Спорт
Осумгодишната сноубордерка од Карпош, Нина Неделковска, е поканета да тренира во Австрија

Пред само две години малкумина знаеја дека во Македонија расте мала, но бестрашна сноубордерка. Денес, осумгодишната Нина Неделковска веќе е име што се спомнува со восхит на снежните патеки во регионот. Малечка на години, но голема во духот – таа со храброст, труд и истрајност покажува дека кога желбата е доволно силна, детскиот сон може да стане реалност.

На само шест години првпат застана на сноуборд
Нина е ученичка во трето одделение во ОУ „Војдан Чернодрински“ во Карпош и на шест години првпат застана на сноуборд. Нејзиниот талент прв го препозна легендарниот, сега веќе починат тренер, Дане Гегој, кој ја прифати да тренира и покрај тоа што беше најмлада. Токму тој ја насочи кон професионалниот спортски пат и ја научи дека успехот не доаѓа преку ноќ – туку преку љубов, посветеност и многу падови што ја прават посилна.
Како член на српскиот клуб „ММ ски“, Нина во изминатите две сезони (2023/2024 и 2024/2025) редеше медали во повеќе дисциплини – BA, SS, SL и GS и се закити со титулата најмлад државен првак на Република Србија.

Нина во изминатите две сезони редеше медали во повеќе дисциплини
Со своите настапи на натпревари таа успеа да се издвои меѓу конкурентите постари од неа и да покаже дека иднината на сноубордот во регионот има ново лице.
Нејзините зимски тренинзи се одвиваат на Копаоник под будното око на селекторот Филип Филиповиќ, а летните подготовки најчесто се одвиваат на глечери или во хали со вештачки снег.
Семејството е нејзина најголема поддршка – секој тренинг, секое патување и секој натпревар се заедничка победа.

Можност да тренираат во Австрија добиваат само најперспективните млади сноубордери во Европа
Оваа година нејзината приказна добива ново возбудливо поглавје. Нина е поканета да тренира во Австрија во рамките на престижната програма NASH (Next Austrian Snowboard Hero) – можност што ја добиваат само најперспективните млади сноубордери во Европа. Таму ќе тренира со врвни тренери и ќе има шанса да ги усоврши техниките што ја одвојуваат од своите врсници.
Со срце полно со љубов кон спортот, со насмевка и став на вистински борец, Нина веќе ја инспирира својата генерација. Таа е доказ дека возраста не е пречка за големи соништа и дека македонските деца може да блеснат и на меѓународната сцена – ако веруваат, работат и не се откажуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Мареска потврди дека Палмер ќе паузира уште шест недели

Фудбалерот на Челзи, Кол Палмер (23), нема да може да им се придружи на соиграчите уште шест недели поради повреда на препоните, објави тренерот Енцо Мареска.
Палмер не играл од поразот на Челзи од Манчестер Јунајтед на 20 септември.
Тој го напушти теренот во првото полувреме, а Мареска потоа објави дека ќе го одмори до октомвриската репрезентативна пауза, која сега е завршена.
„Згрешив. За жал, тој ќе биде надвор од терените веројатно шест недели“, рече Мареска, исклучувајќи ја можноста за операција.
„Се обидуваме да го заштитиме Кол колку што е можно повеќе и најважно е тој да биде целосно закрепнат кога ќе се врати“, додаде италијанскиот стручњак.
Челзи, кој моментално е седми на табелата во Премиер лигата, во сабота гостува кај Нотингем Форест, кој е 17-ти на табелата.
Спорт
Флик негира дека претседателот на клубот му се меша во работата

Ханси Флик, на прес конференцијата, пред натпреварот со Џирона, бурно реагираше на прашањето дека претседателот на Барселона барал Ламин Јамал да игра против ПСЖ во Лигата на шампионите.
Шпанските медиуми со денови шпекулираат за наводниот конфликт во врвот на каталонскиот клуб, според кој претседателот Џоан Лапорта наводно му наредил на Ханси Флик да го вклучи Ламин Јамал во почетниот состав за натпреварот против ПСЖ, иако 18-годишникот, според изворите, доцнел на задолжителниот состанок на тимот пред дуелот.
„Би сакал да знам од каде доаѓаат тие глупости. Никој во клубот никогаш не ме замолил да направам нешто слично. Тие ми веруваат целосно. Немам што да кријам, познато е дека во Барселона тренерскиот штаб носи спортски одлуки“, рече Флик.
Тој нагласи дека Ламин Јамал не бил казнет и дека неговото место во почетниот состав против ПСЖ е спортска одлука, а не резултат на каков било притисок од раководството.
Да потсетиме дека шпанските таблоиди претходно објавија дека Флик прво планирал да го казни младиот напаѓач затоа што доцнел и дека му рекол дека нема да биде во првиот состав. Сепак, според овие шпекулации, раководството на клубот наводно инсистирало Јамал да го започне натпреварот.
Инаку, Барселона во второто коло загуби од ПСЖ со 1:2.
Спорт
(Видео) Папајанис во солзи го напушти дуелот со Панатинаикос

Играчот на Панатинаикос, Јоргос Папајанис, ја доживеа можеби најлошата и најтешката повреда во спортот.
Не беше во дуел со противнички играч, но се повредив слетувајќи во обид да постигне кош во акција „алеј уп“.
Најверојатно станува збор за повреда на вкрстените лигаменти.
Поанешниот грчки репрезентативец ја напушти салата во Истанбул.
Инаку Анадолу Ефес загуби од Панатинаикос со 81:95 во петтото коло во Евролигата.