Спорт
(Видео) Стрелците Џингов и Бранковски, и покрај постигнатите норми, МОК не ги пушта на Олимпијада
Македонскиот олимписки комитет упорно ги игнорира резултатите од светските и европските првенства во стрелашство на Јане Џингов и Борјан Бранковски, со кои, како што велат, обезбедуваат норма за натпреварување на Олимписките игри. Селекторот на македонската стрелечка федерација, Јордан Тасевски, веќе неколку месеци е во конфлик со спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, за кој вели дека повеќе од 2 години ги игнорира успешните резултати на Џингов и Бранковски.
„Нејасно е зошто комитетот ги игнорира резултатите. Борјан Бранковски уште пред една година на светскиот куп во 2017 има освоено голем резултат и висок пласман, истиот резултат го оствари и на светското првенство пред пет дена во дисциплината пиштол. Богоевски го игнорира овој резултат, кој беше предложен од селекторот и Македонската стрелечка федерација, да биде помогнат од МОК со стипендија. Богоевски во овој случај повторно избра стрелец кој веќе бил на олимпијада со вајлд карта, што значи дека нема можност повторно да отиде на истиот начин, а исто така избира и да го финансира“, вели селекторот на Македонската стрелечка федерација, Јордан Тасевски.
Постојат два начина стрелците да се квалификуваат на олимпијада, со остварување А и Б-норма. А-нормата претставува директен влез преку освојување на првите 4 места на светско или европско првенство во стрелаштво, кои меѓународната стрелечка организација ги прогласува за квалификациски, а Б-нормата се остварува кога стрелецот ќе направи минимален квалификационен резултат по што домашниот олимписки комитет треба да испрати покана за обезбедување универзално место со вајлд карта.

„Се занимавам со спортско стрелаштво 10 години, од кои професионално 3-4. Повеќекратен државен првак сум со воздушен пиштол, имам постигнато Б-норма, односно минимален квалификациски резултат неколкупати, последен пат сега во Шангвонг во Кореја на светскиот куп. Исто така, и минатата година во 2017 година во Минхен, Германија, каде што го испукав истиот резултат – 570. Од селекторот бев предложен за стипендија од Македонскиот олимписки комитет, но не ме избраа“, вели стрелецот Борјан Бранковски.
„Макфакс“ се обиде да стапи во контакт со спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет, но оттаму кажаа дека тој моментно не е во државата, а за јавноста ќе биде достапен дури наредната недела. Селекторот Тасевски смета дека МОК свесно и намерно фаворизира одредени стрелци при нивниот избор за стипендирање и апликација за учество на Олимписките игри.
„Сигурни сме дека Богоевски тоа го прави свесно и намерно, но тоа нас не нè засега, ние само бараме да ја исполни својата законска обврска и да ги спроведе правилата. Тој не треба да се меша во изборот на федерациите, тие сами одлучуваат и предлагаат стрелци. Богоевски во порталите изнесува лаги и невистини, ги деградира и омаловажува резултатите на спортистите наместо да ги мотивира и пофалува“, вели Тасевски.
Јане Џингов на последните 4 квалификациски натпревари константно го накачува својот резултат по што стигнал до 20 круга над минималната пропишана норма за младински олимписки игри, но сепак од МОК немаат слух за неговиот резултат, кој е верификуван и стои на листата на Светската стрелечка организација со код MQS или минимална пропишана квалификациска норма.
„Со спортско стрелаштво се занимавам од мојата 15. година, највисок резултат што го имам постигнато досега е 602 круга и со тоа обезбедувам минимален квалификациски резултат за Младите олимписки игри, кои треба да се одржат за три недели во Буенос Аирес, Аргентина. За мојот резултат МОК неколку пати е известен од страна на Спортската стрелечка федерација, но од Олимпискиот комитет нема никакво известување дали јас сум пријавен за да бидам избран за вајлд карта“, вели Џингов.
Како што вели селекторот од Стрелечката федерација, МОК бил должен до 15 јануари 2017 за Јане Џингов да достави апликација за обезбедување универзално место за претстојната Младинска олимпијада.
„Дали таа апликација ќе одобрена или одбиена не е работа на Комитетот. Богоевски не е тој што треба да кажува дали му се допаѓа некој селектор или спортист“, вели Тасевски.
Селекторот Тасевски и двајцата надежни стрелци Јане Џингов и Борјан Бранковски сè уште не губат надеж и се надеваат дека оваа нанесена неправда, конечно, ќе биде исправена, со што сите спортисти, без разлика во кој спорт, ќе имаат еднаква можност да ја претстават државата во најдобро светло на Олимписките игри.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Вулверхемптон не се предава, го победи Ливерпул
Фудбалерите на Вулверхемптон, приредија уште една сензација во Премиер лигата. Откако одиграа 2:2 со Арсенал, успеаја да го победат Ливерпул со 2:1 (0:0) во 29-то коло од Премиер лигата.
Ливерпул пропушти шансата да се искачи на третото место, во самиот финиш „црвените“ израмнија, благодарение на Мохамед Салах, но домаќините го зададоа последниот удар.
Мрежите мируваа до самиот крај на натпреварот, кога домашните први се заканија и поведоа во 78-та минута, кога Родриго Гомес погоди за 1:0.
Ливерпул брзо одговори, само пет минути подоцна, израмни Салах.
Иако се чинеше дека тоа ќе биде конечниот резултат, Вулверхемптон успеа да ги изненади гостите од Ливерпул во судиското продолжение. Беше 94-та минута Андре го совлада Алисон и му обезбеди триумф од 2:1 на својот тим.
Последнопласираната екипа на табелата, која и по вечервашната победа има само 16 бода, покажа квалитет и силен карактер, и сосема заслужено го победи актуелниот шампион на Англија.
Ливерпул разочара и остана на петтата позиција со 48 бода, со три бода помалку од Астон Вила и Манчестер Јунајтед, директни конкуренти во борбата за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Премиер лига, 29-то коло
Вторник:
Борнмут – Брентфорд 0:0
Евертон – Барнли 2:0 (1:0)
(Тарковски 32, Дјусбери-Хол 60)
Лидс – Сандерленд 0:1 (0:0)
(Дијара 70п)
Вулверхемптон – Ливерпул 2:1 (0:0)
(Гомес 78, Андре 90+4 – Салах 83)
Среда:
20.30 Астон Вила – Челзи
20.30 Брајтон – Арсенал
20.30 Фулам – Вест Хем
20.30 Манчестер Сити – Нотингем Форест
21.15 Њукасл – Манчестер Јунајтед
Четврток:
21.00 Тотенхем – Кристал Палас
Спорт
Вардар 1961 избори место во осминафиналето во Лига Европа
Ракометарите на Вардар 1961 ја победија Бенфика во Лига Европа со 33:27 и обезбедија место во осминафиналето во ова натпреварување. Црвено-црните можат и до директен пласман во четвртфиналето, доколку во последната рунда не загубат во Мелсунген.
Вардар 1961 44 минути ја бркаше негативата од пет гола, од првиот меч во Лисабон. Имаа црвено-црните четири гола предност во првито дел, но Бенфика успеа да се консолидира и на полувреме се замина со резултат 15:14.
Црвено-црните подобро го отворија и вториот дел, потребната предност ја стекнаа во 44-та минута, а веднаш потоа се одлепија и на седум гола (27:20).
Бенфика се обиде да се врати во мечот, имаа Португалците 28:24 во 55-та минута, но Вардар 1961 го одби тој напад и на крајот славеше со шест гола.
Малус со девет и Воркапиќ со осум гола го предводеа Вардар 1961 до големата победа.
Foto/ rkvardar.com.mk
Спорт
(Видео) Барселона победи, Атлетико оди во финалето
Барселона, во полуфиналниот реванш во Купот на Кралот, го победи Атлетико Мадрид со 3:0, но не успеа да се пласира во финалето. Пресудна се покажа предноста на „јорганџиите“ од првиот меч (4:0). Барселона нема да го брани трофејот, а Атлетико се пласира во своето прво финале по 2013 година.
Реваншот на „Камп Ноу“ се одвиваше според предвиденото сценарио. Барселона константно вршеше притисок кон голот на Хуан Мусо (се истакна Аргентинецот со неколку изворедни одбрани), а Атлетико своите шанси ги бараше во контранападите.
Домашните фудбалери упатија 21 удар кон голот на Мусо, девет од нив одеа во рамките на голот, изведоа 14 корнери, но постигнаа само три гола. Атлетико, упати осум удари кон голот на Џоан Гарсија, два од нив во рамките на голот.
Бедемот на Атлетико беше непробоен до 30-та минута, кога Јамал испрати центаршут, а на два метри од голот Брнал, кој остана сам ја спроведе топката до мрежата. На истекот на првиот дел, голема шанса за Атлетико промаши Лукман, а во следниот напад Барселона доби пенал. Сигурен реализатор беше Рафиња.
Имаше Барселона неколку панси во вториот дел, Мусо беше одличен на голот, но капитулираше во 72-та минута кога повторно погоди Бернал.
До крајот двата тима имаа свои шанси кои не ги реалзиираа.
Атлетико во финалето ќе игра против победникот од баскиското дерби меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао. По првиот меч Сосиедад има предност 1:0.
Foto/ EPA

