Македонија
СДСМ: Салата „Расадник“ пропаѓа, а семејните фирми на Данела Арсовска развиваат бизнис со хотели
Почесната конзулка на Унгарија, Данела Арсовска, не заслужува да биде ни кандидат за градоначалник на Скопје затоа што е одговорна за пропаѓањето на спортската сала „Расадник“ изградена со самопридонес на скопјани, беше изнесено на денешната прес-конференција од градската организација на СДСМ во Скопје.
СДСМ Скопје тврди дека Данела Арсовска бега од одговори на прашања во врска со нејзиното катастрофално менаџирање на салата „Расадник“, кое било овозможено од власта на ВМРО-ДПМНЕ кога министер за финансии е Никола Груевски во 2002 година.
Претходно, СДСМ обелодени документи дека во 2002, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, спортската сала „Расадник“ ѝ била дадена под закуп на 25 години на фирмата „Империјал Данела“, со седиште на улицата Благоја Гојан 24 (од 1.1.2002) кога Данела имала само 22 години: „Арсовска (тогаш Јовановска) се обврзала да го развива спортот во општина Кисела Вода со користење на салата, но, наместо спортот, директорката Данела развивала семејни фирми – дел од нив со седиште токму во спортската сала „Расадник“ – објект изграден на државно земјиште од град Скопје преку самопридонес на скопјани“, тврди СДСМ-Скопје.
На прес-конференцијата беа обелоденети повеќе документи за поврзаност на Данела Арсовска со фирми на татко ѝ дека заедно воделе бизниси во државната сала „Расадник“ и на други места, како што е фирмата „Ројал груп“ ДООЕЛ со седиште на улицата Народни херои ББ, спортска сала – „Расадник“.
„Арсовска станува претседател на ССК во 2014 токму како генерален менаџер на ‘Ројал груп’ и истата година дава интервјуа како сопственик на ‘Ројал Скопје’. 2015 година Арсовска и ‘Ројал груп’ се на списокот на донатори за црквата на Никола Груевски, а Арсовска седи на иста маса со Груевски“, укажа СДСМ Скопје.
СДСМ Скопје обелодени документ за историјатот на фирмата „Ројал груп“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, од кој се гледа дека Арсовска и татко ѝ претходно биле заеднички сопственици, а била и управител на оваа фирма со седиште во салата „Расадник“:
„Фирмата ‘Империјал’ ДООЕЛ (претходно ‘Империјал Данела’) ја дала на подзакуп салата ‘Расадник’ на семејната фирма ‘Ројал груп’ токму во периодот кога е констатирана кражба на струја. Кога Арсовска станува претседател на ССК во 2014, кога се објавуваат информации за неа како генерален менаџер на ‘Ројал груп’, тогаш се крадела струја, а фирмата ‘Ројал груп’ била подзакупец на спортската сала ‘Расадник’!“, тврди СДСМ-Скопје.
Тие ја обвинуваат Арсовска дека додека салата „Расадник“ пропаѓала како резултат на лошо менаџирање и неплаќање огромни долгови кон ЈП, Арсовска си развивала семејни бизниси – и на државна адреса во салата „Расадник“, но и на „Благоја Гојан“ бр. 24, каде што е регистрирана фирмата „Империјал Данела“ – првиот закупец на салата „Расадник“ во 2002.
„Од обелоденетите документи се гледа дека Данела Арсовска била менаџер на ‘Хотел Империјал’ на улица Благоја Гојан бр. 24, каде што биле регистрирани и брендовите Hotel Imperial и Hotel Royal на фирмата ‘Хотели Ројал’ ДООЕЛ Скопје“, велат од таму.
СДСМ Скопје обелодени и документ дека фирмата „Хотели Ројал“ е сопственик на „Хотел Ројал“ во Капиштец и постави директни прашања до Арсовска.
„Колку приватни или семејни фирми на Арсовска имаат седиште на државна адреса во спортската сала ‘Расадник’, објект изграден од скопјани со самопридонес? Дали тие приватни фирми краделе струја, не плаќале долгови и исцрпувале ресурси од државната сала за да си развиваат бизнис со хотели и други бизниси?“, прашуваат од СДСМ Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Едно лице задржано по трагедијата во Карпош: распити на повеќе лица, детален претрес на станот, екстракција на податоци од телефони, се обезбедуваат снимки
Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете.
Едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.
Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.
Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.
Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Гостивар
Според досегашните податоци со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утрово во 5 часот и 21 минути се случи земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, на околу 45 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.2
Земјотресот е почувствуван во Гостивар и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
СДС сервилна знае само за патлиџан дипломатија и предавнички политики, руските играчи се во СДС и оние кои му дадоа државјанство на Онишченко, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Тоа што геополитичките интереси на големите геополитички актери во даден момент се поклопиле со државните интереси на Македонија нема никаква врска со „државничка“ политика на СДС.
Бидејќи СДС-сервилна од дипломатија и меѓународни односи знае само за патлиџан дипломатија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС сервилна знае само да ги распродава државните и национални интереси.
СДС на меѓународен план и екипата на Бујар Османи, Маричиќ, Ковачевски нема држава, настан или организација каде не ја понижија Македонија со сервилната и погубната дипломатија која ја водеа.
Руските играчи на македонската политичка сцена се СДС Заев и Филипче. Доказ за тоа е скандалот со доделување државјанство на рускиот државјанин Онишченко осуден за корупција и перење пари во Украина.
Надворешната политика што ја водеше СДС беше обележана со сервилност и отстапки на штета на државните и националните интереси“. Наместо, како што додаваат од владејаќката партија, цврста и достоинствена дипломатија, граѓаните беа сведоци на политики предавнички и недоволна заштита на националните позиции и интереси.
Државата, според нив, заслужува стратегија што ќе се темели на јасно дефинирани национални интереси, самопочит и партнерства изградени врз взаемна почит, а не на политика на постојани отстапки. Според ВМРО-ДПМНЕ, само преку конзистентна, достоинствена и принципиелна дипломатија може да се заштитат долгорочните интереси на Македонија и нејзините граѓани.

