Спорт
Ракометарот на Бутел бил донесен на Клиника без траги на насилство

Ракометарот на Бутел Денис Тот бил донесен на скопската Клиника за реанимација без траги на насилство, информираа од МВР.
Информацијата следи откако претходно беше објавено дека тој бил претепан во скопски клуб.
„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека вчера (7.4.2022) во 4:11 часот од Клинички центар во СВР Скопје е пријавено дека кај нив во бесознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т. и веднаш му е пружена лекарска помош. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот и за тоа соодветно ќе ја известиме јавноста“, информираа од полицијата.
Од неговиот клуб доцна синоќа потврдија дека тој се наоѓа во тешка состојба.
„Родителите се на пат кон Скопје, но немаме информации што точно се случило“, изјавил братот на Денис Тот, кој кариерата ја гради во Холандија.
Тот во Бутел пристигна од Охрид, во кариерата играл за Адемар Леон, Брук, Пореч и Бјеловар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Винисиус Жуниор: Ова е најважниот натпревар во мојата кариера
Бразилците Винисиус Жуниор и Родриго ќе го одиграат првото финале во Лигата на шампионите со Реал Мадрид. Шпанскиот гигант ќе се сретне против Ливерпул утревечер на „Стад де Франс“ во француската престолнина Париз.
„Замислувавме дека еден ден тоа може да се случи, но не очекувавме дека ќе се случи толку брзо“, изјави Родриго, кој во Реал дојде во 2019 година од бразилскиот клуб Сантош. „Работевме многу напорно за тие моменти и многу сме среќни за се што се случува“, додаде тој.
Винисиус Жуниор го засили мадридскиот тим една година порано од друг бразилски тим, Фламенго. Тој потпиша порано, како тинејџер, а мораше да чека во Бразил пред да замине во Шпанија, откако наполни 18 години.
„Ова е најважниот натпревар во мојата кариера. Не е лесно да се пристигне толку млад во клуб како Реал Мадрид, но имаш шанса да играш во Лигата на шампионите. Се надевам дека ова е моето прво финале од многуте што следуваат“, изјави Винисиус, кој оваа сезона постигна 21 гол.
Спорт
Македонија ЃП почнува од второто коло во Конференциската лига, Шкендија и Академија Пандев претходно

Трите македонски тима кои ќе играат во Конференциската лига на УЕФА ги знаат своите можни ривали. Македонија ЃП како освојувач на Купот ќе игра во второто квалификациско коло, додека Академија Пандев и Шкендија почнуваат рано, со таа разлика што Шкендија ќе биде носител.
Шкендија ќе биде носител во првото коло, а за можни противници ќе ги има: Борац Бања Лука (БиХ), Интер Турку (Финска), Тре Фиори (Сан Марино), КР Рејкјавик (Исланд), црногорските Дечиќ и Искра, Санта Колома (Андора), Бруно (Гибралтар), Њутаун (Велс), Хамрун (Малта) и Дила Гори (Грузија).
Академија Пандев не е носител и може да добие посериозен противник. Можни противници на струмичани се Флора од Естонија, Рига (Летонија), Алашкерт (Ерменија), Олимпија (Словенија), Купс (Финска), Будуќност (Црна Гора), полските Легија и Погон, Крусејдерс (Ирска), Сент Јозеф (Гибралтар), Тре Пене (Сан Марино), Бала Таун (Велс).
Од втората квалификациска рунда настапот го почнува Македонија Ѓорче Петров и ќе биде неносител. Можни ривали за „лавовите“ се екипи како Базел, Славија Прага, Јанг Бојс, ПАОК, Истанбул Башакшекир, Макаби Тел Авив, Астана, Молде, Апоел, ФЦСБ, Бате Борисов, Ријека, Антверпен.
Спорт
Муарем Бајрами уште две години на клупата на Македонија ЃП

Тренерот на македонскиот прволигаш Македонија ЃП, Муарем Бајрами, ја продолжи соработката и за следните две години. После освоениот пехар во Купот, раководството на Македонија ЃП одлучи да му даде нов двегодишен договор на Бајрами.
Тој во октомври минатата сезона ја презеде екипата од Александар Таневски, а претходно равотеше како негов асистент.
Македонија ЃП во првенството се пласираше на четвртата позиција.