Спорт
Португалците ни го урнаа мундијалскиот сон
Топспорт во Порто, Никола Ѓуровски
Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од Португалија со 2:0 на „Драгао“ во финалниот бараж натпревар против Португалија за пласман на Светското првенство. Бруно Фернандеш беше двоен стрелец за Португалците во 32. и во 65.минута. Се покажа премногу за само пет дена Македонија да елиминира две врвни европски селекции на патот кон Катар. Паднаа Италијанците во Палермо, но Португалија ја искористи шансата и победи за визирање на билетот за Катар.

Првата шанса на натпреварот ја имаше Кристијано Роналдо во 14.минута. Доби топка во шеснаесетникот и шутираше веднаш со левата нога, но за малку крај голот на Димитриевски. Но, возврати веднаш и Македонија. Блокиран шутот на Алиоски, два корнери во низа, а потоа и опасен слободен удар за Барди. Сепак, без посериозен ефект.
Десет минути подоцна, Диого Жота се закани со удар со глава по корнерот на Бруно Фернандеш, но, за среќа, не беше доволно прецизен.

Трета – среќа за Португалците, во 32.минута. Загубивме топка на средината на теренот, Роналдо брзо го проигра Бруно Фернандеш, а тој од 14 метри со прецизен удар го совлада Столе Димитриевски. Во 41.минута, Диого Жота имаше уште една шанса, шутираше крај голот.
По дваесет мирни минути во вториот дел, Бруно Фернандеш постигна втор погодок во 65.минута и ја доведе Португалија многу блиску до конечната цел – пласман на СП во Катар.
По овој втор удар, Македонија не можеше да се опорави. Португалците знаеја да го приведат натпреварот до крај и ги визираа пасошите за Светското првенство.

БАРАЖ ЗА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
ПОРТУГАЛИЈА – МАКЕДОНИЈА 2-0 (1-0)
Стадион „Драгао“. Гледачи: 50.000. Судија: Ентони Тејлор (Англија). Стрелци: Фернандеш 32′, 65′ (Португалија). Ж. картони: Кансело (Португалија), Муслиу, Алиоски (Македонија).
ПОРТУГАЛИЈА: Коста, Кансело, Пепе, Данило, Нуно Мендеш, Бруно, Бернардо, Мутињо, Отавио (77′ Карвалјо), Жота (77′ Леао), Роналдо.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Адеми, Барди, Костадинов (75′ Ашковски), Елмас (86′ Николов), Трајковски (59′ Чурлинов), М. Ристовски (46′ Миовски).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дубаи, Хапоел и Макаби домаќини во странство до крајот на сезоната
Клубовите, сопственици на Евролигата, на состанокот во вторникот одлучија дека трите клуба од подрачјата зафатени со воените дејствија, да бидат преместени на безбедини локации и таму да г играат натпреварите како домаќини.
Во прашање се израелските Макаби и Хапоел, како и Дубаи од Обединетите Арапски Емирати.
Сите три клуба ќе бидат домаќини во европските градови до крајот на сезоната, вклучувајќи ги и потенцијалните дуели од плејофот, потврди Евролигата.
Секако, причината за оваа одлука е војната во регионот од каде што доаѓаат овие три клуба.
Макаби речиси сигурно ќе се врати во Белград и во салата „Александар Николиќ“, каде што играше долго време за време на инвазијата на израелските трупи на Газа, додека Хапоел, како што стојат работите, ќе ги пречека своите ривали во Софија.
Хапоел веќе играше во главниот град на Бугарија во истиот период кога Макаби беше домаќин во Белград.
Кога станува збор за Дубаи, Сараево е првата опција за домаќинство на овој тим, но сепак, засега нема официјална потврда за оваа информација бидејќи се чека одобрение од властите од главниот град на БиХ.
До крајот на сезоната, сите три екипи ќе одиграат уште пет натпревари како домаќини.
Foto/ depositphotos
Спорт
Крај на сезоната за Родриго, ќе го пропушти и Светското првенство
Најлошите стравувања за Реал Мадрид и бразилската репрезентација се остварија. Родриго ги скина предните вкрстени лигаменти на десното колено, со што ја заврши сезоната и ќе го пропушти Светското првенство.
Степенот на повредата, која ја здоби на натпреварот против Хетафе, беше потврдена со медицински тестови утрово, што е голем удар и за играчот и за неговиот тим, пишува „Марка“.
Само неколку минути по влегувањето во игра, Бразилецот несмасно падна и го повреди коленото. Тој сепак успеа да продолжи и да го одигра натпреварот до крај.
Родриго се врати на теренот против Хетафе по речиси еден месец пауза поради повреда.
Откако беше потврдена сериозна повреда на коленото, Реал Мадрид ќе има само двајца напаѓачи за гостувањето во Виго, Винисиус и Гонзало Гарсија. Мбапе е исто така повреден, додека Мастантуоно е надвор од теренот поради црвениот картон што го доби против Хетафе.
Foto/ depositphotos
Спорт
Мбапе нема да игра до крајот на март
Килијан Мбапе, 27-годишната ѕвезда на Реал Мадрид и член на француската фудбалска репрезентација, веројатно ќе биде на пауза до крајот на овој месец, објавија француските медиуми во вторникот.
Французинот не беше на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во синоќа, каде што неговиот Реал неочекувано беше поразен со 1-0 од Хетафе во натпревар од Ла Лига, но беше во Париз, каде што беше подложен на дополнителни тестови на повреденото лево колено. Медицинскиот тим на Реал беше со него.
Потврдено е дека има истегнување на левото колено, повреда што Мбапе ја има од почетокот на декември минатата година. Исто така, беше одлучено дека операцијата не е потребна, но дека на Мбапе му треба „одмор и трпение“ во моментов.
Во наредните недели, Мбапе речиси сигурно нема да му помогне на Реал на теренот, кој не игра добро во првенството, каде што ги загуби последните два натпревари.
Реал Мадрид исто така има два исклучително тешки натпревари во осминафиналето од Лигата на шампионите против Манчестер Сити.
Можно е Мбапе да го пропушти пријателските натпревари на нациоалниот тим. Франција ќе игра пријателски натпревари против Бразил и Колумбија на 26 и 29 март на нивната турнеја во САД.
Со 23 гола, Мбапе е моментално најдобар стрелец во Ла Лига, а исто така е и најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 13 гола.
Foto/ depositphotos

