Соопштенија
Предновогодишен РЕсет со Елена Бубало во СРЦ „Борис Трајковски“

Сите кои се трудат да го одржат своето тело во добра кондиција, во недела на 1.12.2024 година ќе можат да се приклучат на фитнес вежбите под раководство на познатата инструкторка Елена Бубало и нејзиниот тим.
Настанот ќе се одржи во малата сала на Спортско рекреативниот центар Борис Трајковски во Скопје, со почеток од 10:30 часот. Сите заинтересирани можат да се пријават на следниот линк
„РЕсет“ настанот е во организација на Реплек, а како и на претходниот, покрај можноста за вежбање со искусната инструкторка Бубало, ќе биде поставено и детско катче со спортски реквизити за деца до 6 години, додека поголемите деца ќе можат слободно да се приклучат и да вежбаат заедно со своите родители. Во рамките на „РЕсет“ настанот, Реплек обезбедува соодветна опрема и освежување за сите кои ќе вежбаат.
Ова е веќе трет настан од ваков вид и последен за оваа година. Претходните два, одржани во јуни и септември, привлекоа голем број учесници кои имаат сè поголем интерес за активниот начин на живот.
Овој тип на настани ќе продолжат и во 2025 година, како дел од платформа за добросостојба на Реплек именувана „РЕсет“. Платформата има за цел да поттикне ведар дух, здраво тело и ментална сила сѐ со цел создавање промени и унапредување на општествената култура.
Покрај промоција на активниот живот, платформата „РЕсет“ беше домаќин и на едукативни работилници со Илина Арсова и Борче Стаменов, со кои се разговараше на повеќе теми, меѓу кои и добросостојбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Меџити: Скопската чаршија столб на развојот на економијата, туризмот и културата во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, денес го презентираше третиот столб на неговата изборна програма, фокусиран на преродбата на Старата скопска чаршија и развојот на туризмот како економски мотор на општината.
Во своето обраќање, Меџити истакна дека Старата чаршија е многу повеќе од трговски комплекс – таа е “живата историја на Скопје, душата на градот и срцето на Чаир“. Тој нагласи дека неговата цел е ова културно наследство да се трансформира во модерен европски центар на туризмот и културата, преку конкретни проекти и обезбедено финансирање.
„Чаршијата не е само збир на улици и дуќани. Таа е нашата жива историја, духот на Скопје и срцето на Општина Чаир. Наша должност е не само да го сочуваме овој бесценет бисер, туку и да го издигнеме на ниво на врвна европска туристичка атракција, препознатлива во целиот регион. Нашата визија е Чаршијата да стане просперитетен центар на културата, туризмот и економијата“, изјави Меџити.
Програмата на Изет Меџити за преродбата на Старата чаршија опфаќа пет клучни развојни чекори:
1.КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ ЗА ВРАЌАЊЕ НА АВТЕНТИЧНИОТ СЈАЈ
-Реставрација на калдрмите: Целосна конзервација на улиците „Сарачка“, „Папучиска“, „Петар Михов“, „Самарџиска“ и дел од „Ковачка“. Проектот е одобрен од Владата и се реализира во 2025 година.
-Обнова на фасадите: Продолжуваме со обнова на фасадите на сите преостанати дуќани, зачувувајќи го автентичниот изглед и претворајќи ја Чаршијата во вистинска европска атракција.
-Модерно улично осветлување: Инвестираме во нова мрежа за осветлување за да ја зголемиме безбедноста и да ја истакнеме убавината на Чаршијата во вечерните часови.
2. ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА ЗА МОДЕРЕН ТУРИЗАМ
-Паметни инфо-табли: Поставуваме интерактивни табли на клучните точки – Плоштад Скендербег, Старата Чаршија, Бит Пазар. Тие ќе нудат информации во реално време и бесплатен Wi-Fi за сите посетители.
-“Дигитална Чаршија“: Креираме виртуелен музеј и мобилна апликација која ќе служи како модерен дигитален водич со интерактивни мапи и историски податоци за секој објект.
3. СТАНДАРДИ ЗА СЕКОЈ ПОСЕТИТЕЛ
-Изградба на модерни, беспрекорно чисти и лесно пристапни јавни тоалети. Тие ќе бидат целосно прилагодени за лица со попреченост и ќе се одржуваат секојдневно, обезбедувајќи достоинствени услови за сите.
4. ЗАШТИТА НА БИСЕРИТЕ НА ЧАРШИЈАТА
-Целосна реставрација и меѓународна промоција на нашите историски обележја: Куршумли ан, Капан ан, Сули ан, Чифте амам, Даут Пашин амам, Шенгул амам и Безистенот.
5. „Круна на преродбата“ – изградба на подземен паркинг под Плоштад „Скендербег“
На крајот на презентацијата, Меџити ја најави и изградбата на двокатен подземен паркинг под Плоштад „Скендербег“, инвестиција од 25 милиони евра, веќе обезбедена од Владата. Проектот ќе го реши проблемот со пристапот и ќе ја претвори оваа зона во модерен урбан центар кој ја спојува историјата со европската иднина.
„Капиталниот проект кој ќе стави печат на оваа преродба е изградбата на новиот Подземен паркимг „Скендербег“. Инвестицијата вредна 25 милиони евра е веќе обезбедена од Владата, отворенa е набавката и се очекува за најмногу месец дена да има камен темелник за реализација на овој проект за 800 возила. Ова ќе биде модерно јадро и симбол на Чаир, место каде што нашата богата историја гордо ќе се сретне со европската иднина.“ – потенцираше Меџити.
Во завршниот дел од обраќањето, Меџити истакна дека преродбата на Старата чаршија е идентитетски, економски и културен проект, кој ќе го позиционира Чаир како центар на регионалниот туризам.
„Старата Чаршија е нашата гордост, но таа не смее да живее само од минатото. Таа заслужува жива и просперитетна иднина. Оваа програма не е список со желби. Ова е конкретен план, со обезбедени средства и јасни рокови. Со целосна посветеност и во партнерство со вас, граѓаните и еснафите, ќе ја издигнеме Чаршијата во симбол на нашиот културен идентитет и мотор на економскиот развој и туризмот.“ – изјави Меџити.
Соопштенија
ЗНАМ ја промовира програмата за култура, уметност и традиција за Куманово

Куманово отсекогаш било град на културата, талентите и уметноста. Град во кој се спојуваат традицијата и современоста, старото и новото, автентичното и модерното. Општината ќе продолжи да биде чувар и поддржувач на културниот идентитет, место каде што уметноста се негува, а традицијата се почитува, рече денеска на презентацијата на програмата на Движењето ЗНАМ за Куманово за овие локалкни избори, кандидатката за советник Јелена Пауновиќ.
„Во изминатите години активно вложувавме во културата – реконструкција на објекти од историско значење, поддршка на фестивали, манифестации и културно-уметнички друштва. Организиравме настани што го збогатија културниот живот, но и го афирмираа Куманово како културен центар на североисточниот регион“, рече Пауновиќ.
Таа кажа дека во програмата ЗНАМ предвидува уште повеќе промотивни активности.
Дел од нив се зголемување на буџетот за културни програми со цел побогата и подостапна понуда за граѓаните, целосно финансирање на традиционални настани кои се дел од културниот идентитет на Куманово, идентификување на најуспешните културни манифестации и нивно издигнување на повисоко ниво – регионални и меѓународни фестивали, заштита и ревитализација на културното наследство – објекти, локалитети и симболи на градот, формирање културен центар или изложбена поставка за историјата и развојот на Куманово, изработка на туристички водич за култура и историја на Куманово, со цел поттик на културниот туризам, промоција на локални атрактивни дестинации и нивна интеграција во туристички понуди, кумановско културно лето со концерти, театар и уметнички програми на Спомен костурницата, летен филмски фестивал на отворено за промоција на филмската уметност.
Куманово, потенцираше Пауновиќ, не е само град на историја, туку град на создавање. Град кој дише преку уметноста, се гордее со своите таленти и живее преку својата култура.
Соопштенија
Герасимовски: За првпат воспоставуваме „Крафт Стрит“ – улица на занаетчиите во Центар

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, денеска најави нов проект „Крафт Стрит – улица на занаетчиите“, кој има за цел да создаде нова урбана зона посветена на занаетчиството, уметноста и локалното производство.
„Во Центар за првпат воспоставуваме Крафт Стрит – улица на занаетчиите. Сите занаетчии, уметници и производители ќе добијат свој простор за развој и промоција на идеи и бизниси, а граѓаните ново катче со уникатни македонски производи. За Центар што го сакаме“, изјави Герасимовски.
Проектот, како што објасни, е дел од неговата визија за создавање покреативен, културно жив и економски одржлив Центар, каде што локалните уметници и занаетчии ќе имаат можност да го претстават својот труд и да остварат директен контакт со посетителите и купувачите.
„Ова е уште еден чекор во насока на создавање отворен, жив и културен Центар, општина во која граѓаните ќе имаат место за дружење, инспирација и гордост од сопствената традиција“, порача Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека „Крафт Стрит“ – улицата на занаетчиите се реализира во вториот мандат, по победата на локалните избори.