Соопштенија
СКОПСКО-платформата „Наша гордост. Наша одговорност“ и оваа година продолжува со кампања за собирање средства за заштита од загадување на националните обележја

СКОПСКО продолжува со активностите во рамки на долгорочната платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ И во годината во која брендот СКОПСКО одбележува 100 години постоење продолжува партнерството со Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак и други поддржувачи, а пред сè со лојалните купувачи и потрошувачи на брендот. Во фокусот на платформата останува главната цел заштита на животната средина и националните обележја.
Веќе започна продажбата на специјално обележаните шишиња СКОПСКО и СКОПСКО Smooth во рамки на новата иницијатива за собирање средства. За секое продадено шише, 1 денар ќе биде наменет за организирање на неколку акции и инвестиции во опрема за чистење, собирање и селектирање отпад и зачувување на животната средина и македонските знаменитости.
„Продолжува нашата посветеност на зачувување на нашите природни убавини. Фокусот на СКОПСКО како бренд е да ја поддржи заедницата, да ги обедини и инспирира луѓето да делуваат за да го направиме светот подобар. Заедно ја делиме одговорноста за да го исчистиме и да го заштитиме од загадување она што е наша гордост – природните и културни обележја на нашата земја. Оваа кампања ја нагласува долгорочната заложба на СКОПСКО за одржливост, повикувајќи ги сите да придонесат за почиста, позелена иднина.“, вели Марта Завкова, сениор бренд менаџер за СКОПСКО во Пивара Скопје.
Минатата година во рамки на платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ беа реализирани акции за чистење на дното на Охридското Езеро и крајбрежјето како и поставување на пловни препреки на реките Сатеска и Даљан за да се спречи загадувањето на Езерото со пловен пакувачки отпад.
Како компанија ориентирана а кон иднината, Пивара Скопје со СКОПСКО платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ ќе опфати и други национални обележја во земјата и ќе ги обедини граѓаните, организациите и институциите кои споделуваат слични вредности.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Данилоски: Четири години ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром – четири години застој, лаги и неработење!

„Четири години беа доволни да се види вистинското лице на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром – неспособност, незаинтересираност и нула исполнети ветувања. И Тимчо Муцунски пред да стане министер, и неговиот наследник Дејан Митески – ветуваа сѐ и сешто: „хумана урбанизација“, нови градинки, училишта, паркинзи, велосипедски патеки, зелени површини, па дури и ‘смарт општина’“, вели Марко Данилоски, кандидат за советник на СДСМ во Советот на Град Скопје.
„Денес, по четири години – граѓаните гледаат спротивното. Аеродром е запуштен, обраснат со треви и ѓубре. Ниту еден клучен реализиран проект, само планови и празни изговори. Ниту една нова градинка, ниту едно ново училиште.
Од ветените 6 кружни текови – ниеден не е изграден. Од 3000 нови паркинг места – само две мали паркиралишта. Вело-дромот, велосипедските патеки и Rent-a-bike системите – остануваат само желби.
Парковите од 100.000 м² што ги ветуваа – не постојат. Ветуваа таблет за секое дете од прво до деветто одделение, смарт табли во секоја училница и нула дополнителни трошоци во градинките. Денес сведоци сме дека ниту има таблет за секое дете, ниту има табли во секоја училница.
Родителите редовно собираат дополнителни средства за тонери, хартија, течен сапун и влажни марамчиња. Од годинава училиштата останаа и без обезбедување.
Дејан Митески денес води општина во целосен хаос и без резултати. Ова е слика на нефункционално, партизирано и неодговорно владеење.
Аеродром заслужува чесно, посветено и одговорно управување – луѓе што работат за граѓаните, не за партијата. Власт што слуша и не бега од одговорност.
Аеродром може и мора да биде модерен, зелен и функционален дом за сите. Затоа на 19 октомври заедно ќе се избориме за нашиот дом! За нашиот Аеродром!“, изјави Марко Данилоски, кандидат за советник на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Соопштенија
Оливера Ливриниќ: Радишани добива нови инвестиции, нов парк и подобра инфраструктура

„Населбата Радишани ќе биде во фокусот на серија инфраструктурни и урбани проекти што ќе придонесат за подобри услови за живот, сообраќајна безбедност и уредена јавна средина“. Ова го најави кандидатката за советничка во општина Бутел, Оливера Ливриниќ, нагласувајќи дека приоритет е реализација на конкретни решенија што ќе се спроведуваат во текот на целиот мандат.
Меѓу планираните активности се:
- Целосно покривање и уредување на пазарот во Радишани, со што ќе се обезбеди подобра функционалност и услови за граѓаните и продавачите.
- Изградба на двокатни гаражи кај двата главни влезови во населбата кај трговскиот центар во Радишани, со што ќе се реши проблемот со паркирањето и сообраќајниот хаос.
- Финансиска поддршка за енергетски ефикасни фасади и покриви на колективните згради, за заштеда на енергија и подобар визуелен изглед на населбата.
- Воведување на нови автобуски линии во соработка со Град Скопје: Радишани – Визбегово – Карпош и Бутел – Железара – Аеродром, за подобра јавна поврзаност и намалување на сообраќајниот метеж.
- Создавање нов парк со зеленило, урбана опрема и вештачка карпа за спортско качување, кој ќе биде место за рекреација на сите генерации.
- Поставување улични канти за ситен отпад со цел почиста и поуредна околина.
- Реконструкција и асфалтирање на оштетените улици, поставување атмосферска канализација и сообраќајно решение за просторот околу ООУ „Ацо Шопов“, како и проширување на објектот на училиштето.
- Инсталирање на лежечки полицајци каде што е потребно, за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.
„Безбедноста не е избор – тоа е обврска. Радишани мора да биде место каде што граѓаните живеат мирно, безбедно и достоинствено,“ изјави Ливриниќ, додавајќи дека сите најавени проекти се дел од сеопфатен план за унапредување на животниот стандард во Општина Бутел.
Соопштенија
Трајановски: Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз

Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска пред Јавното сообраќајно претпријатие го претстави предлогот од својата програма за решавање на еден од најголемите и најболни проблеми на Скопје – јавниот транспорт.
„Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз. Во нашата програма предвидуваме комбиниран пристап и имплементација на два паралелни процеси – одблокирање на проектот за Bus Rapid Transit (БРТ) како и набавка на нови, еколошки автобуси,“ истакна Трајановски.
Тој потенцираше дека сегашната состојба во ЈСП е алармантна, бидејќи дури и во случај веднаш да се обезбедат 200 електрични автобуси, тие не би можеле да се пуштат во употреба. „Депоата не се подготвени, нема полначи со капацитет од најмалку 110 киловати, што е неопходно за нивно полнење. Затоа, на краток рок, најефикасно и најекономично решение се автобусите на метан, кои се докажано најеколошка и најисплатлива алтернатива,“ појасни тој.
Трајановски ја поздрави и најавата на Владата за набавка на нови автобуси, но нагласи дека ваквиот процес мора да биде континуиран, а не еднократен. „Ова е процес што требаше да се одвива постојано, но поради политички блокади и меѓупартиски калкулации, граѓаните беа оставени без пристоен јавен транспорт. Време е да се стави крај на тоа,“ рече тој.
Тој додаде дека Јавното сообраќајно претпријатие е од стратешко значење за државата и треба да има постојана поддршка од Владата, како што било и во минатото, кога редовно се доделувале субвенции во висина до 15 милиони евра годишно.
Во следната фаза, програмата на Трајановски предвидува и детализирање на јавниот превоз за специфични групи граѓани, меѓу кои и средношколците. „Планираме воведување на мрежа од мини-буси и комбиња кои ќе можат да оперираат низ тесните улички и урбани зони, за безбедно и директно превезување на учениците од нивните домови до училиштата. Она што го гледаме во европските градови може и мора да стане реалност и во Скопје,“ нагласи Трајановски.
„Јавниот транспорт не смее да биде хроничен проблем на Скопје. Тој мора да стане пример за организираност, економичност и грижа за граѓаните,“ заклучи Трајановски.