Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да каже кои се партиите од новото мнозинство

„Наместо досадни и стерилни соопштенија за себехрабрење, бидејќи СДСМ трет ден тврди дека има мнозинство јавно ги повикуваме да кажат кои се партиите од ново мнозинство, која е цената за таквата коалиција, кој ќе биде премиер, во спротивно ќе се докаже дека лаже и манипулира“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, што се однесува до иднината за која пишуваат, ако од СДСМ зависи иднината, тешко на државата и граѓаните. „Бидејќи велат дека од нив зависела европската иднина, тогаш јавно прашуваме што ги спречуваше до сега нејзе да ја донесат“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во прекин сообраќајот на патот Никифорово – Леуново – Бунец поради врнежи од снег

Сообраќајот на регионалниот пат Никифорово – Леуново – Бунец е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловозот, се интервенира за негово расчистување, информира АМСМ.
Од 12:40 часот е укината забраната за ТМВ на регионалниот пат Маврово – Дебар.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Во руралните подрачја недостасуваат 52 матични лекари

Фондот за здравствено осигурување информира дека во руралните подрачја недостасуваат 52 матични лекари.
„Во моментот од 96 планирани матични лекари во рурални подрачја, функционираат 44, а недостасуваат 52“, изјави директорот на Фондот, Сашо Клековски.
Тој најави дека Фондот има намера да спроведе измени на Правилникот ќе овозможат дополнителна либерализација на критериумите, отстранување на постојните пречки и олеснување на отворањето нови ординации во руралните средини каде што се најпотребни.
„Во рамки на оваа иницијатива, Фондот ги повикува: матичните лекари кои веќе работат во рурални ординации; докторите заинтересирани да работат во рурални средини, но ограничени од моменталните услови во Правилникот; и жителите на руралните подрачја, да ги достават своите мислења, предлози и сугестии за измените на Правилникот. Предлози може да се испратат до 1 ноември 2025 година на е-пошта: [email protected]. Сите пристигнати предлози ќе бидат внимателно разгледани од посебна комисија задолжена за подготовка на измените. Доколку се во согласност со законската регулатива, предлозите ќе бидат вградени во новиот Правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива“, рече Клековски.
Македонија
До 15 октомври сите дефекти на мрежата за централно греење ќе бидат остранети, објави Владата

По серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона на 15 октомври, сите дефекти ќе бидат отстранети, велат од Владата.
„Во текот на летниот ремонт, помеѓу двете грејни сезони се вршеше напрегање на дистрибутивната мрежа, активност која била занемарена со години, со цел откривање на дефекти и нивна санација. Во рамките на тие активности, откриени се околу 80 дефекти и истите се целосно санирани. Сепак, староста на мрежата не ја исклучува можноста од појава на нови дефекти, па така по серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона, сите дефекти ќе бидат отстранети“, се наведува во соопштението.
Топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Од Владата велат дека доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години, претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.
„За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија““, велат од Владата.
Од таму додаваат дека оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем.
„На крајот, модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија. Подготвителните активности за реализација на овој проект се во тек“, велат од Владата.