализациона мрежа и уште многу други проекти“, рече Костадиновски и додаде:
„Затоа ве повикувам сите масовно во недела на 2 ноември да излеземе и да го заокружиме бројот 9 за ВМРО-ДПМНЕ и победничката коалиција „Твоја Македонија“, заврши Костадиновски.
Соопштенија
Герасимовски: Во недела заеднички да ја потврдиме победата
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски изборната кампања ја заокружува со средби со граѓаните, исто како што ја започна, на терен, слушајќи ги граѓаните.
Тој, заедно со идниот тим на советници беа позиционирани на неколку локации во Центар кадешто граѓаните можеа да се информираат за програмата и проектите што треба да се реализираат во новиот мандат.
„Денеска е последниот ден од кампањата. Водевме фер, чесна и многу конструктивна кампања со директни средби со граѓаните, со реална програма која беше препознаена во првиот круг. Граѓаните даваат голема поддршка за Центар што го сакаме. Центар е општина на мудри, искусни и добронамерни граѓани, кои го сакаат и заслужуваат најдоброто за себе. Центар се луѓето, Центар е нова приказна, Центар е сето што го сакаме. Благодарам на секој разговор, предлог, идеја и поддршка. Ве повикувам во недела да излеземе масовно на гласање и заеднички да ја потврдиме победата. За континуитет, за развој, за посреќен живот во Центар. За Центар што го сакаме!“, порачува Герасимовски.
Соопштенија
Атанасовски: Заокружи број 9, за Македонска Каменица да продолжи да се развива
„Со поддршка на Владата и премиерот, наскоро ќе кажеме дека сме прва општина со асфалтен пат до секој дом и со чиста вода за пиење за секое семејство. Најголемите и најзначајните проекти во нашиот град, се изградени од ВМРО-ДПМНЕ и ние ќе продолжиме по трасираниот пат, пат по кој ќе чекориме сплотени, цврсто и храбро затоа што ние резервен дом немаме. Имаме визија за развиена Каменица, за перспективен град за град на успех и благосостојба, за град во кој сите ќе бидат среќни“, истакна Димчо Атанасовски кандидат за градоначалник за општина Македонска Каменица на вечерашниот мини-митинг во општина Македонска Каменица, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември.
Атанасовски истакна дека во изборната програма има многу нови проекти и идеи за напредок, со цел уште поуспешен и модерен град.
„Имаме идеи за напредок и визија за иднината, работиме за успешна и модерна општина која е пример за останатите. Имаме многу нови проекти за нашиот град. Дојдено е ново време, време кога се гради домаќински и се вложува во иднината, време во кое се бориме за секој еден од вас, за секој проблем да биде решен, секој предизвик да биде надминат, време во кое Македонска Каменица и нејзините жители се пред се и над се. Денес имаме нови асфалтни патишта, водоводни канализациони системи во секој дел од општината, имаме реконструирано образовни институции, јавно претпријатие кое целосно е во функција на граѓаните, имаме силни вложувања и во културата, спортот“, рече Атанасовски.
На крај Атанасовски повика граѓаните да се обединат, и да го заокружат бројот 9 за општина Македонска Каменица да продолжи да се развива.
„Сега е време на обединување а веднаш по новата победа, ќе биде време за вистинска експанзија, доаѓа времето кога овој град ќе биде препознатлив насекаде, и ќе биде инспирација и поттик за сите останати, направете го вистинскиот избор, гласајте за број 9“, посочи Атанасовски.

