Спорт
Арина Сабаленко не му верува на соколовото око
Вимблдон
Од специјалниот известувач
Уште една вимблдонска традиција потклекна пред налетот на новото време. Доколку за онаа од 2021. година, кога организаторот на турнирот дозволи постојано да се игра тенис и во „средишната недела“, а за што причина беше природата или таканаречените климатски промени, поради кои секоја година во првата седмица рапоредот на мечевите беше целосно пореметен од „неочекуваниот“ дожд, за оваа, втора промена, виновен е технолошкиот прогрес. Од овој Вимблдон, прв пат во неговата 138 годишна традиција, нема повеќе да има линиски судии. Наместо нив, соколовото око или хокај системот ќе ја превземе улогата на единствен правичен делител на правда – дали топката е внатре или надвор од теренот.
Оваа промена беше причина и Арина Сабаленка од Вимблдон да ги прокоментира новите околности, односно дали ќе ѝ недостасуваат линиските судии и дали целосно му верува на хокај системот.
„Имам незгодно искуство и со двете ситуации. Некогаш не бев сигурна дали хокај системот е исправен, а некогаш судијата ја немаше донесено најдобрата одлука.“
За неа најголемиот проблем со хокај системот е притисокот кој го има во глава дали да го предизвика, а потоа да не може да се расправа со него.
„Што год да покаже, мораш да се согласиш дека е во право“.
Оттука и прашањето, дали веќе не постои сомнеж во нејзината глава околу точноста на електронскиот систем.
„Постои“, со смеење одговара белоруската тенисерка. „Додуша, понекогаш, но не многу често. Најмногу би сакала да се потпирам на главниот судија тој тоа да го види, бидејќи хокај системот очигледно прави грешки. Судијата да има право да ја промени одлуката – можеби тоа би било подобро.“ – ја заклучува расправата Арина.
Дали е оправдана недовербата на Арина во соколовото око одговор може да даде оној кој и најдобро го познава овој електронски ситем. А, тоа е нашиот Блаже Трифуновски, Македонец кој од самото воведување на хохај системот работи за Меѓународната тениска федерација како официјален контролор на хокај системот (official review). За полесно да се разбере неговата улога, тој е одговорното лице на кое судијата од терен по телефон му се јавува и го замолува да го прегледа спорниот поен.
Во интервјуто за Макфакс дадено во 2022. година, еве што ни одговори Блаже на прашањето „дали може да згреши безгрешниот хокај систем“:
„Како и секоја друга технологија и хокајот може да направи грешка и тоа зависи од многу фактори. Направен како технологија за следење на топче кое се движи со голема брзина, има многу елементи кои можат да афектираат во одредени случаји. На пример, кога има сенки во теренот, или пола терен е на сонце, а пола во осојница, тоа може да предизвика конфузија за камерите, бидејќи тие третираат топче кое има една боја и светлост и одеднаш доаѓа до промена кога топчето ќе дојде во сенка. Значи, може во некои случаји да има грешка, но тоа се толку ретки случаји, на пример на 10 илјади поени, еден да биде погрешно следен“.
Ако не може да погреши, дали хокајот може да биде наместен, односно техничарот да манипулира и лажно да го прикаже движењето на топчето на анимацијата која се прикажува на семафорот на тенискиот терен и на телевизиите.
„Не, системот е автоматски, а техничарот само го стартува и стопира кога да почне да го следи топчето и кога да престане“ – појаснува Трифуновски.
Со ова, една дилема е разрешена, но друга е пред нас: што е следното од традицијата што ќе попушти и отиде во заборав пред налетот на модерното време и технолошкиот напредок? Дали, можеби, следни за „отсрел“ ќе бидат собирачите на топчиња, и на нивно место ќе гледаме хуманоиди во улога на балбој и балгирл?! Ионака и овие од крв и месо се „испрограмирани“ како да се роботи.
Ненад Живановски-Столиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голчиште на Собослај, а потоа победа на Сити во дербито
Манчестер Сити го доби Ливерпул на „Ефилд“ во 25.коло во Премиер лигата, со 2:1 и остана во трката за шампионската титула.
Сè што беше важно се случи во последните 20 минути од натпреварот. Ливерпул поведе во 74-та минута, но со голови во 84-та и 93-та минута, Сити направи пресврт и запиша три важни бода.
Доминик Собослај постигна гол за водство на Ливерпул со моќен погодок од слободен удар со помош на стативата. Сити израмни по само десет минути, кога Бернардо Силва натрча на топката која ја доби од Ерлинг Халанд.
Во судиското продолжение, Сити победи откако Алисон направи пенал, а Халанд го реализираше.
Рајан Шерки исто така постигна гол во 100-та минута, но тој гол беше поништен поради претходен прекршок на Доминик Собослај, кој доби црвен картон.
Foto/ EPA
Спорт
Трамп го критикуваше американскиот скијач: „Срамота е што ја претставува Америка“
Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше американскиот олимписки скијач Хантер Хес, неколку дена откако спортистот изрази измешани чувства во врска со претставувањето на САД на Зимските олимписки игри во северна Италија, пишува „Ројтерс“.
„Ако е така, ни немал потреба да се обиде да се квалификува за репрезентацијата и срамота е што е дел од неа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, осврнувајќи се на коментарите на Хес. „Многу е тешко да се навива за некој таков.“
Зимските олимписки игри беа одбележани и со политички тензии, меѓу другото и поради присуството на службеници на американската Служба за имиграција и царина (ICE). Оваа агенција се соочи со масовни протести низ САД откако нејзини агенти минатиот месец во Минеаполис застрелаа и усмртија две лица.
Хес, скијач во слободен стил, изјави на прес-конференција во Милано во петокот дека му е „малку тешко“ да ја претставува Америка и дека има измешани чувства.
„Очигледно се случуваат многу нешта со кои не се согласувам, а верувам дека и многу други не се согласуваат“, рече тој.
„Тоа што ја носам знамето не значи дека претставувам сè што се случува во САД.“
Неговиот колега од репрезентацијата, Крис Лилис, на истата прес-конференција исто така истапи против дејствувањето на Службата, велејќи дека поради тоа му е „скршено срцето“.
„Мислам дека како земја треба да се фокусираме на почитување на правата на сите луѓе и да се погрижиме кон нашите граѓани, како и кон сите други, да се однесуваме со љубов и почит“, изјави Лилис.
„Се надевам дека луѓето, гледајќи ги спортистите на Олимписките игри, ќе сфатат дека тоа е Америка што ние се обидуваме да ја претставиме.“
Спорт
„Сѐ се случи за миг“ – сестрата на Линдзи Вон зборуваше за нејзината состојба по страшниот пад на Олимписките игри
Линдзи Вон моментално е на лекарски прегледи по тешкиот пад што ѝ се случи утрово, потврди нејзината сестра Карин Килдо во изјава за „Ен-Би-Си“. Таа рече дека сцената била застрашувачка и многу тешка за гледање.
„Тоа дефинитивно беше последното што сакавме да го видиме. Сѐ се случи многу брзо и во такви моменти само се надеваш дека е добро“, рече Килдо.
Таа додаде дека станало уште пострашно кога забележале дека изнесуваат носила.
„Тоа никогаш не е добар знак. Но, како што вели онаа изрека за човекот во арената – таа се осмели, даде сѐ од себе и одеше до крај. Тешко е да се гледа, но најважно е таа да биде добро“, изјави таа.
Сестрата на познатата американска скијачка потврди дека во моментов не знаат што следува: „Превезена е со хеликоптер од местото на несреќата. Со неа се сите нејзини лекари, хирурзи и физиотерапевти. Ќе не известат и ќе отидеме во болницата каде што ја прегледуваат. Засега знаеме само дека е на прегледи и се надеваме наскоро да добиеме повеќе информации.“
Главниот брзински тренер на американскиот скијачки тим, Пол Кристофик, изјави дека Линдзи Вон и понатаму е под медицинска проценка во Кортината, а тимот сѐ уште нема добиено никакво ажурирање за нејзината здравствена состојба.
„Сѐ уште не знаеме ништо конкретно“, изјави Кристофик. „Таа е со медицинскиот тим во болница. Во моментов се проценува во Кортината. А потоа, во зависност од сериозноста на повредата, ќе се донесе одлука каде ќе биде сместена.“

