Соопштенија
СДСМ: Домашни платежни картички за 324.000 граѓани

„Вкупно 324.479 граѓани добиваат домашни платежни картички за потикнување на приватната потрошувачка и за поддршка на македонските производи и услуги. Платежната картичка е дел од третиот пакет-мерки на Владата, предводена од СДСМ, за која се обезбедени 28 милиони евра, со кои се поттикнува економската активност за ревитализирање на македонската економија во услови на корона-кризата“, соопшти СДСМ.
Корисници на оваа картичка се приматели на социјална помош и невработени лица, кои активно бараат работа, а имаат нето-доход до 60.000 денари во периодот јануари-април годинава. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.
Потоа, вработени со низок доход, кои за периодот јануари-април годинава оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време . Тие ќе добијат 3.000 денари еднократно.
Картичка во вредност од 3.000 денари добиваат и млади лица од 16 до 29 години, кои се активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование. Домашна картичка ќе добијат и над 4.300 здравствени работници ангажирани во справување со Ковид-19, со износ од 40 отсто од последната основна нето-плата.
„Граѓаните што ги исполнуваат условите не треба да аплицираат за картичката, туку ќе може да проверат дали се во системот со внесување на матичниот број на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk, каде што е назначено и од која банка ќе може да ги добијат парите.
Банките почнуваат со издавање на домашните платежни картички уште оваа недела, а најдоцна треба да бидат издадени до 18 јули. Средствата на домашните картички треба да се искористат најдоцна до 15 август. Остануваме посветени на помош и поддршка на нашите граѓани, на помош и поддршка на нашата економија за сите заедно полесно и подбу да се справиме со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот“, соопшти партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Анѓушев: Паркингот пред Лептокарија ќе произведува струја

Носителот на листата за советници на Коалицијата за зелена иднина во Општина Карпош, Александар Анѓушев и кандидатката за советничка Љубица Шопова денес се сретнаа со дел од жителите на Лептокарија. Во разговор со граѓаните беа претставени програмските приоритети на коалицијата, како што се зелени и пристапни јавни простори, транспарентно локално управување и оживување на културниот живот во Карпош.
Анѓушев најави јасен курс кон спроведување на одржливи решенија за паркирањето во овој дел од општина Карпош.
„Паркингот пред Лептокарија мора да прерасне во извор на чиста енергија, во Советот ќе бараме поставување на соларни настрешници наместо изградба нова катна гаража и бетон. Јавниот интерес мора да биде пред профитот“, рече Анѓушев.
Шопова зборуваше за приоритетите во делот на културната инфраструктура и јавните објекти.
„Напуштените јавни објекти во Карпош ќе ги пренамениме во живи културни пунктови за музика, театар, ликовни и младински програми. Јавниот простор е право, не милост, културата треба да се гледа и слуша во секое маало“, порача Шопова.
Соопштенија
Алексовски: Развој на локалитетот Калин Камен и прочистителна станица во Крива Паланка

Кандидатот за градоначалник на општина Крива Паланка, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Алексовски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека општината ќе биде пример за развој, со конкретни проекти и визија во областа на инфраструктурата, образованието, културата, спортот и соодветна грижа за младите и постарите.
„По децении ветувања-нашиот планински бисер, локалитетот на Калин Камен ќе го добие заслуженото место на туристичката карта, поставувањето на ски лифтот на локалитетот ќе значи реален развој на Калин Камен. Поддршката за младите и спортот ќе биде реална и конкретна, ќе славиме заеднички победи со проектот 100.000 евра годишно за спортот во Крива Паланка. Изградба на ново сообраќајно решение со мост и семафорска раскрсница за поврзување на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“ со патниот правец А2 и населбата Бегови Бавчи. Изградба на нов мост преку Крива река во ширина од 7 метри со тротоари за безбедност на учениците и учесниците во сообраќајот“, рече Алексовски.
Алексовски истакна дека ќе се инвестира во патната инфраструктура, младите и спортот, но воедно и Крива Паланка ќе добие спортски терени, нови детски игралишта и прочистителна станица за отпадни води на Крива река.
„Ќе градиме локална и регионална патна инфраструктура, со предвидени над 40 километри асфалтирање на патни правци во повеќе села. Ќе градиме и канализациони системи, ќе ги одржиме постојните и нови зелени површини. Ќе го ставиме во функција градскиот базен, спортот ќе доживее експанзија со доуредување на спортската сала кај мотел Македонија. Младите ќе имаат централно место во нашето работење, ќе формираме центар за млади, младите ќе добиваат не само стипендии, туку спортистите ќе имаат буџет за спортски ваучер, ќе се отвори локално радио Крива Паланка, ќе поддржиме младински старт-апи, ќе се градат и уредуваат нови детски игралишта, спортски терени, ќе ги обновиме училиштата. Крива Паланка ќе добие главен колектор и прочистителна станица за отпадни води на Крива Река, проект за кој етапно ќе изнаоѓаме средства“, вели Алексовски.
Соопштенија
Николовски: Изградба на рекреативен градски парк и реконструкција на улици во Кратово

Кандидатот за градоначалник на општина Кратово, од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Тодорче Николовски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека ќе продолжи развојот на општината и ги наведе капиталните проекти кои ќе се реализираат во иднина, како инвестиции во образованието, инфраструктурата, детската заштита, културата, спортот и подобрување на животот во селските и руралните средини како и посветување внимание на економијата и туризмот.
„Реконструкција на стара училишна зграда (Стаклара). Изградба на канализационен колектор и уредување на дел од Манцева и Кратовска Река во вкупна должина од 520 метри. Изградба на рекреативен градски парк во „Карши Бавча“. Решавање на проблемот со чиста вода за пиење во селските средини .Изработка на техничка документација, конзервација и ревитализација на Горни Амам. Реконструкција на најголемиот дел на улици во „Царина маала“, чија реализација е започната и се одвива извесен период“, вели Николовски.
Николовски наведе дека ќе се реконструираат бројни улици и локални патишта, но и дека ќе се изврши реконструкција на детската градинка и асфалтирање на локални патишта.
„Реконструкција на речиси сите улици во „Зорле маала“, за кое нешто е избран изведувач и потпишан Договор за реализација. Спроведени постапки со избрани понудувачи постојат и за следниве значајни проекти: Реконструкција на локален пат од село Близанци кон Мушково во должина од 2.6 километри, изградба на улица Кочо Рацин, реконструкција на улицата Никола Тесла, реконструкција на детската градинка Царка Андреевска, асфалтирање на локален пат во село Вакув, асфалтирање на локален пат во с. Сакулица“, рече Николовски.