Соопштенија
Османи во работна посета на Италија и Светиот Престол

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од денеска ќе биде во работна посета на Италија и Светиот Престол.
Во рамки на посетата на Италија, Османи ќе се сретне со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Луиџи Ди Мајо, а во агендата е предвиден и состанок со членовите на Комисијата за надворешни работи при Долниот дом на Парламентот, предводени од претседателот на Комисијата, Пиеро Фасино.
На средбите се очекува да бидат отворени прашањата поврзани со билатералните односи, иднината на процесот на проширување на Европската Унија, и во тој контекст, поддршката од страна на Италија за почеток на преговорите на Северна Македонија. Покрај политичките релации меѓу двете земји, на средбите ќе биде опфатено продлабочувањето на економските односи, како и секторската соработка во останатите сегменти на општественото живеење.
Османи ќе го посети и Светиот Престол каде што ќе има средба со ватиканскиот секретар за односи со државите, монсињор Пол Ричард Галагер. Покрај можностите за унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Светиот Престол во области од заемен интерес, а ќе се разговара и за теми засновани врз значајни историски врски, споделени културни вредности и заеднички духовни традиции.
Во рамките на посетата на Италија, Османи ќе се сретне и со претставници на здруженијата на нашата дијаспора, активни во Италија, со кои ќе размена информации за темите од нивен интерес, за нивните потреби, но и идеи. Во фокусот на овие средби ќе биде и пописот на нашите граѓани во странство, и начините за анимирање на што е можно поголем дел од дијаспората во овој процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Османи: Преку европски фондови обезбедуваме историски буџет за реконструкција на фасадите во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција најави проект за целосна санација и уредување на фасадите на сите згради во стариот дел на општината.
„Ќе започнеме сериозен проект од првиот ден за уредување на фасадите на сите згради во стариот Чаир. Ова не е само прашање на естетика, туку и прашање на енергетска ефикасност. Нова фасада значи и нова термоизолација, што ќе ги намали трошоците за греење во зима, а во лето ќе го заштити животниот простор“, истакна Османи
Тој ги претстави и деталите за тоа како ќе се финансираат овие проекти, нагласувајќи дека со добро планирање тие можат да се финансираат главно со европски средства. Османи истакна дека како поранешен национален координатор за европски фондови, добро ги познава работите во оваа сфера и веќе има формирано професионален тим што ќе работи на подготовка на проекти.
„Врз основа на сите анализи што ги направивме, ова се проекти кои Европската Унија ги поддржува финансиски, пред сè поради енергетската ефикасност и заштитата на животната средина. До 85% од трошоците за вакви проекти можат да се обезбедат преку европски фондови, а останатите 15% ќе ги покрие општината“, рече Османи и додаде дека од милијардите евра што и биле достапни на Северна Македонија, Општина Чаир во изминатите 20 години искористила нула евра, затоа што не подготвувала проекти и немала стручни луѓе кои знаат да работат на такви проекти.
Османи појасни дека за вакви интервенции до сега, проектите предвидувале граѓаните да ги покријат две третини од трошоците, а општината само мал дел.
„Но, луѓето немаат можност да ги поднесат тие трошоци за заедничките фасади, за лифтовите и за внатрешното уредување. Затоа, мојата додадена вредност како иден градоначалник на Чаир е што добро ги познавам европските фондови, добро го познавам Брисел и ги познавам луѓето кои одлучуваат за нив. И проектите како фасадите, новите лифтови, уредувањето на овој дел од Чаир ќе бидат апсолутен приоритет, и со целиот мој капацитет ќе почнат уште од првиот ден“, потенцираше Османи.
Реновирањето на фасадите и зачувувањето на стариот дел од Чаир ќе биде приоритет, истакна Османи и уште еднаш повтори дека овој дел ќе биде целосно заштитен и нема да бидат дозволени повеќе дивоградби.
Соопштенија
Даскаловски: Струмица е град што не се покорува, да ја продолжиме успешната приказна што ја градиме 20 години

Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Марјан Даскаловски, од митингот во Струмица испрати пораки за единство, истрајност и продолжување на развојот на градот. Тој ја истакна потребата Струмица да остане град на сите луѓе, без поделби и манипулации.
„Струмица живее, дише, расте, и тоа не е заслуга на еден човек. Тоа е заслуга на сите вас. Секој што дал, секој што верувал, секој што не се откажал, тоа се луѓето што ја пишуваа оваа успешна приказна на Струмица“, порача Даскаловски.
Тој подвлече дека сите чекори кои се направени изминатите години се резултат на заеднички труд и посветеност, а не на поединци.
„Дваесет години овој град се развива, се менува, создава. Дваесет години докажуваме дека знаеме, можеме и не се откажуваме. Затоа што Струмица не заслужува пауза, Струмица заслужува иднина“, изјави тој.
Даскаловски упати јасна порака до сите оние кои се обидуваат да го сопрат развојот на градот преку страв, поделби и манипулации:
„Да не дозволиме манипулатори да ја окупираат Струмица. Да не дозволиме стравот да ја сопре успешната приказна. Секогаш ќе има некој што ќе се обиде да создаде поделби, да внесе страв, да шири сомнеж… Но, со страв не се гради. Со поделби не се оди напред. Со уцени не се победува. Овој град се води со љубов, со работа, со идеја и со храброст“, порача Даскаловски.
Според него, граѓаните на Струмица нема да дозволат некој да ја скрши нивната волја и достоинство. Тој ги повика граѓаните да ја продолжат успешната приказна на Струмица, со нова енергија и нова генерација:
„Ова не е крајот, ова е нов почеток. Почеток на следното поглавје. Почеток на нова генерација што ќе ја продолжи приказната, смело и одговорно“, рече Даскаловски.
На 19 октомври, тој ги повика граѓаните да излезат и да дадат поддршка на иднината што сами ја создаваат: „Овој град не застанува. Овој град продолжува, со идеја, со работа. Да покажеме дека нашата успешна приказна продолжува. Дека најдоброто допрва доаѓа“, порача кандидатот за градоначалник, Марјан Даскаловски.
Соопштенија
СДСМ: Мемов и ЗНАМ се против чистењето на депониите и ѓубрето, очајни обиди за негативна кампања

„Во отсуство на идеи и визија, ЗНАМ и Никола Мемов тргнаа во брутална црна кампања – толку очајна, што дури и чистењето на ѓубрето им пречи“, велат од СДСМ.
„ЗНАМ и Мемов сега ги напаѓаат акциите за чистење на депониите и уредување на јавниот простор во Центар, нешто што директно ги подобрува условите за живот на сите граѓани.
Најновата лага од нивната кујна е дека чистењето на дивата депонија во Крњево и предвидените проекти таму не можеле да се реализираат. По барање на самите жители општината ја исчисти и таму ќе има игралишта, урбана опрема и зеленило.
Мемов зборува за урбанизам, а не ги разбира основите. Општината реализира проекти според важечките ДУП-ови каде овој проект е предвиден и ќе се реализира. Во обид да се прикаже дека нешто откриле, Мемов и ЗНАМ демонстрираа врвно непознавање на процедурите и законите на локалната самоуправа.
Жално е што наместо да понуди конкретни решенија или проекти, Мемов се фати за прес-конференции полни со обвинувања и празни зборови, додека Центар се расчистува, уредува и се трансформира. Секој ден на терен работат екипи на општината и го чистат сметот кој дури не е надлежност на самата општина. Секој ден се гледаат резултатите и ова го боли ЗНАМ.
Најлесно е да се напаѓа од страна а многу потешко е да се сработи. Герасимовски сработува, она што го ветил, тоа и го реализира.
Граѓаните на Центар не се наивни. Тие гледаат кој стои зад вистинска работа и реални проекти, а кој се обидува да дојде до фотелја со клевети и манипулации“, соопшти СДСМ.