Спорт
ШК Алкалоид стартува со убедлив триумф на почетокот на Европскиот клупски куп

Првото коло од Европскиот клупски куп во шах донесе очекуван резултатски расплет, при што најдобро рангираните екипи, меѓу кои е и македонскиот шампион ШК Алкалоид, стартуваа со убедливи победи на турнирот, кој има само седум кола, а на крајот ќе го даде новиот клупски шампион на Европа.
За овој настап на Родос, Грција, екипата имаше две промени во однос на тимот од 2024 година, и тоа на петтата и на шестата табла, каде што настапија ВМ Абиманју Пураник и ИМ Тони Лазов, при што обајцата имаа успешно деби со освојување цел поен. Очите на македонската шаховска јавност го следеа последниот македонски државен шампион Тони Лазов (2.382), кој лани освои сребрен медал на Олимпијадата во Унгарија, а сега, водејќи ги црните фигури против Албан Красниќи (2.131), одлично се снајде во позиција со кралско фијанкето, во ситуација кога неговиот противник се обиде да импровизира со нестандарден план. При временската контрола на 40. потег, противникот се обиде со драматичен и ризичен потег да направи пресврт, но ИМ Лазов, со манир на искусен борец, ги неутрализираше заканите, па противникот се предаде.
Противничкиот тим Дарданија од Косово успеа да даде отпор само на првата табла, каде што ВМ Арјун Еригаиси (2.773) го подели поенот со ИМ Ндерим Сарачи (2.445), кој се бранеше со руска одбрана.
Од втората до четвртата табла се играа сицилијанки, при што ВМ Ји Веи (2.754) со црни фигури брилираше во најдорфовата варијанта против ФМ Матеу Бочи (2.186), додека, пак, на третата табла Јангји Ју (2.720) играше таканаречена бела сицилијанка, при што во долга борба со Кораб Сарачи (2.197) покажа класа и надмоќ. ВМ Читамбарам Аравинд (2.711) на четвртата табла играше трпеливо, постепено подобрувајќи ја позицијата против ФМ Ардијан Јашари (2.166), а на крај освои цел поен.
Единствената партија која беше решена пред играта да влезе во завршницата беше онаа на петтата табла, каде што ВМ Абиманју Пураник спроведе офанзивен напад во англиско отворање, по што со школска тактичка жртва на скокач на полето Ф5 стигна до триумф против Арменд Будима (2.169).
ШК Алкалоид е второрангиран тим според рејтингот и заедно со другите тимови од првата петорка се смета за еден од фаворитите во борбата за медалите. Најдоброрангираниот Бајеган Пендик во првото коло славеше со 5 : 1 (две ремија), додека, пак, романскиот СуперЧес, унгарскиот Нагиканжаи и чешкиот Нови Бор (кој е бранител на титулата од лани) имаа убедливи победи од 6 : 0.
На турнирот играат 102 екипи, а по првото коло 48 од нив се на делба на првото место со по 2 бода. Во согласност со швајцарскиот систем на натпреварување, во втората рунда ШК Алкалоид ќе игра со домашната екипа Ippotis Rodos Chess Club.
ФОТО: Архива на ШК Алкалоид
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Спенсер Динвиди во Олимпијакос

Американскиот кошаркар Спенсер Динвиди е нов играч на грчки Олимпијакос, ексклузивно објавува „Телеспорт“.
Искусниот кошаркар, кој целата своја кариера ја помина во НБА каде што имаше забележителен настапи, одлучи да се пресели во Европа, откако не доби договор за сезоната во НБА лигата.
Одличниот шутер беше поврзуван со бројни европски тимови, вклучувајќи ги српските клубови Црвена звезда и Партизан, се шпекулираше дека Ефес е најблиску до неговиот потпис, но 32-годишниот Динвиди се одлучи за Грција и Олимпијакос.
Во НБА, Динвиди играше за Детроит, Бруклин, Вашингтон, Далас и Лејкерси, а своите најдобри натпревари ги одигра во дресот на Нетси, особено истакнувајќи се во сезоната 2019-20, кога во просек постигнуваше над 20 поени по натпревар.
Динвиди играше за Далас минатата сезона и во просек постигнуваше 11 поени.
Спорт
(Видео) Атлетик го победи Карабаг, Галатасарај сигурен против Бодо/Глимт

Фудбалерите на Атлетик Билбао и Галтасарај забележаа победи во првите натпревари од денешната програма во Лигата на шампионите. Атлетик ја запиша првата победа сезонава откако го совлада Карабаг со 3:1, додека Галатасарај славеше над Бодо/Глимт исто така со 3.1.
Атлетик на „Сан Мамес“ во Билбао, по пресврт успеа да слави во дуелот со најпријатното изненадување во Лш, Карабаг.
Гостите првпат поведоа во првата минута од натпреварот, кога Андраде постигна гол за 1:0.
Атлетик константно напаѓаше, не искористија неговите играчи неколку добри шанси, се до 40-та минута кога Горка Гурузета изедначи.
Во 70-та минута, Наваро постигна гол за 2:1, а конечниот резултат го постави Гурузета со својот втор гол во 88-та минута.
Проблем за Билбао е повредата на капитенот Ињаки Вилијамс. Напаѓачот се повреди во првиот дел, веднаш го напушти теренот.
Галатасарај против Бодо/Глимт поведе во 3-та минута со голот на Виктор Осимен, а половина час подоцна истиот играч го зголеми резултатот на 2:0, со што заврши првото полувреме.
Тој резултат остана активен до 60-та минута, кога Јунус Акгун го постигна третиот гол за домашните.
Почесниот гол за норвешкиот шампион го постави Андреас Хелмерсен во 76-та минута.
Спорт
Ла Лига му ја потврди суспензијата на Ханси Флик

Барселона, в недела во Мадрид, во најголемото дерби на панскиот фудбал ќе биде без тренерот Ханси Флик.
Германецот доби црвен картон, во неделата, во драматичната победа над Џирона (2:1). Клубот веднаш поднесе жалба со образложение дека тренерот бил престрого исклучен.
Сепак, Ла Лига ја одби жалбата и потврди дека Ханси Флик нема да множе да биде со својот тим на теренот.
Каталонски извори пишуваат дека Барселона ќе се обиде да поднесе уште една жалба, бидејќи клубот сè уште смета дека Германецот бил исклучен премногу строго, но малкумина веруваат дека Ла Лига ќе ја промени својата одлука.
Натпреварот Реал Мадрид – Барселона е закажан за недела во 16.15 часот.