Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Целта на Владата е да го минира штрајкот на СОНК преку нивниот омилен синдикалец
Уцените, притисоците и заканите не и успеаја на власта за да го скрши штрајкот на СОНК, па сега преку омилениот синдикалец Дарко Димовски измисли социјален дијалог кои се обидуваат да ги измамат наставниците, професорите и воспитувачките, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Владата на Ковачевски треба да ги прифати барањата на СОНК, а не да се обидува преку нивниот омилен синдикалец да прави квази договори. Димовски е добро познат како верен послушник и умилкувач, најпрвин кон Зоран Заев, а сега и кон Димитар Ковачевски.
Од партијата додаваат дека целта на оваа неспособна власт е целосно да го минира штрајкот на просветните работници, бидејќи не се способни да им излезат во пресрет на барањата на професорите.
Бидејќи не сакаат да ги исполнат нивните барања, си најдоа верен придружник кој ќе прифати се што неговите нагодавачи ќе му понудат, а потоа тој ќе се преставува како месија за решавање на проблемот. Но проблемот нема да биде решен бидејќи нема да бидат прифатени барањата на наставниците и професорите, а со тоа и ќе се продлабочи проблемот, се вели во соопштението.
Со почитување и усогласување на Колективниот договор платата за наставник приправник од 22.764 денари ќе порасне на 41.256 денари, или од 24.782 денари нето платата ќе изнесува 45.054 денари за наставник. Во средните училишта од сегашните 25.838 денари, платата со усогласување на Колективниот договор ќе изнесува 45.594 денари.
ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта да им излезе во пресрет на барањата на просветните работници кои се во генерален штрајк повеќе од две недели и учениците да се вратат во школските клупи, а професорите и наставниците на нивните работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

