Соопштенија
Измените на изборните правила се брутален напад врз демократијата, смета Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз оценува дека предлог измените на Изборниот законик доставени до Собранието по скратена постапка, се спротивни на демократските стандарди и правила и со нив загрозени се темелните Уставни вредности.
Иако како главна причина за промени на изборните правила се наведуваат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, со самиот факт дека измените на Изборниот законик се носат два месеца пред одржувањето на локалните избори, флагрантно се кршат токму препораките на ОБСЕ и ОДИХР за забрана за измени на изборните правила шест месеци пред избори, забележуваат од оваа партија.
Демократскиот сојуз потсетува дека промената на изборните правила во демократските земји вообичаено е процес кој вклучува широка јавна расправа, со учество на експерти, невладини организации и најширок можен консензус на политичките партии. Во случајов четирите најголеми парламентарни партии од власта и од опозицијата, од македонскиот и од албанскиот табор, на средби затворени за јавноста се договориле да скројат измени на изборните правила кои сериозно ја ограничуваат можноста на граѓаните за избор на најдобрите кандидати и оневозможуваат рамноправен политички натпревар и учество на изборите на помалите политички партии, вонпарламентарните партии и граѓанските листи.
Од партијата сметаат дека предложениот цензус од 3 отсто гласови од запишаните избирачи кои треба да ги освои еден кандидат за да може да биде избран независно од местото на кандидатската листа, е срамна опструкција на идејата за отворени листи.
„Доколку се усвои овој предлог, тоа директно ќе го спречи изборот на подобрите и поквалитетни кандидати за советници, што всушност е и смислата на концептот за отворени листи. Ваквиот предлог исто така е насочен да ја зацврсти партиската диктатура кај доминантните политички партии и да ги елиминира кандидатите од помалите политички партии кои настапуваат во коалиција со поголемите“, потенцираат од оваа партија.
Демократскиот сојуз смета дека е скандалозен и предлогот за определување цензус од 2 отсто собрани потписи од запишаните избирачи како услов за пријавување на независни кандидатски листи, што има за цел да ги елиминира граѓанските листи и да обезбеди чист терен за големите политички партии од власта и опозицијата.
На тој начин, според нив, се уништува благородната демократска идеја граѓаните директно да учествуваат во кроењето на општинските совети и креирањето политики на локално ниво.
Демократскиот сојуз исто така оценува дека предлогот за поделба на медиумското време во изборната кампања – од вкупно 9 минути платена политичка програма на 1 час емитувана програма на ТВ и радио – предлог измените предвидуваат 4 минути за парламентарните партии од власта, 4 минути за оние од опозицијата и само 1 минута вкупно за сите други помали парламентарни и вонпарламентарни партии, е натамошен жесток удар врз можноста за рамноправно политичко претставување пред граѓаните што, пак, е услов за одржување фер и демократски избори.
„Со предлог измените се ограничува и можноста помалите политички партии да трошат и сопствени пари за политичко рекламирање на социјалните мрежи.
Од вкупно 8000 евра колку што предвидува законот за дневно трошење пари на сите партии за рекламни објави на социјалните мрежи, четирите големи партии заедно може да потрошат 7200 евра, а сите други помали партии 800 евра вкупно!“, реагира партијата на Трајанов.
Поради сето ова, Демократскиот сојуз ги повикува најголемите партии од власта и опозицијата односно пратениците предлагачи веднаш да ги повлечат предлог измените на Изборниот законик од парламентарна процедура, локалните избори да се организираат со стариот закон, а по изборите да се отвори јавна расправа и да се усвојат измени на изборните правила со најширок партиски и граѓански консензус.
„Инаку многу е дискутабилна улогатата на министерот за правда кој се шета низ Парламентот во улога на “РЕВИЗОР”,инаку подготвувач и неформален предлагач на законот“, забележуваат од Демократскиот сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Костадиновски: Нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“, изградба на кружен тек и фитнес зона на отворено во Виница
На вечерашниот мини-митинг во општина Виница, во рамките на вториот круг локални избори кои ќе се одржат во недела на 2 ноември, се обрати кандидатот за градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Костадиновски, кој истакна дека ја очекува поддршката од граѓаните во недела за уште повеќе проекти и инвестиции, кои ќе донесат развој на Виница.
„Верувам дека ќе ја заокружиме победата во вториот круг, да продолжиме со проектите во Виница, ние сме со реални проекти и програма кои планираме да ги реализираме наредните 4 години, сметам дека допревме до секој од вас ве запознавме со нашата визија за Виница, затоа во недела ја барам вашата доверба да продолжиме со уште посилно темпо, со уште поголеми проекти“, вели Костадиновски.
Кандидатот за градоначалник на општина Виница ги наведе проектите кои ќе се реализираат како во областа на образованието и спортот со изградба на нова спортска сала, спортски игралишта и фитнес зона, така и инвестирање во најмалите со доградба на детската градинка, но и подобрување на сообраќајот во општина Виница.
„Ја барам вашата поддршка за нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ кое е единствено училиште во општина Виница кое нема спортска сала, за доградба за нова градинка, за подобрување на сообраќајот, изградба на кружен тек, за нови улици во градот и населените места и за формирање на зона за мало стопанство кај м.в Скараница, село Блатец. За изградба на фитнес зона на отворено во Виница, реконструкција и изградба на спортски игралишта во населените места, за подобрување на водоснабдувањето, за реконструкција и изградба на водоводна и канализациона мрежа и уште многу други проекти“, рече Костадиновски и додаде:
„Затоа ве повикувам сите масовно во недела на 2 ноември да излеземе и да го заокружиме бројот 9 за ВМРО-ДПМНЕ и победничката коалиција „Твоја Македонија“, заврши Костадиновски.
Соопштенија
Герасимовски: Во недела заеднички да ја потврдиме победата
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски изборната кампања ја заокружува со средби со граѓаните, исто како што ја започна, на терен, слушајќи ги граѓаните.
Тој, заедно со идниот тим на советници беа позиционирани на неколку локации во Центар кадешто граѓаните можеа да се информираат за програмата и проектите што треба да се реализираат во новиот мандат.
„Денеска е последниот ден од кампањата. Водевме фер, чесна и многу конструктивна кампања со директни средби со граѓаните, со реална програма која беше препознаена во првиот круг. Граѓаните даваат голема поддршка за Центар што го сакаме. Центар е општина на мудри, искусни и добронамерни граѓани, кои го сакаат и заслужуваат најдоброто за себе. Центар се луѓето, Центар е нова приказна, Центар е сето што го сакаме. Благодарам на секој разговор, предлог, идеја и поддршка. Ве повикувам во недела да излеземе масовно на гласање и заеднички да ја потврдиме победата. За континуитет, за развој, за посреќен живот во Центар. За Центар што го сакаме!“, порачува Герасимовски.
Соопштенија
Атанасовски: Заокружи број 9, за Македонска Каменица да продолжи да се развива
„Со поддршка на Владата и премиерот, наскоро ќе кажеме дека сме прва општина со асфалтен пат до секој дом и со чиста вода за пиење за секое семејство. Најголемите и најзначајните проекти во нашиот град, се изградени од ВМРО-ДПМНЕ и ние ќе продолжиме по трасираниот пат, пат по кој ќе чекориме сплотени, цврсто и храбро затоа што ние резервен дом немаме. Имаме визија за развиена Каменица, за перспективен град за град на успех и благосостојба, за град во кој сите ќе бидат среќни“, истакна Димчо Атанасовски кандидат за градоначалник за општина Македонска Каменица на вечерашниот мини-митинг во општина Македонска Каменица, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември.
Атанасовски истакна дека во изборната програма има многу нови проекти и идеи за напредок, со цел уште поуспешен и модерен град.
„Имаме идеи за напредок и визија за иднината, работиме за успешна и модерна општина која е пример за останатите. Имаме многу нови проекти за нашиот град. Дојдено е ново време, време кога се гради домаќински и се вложува во иднината, време во кое се бориме за секој еден од вас, за секој проблем да биде решен, секој предизвик да биде надминат, време во кое Македонска Каменица и нејзините жители се пред се и над се. Денес имаме нови асфалтни патишта, водоводни канализациони системи во секој дел од општината, имаме реконструирано образовни институции, јавно претпријатие кое целосно е во функција на граѓаните, имаме силни вложувања и во културата, спортот“, рече Атанасовски.
На крај Атанасовски повика граѓаните да се обединат, и да го заокружат бројот 9 за општина Македонска Каменица да продолжи да се развива.
„Сега е време на обединување а веднаш по новата победа, ќе биде време за вистинска експанзија, доаѓа времето кога овој град ќе биде препознатлив насекаде, и ќе биде инспирација и поттик за сите останати, направете го вистинскиот избор, гласајте за број 9“, посочи Атанасовски.

