Спорт
Вардар ја потврди доминацијата во СЕХА лигата
Ракометарите на Вардар ја одбранија титулата во регионалната СЕХА лига. Завршниот турнир од петокот до неделата се одигра во СЦ „јане Сандански“ во Скопје, а Вардар во финалето го победи ППД Загреб 26:24 (14:13).
Вардар ја оправда фаворитската улога на…

Ракометарите на Вардар ја одбранија титулата во регионалната СЕХА лига. Завршниот турнир од петокот до неделата се одигра во СЦ „јане Сандански“ во Скопје, а Вардар во финалето го победи ППД Загреб 26:24 (14:13).
Вардар ја оправда фаворитската улога на завршниот турнир иако во финалето Загреб успеа да му пружи отпор на актуелниот шампион. Црвено-црните победата во финалето ја обезбедија во завршните 10 минути од натпреварот.
Првата половина од првото полувреме целосно му припадна на Вардар, чии ракометари со цврста игра во одбраната имаа предност од три, а потоа и четири гола (6:3, 7:4, 8:4).
Загреб, најпрвин успеа да ја стабилизира својата игра, да го фати вистинскиот ритам во нападот, а до крајот на првиот дел и да се доближи на гол негатива (14:13).
Вардар го постигна првиот гол во второто полувреме, а потоа Загреб возврати со два гола за 15:15, во 33.минута. Потоа следуваше израмнета игра од двете страни, во која доминираа дефанзивните формации, се играше гол за гол се до 49.минута кога ракометарите на Вардар направија серија 3:0, се одлепија на разлика од четири гола (24:20) и го решија прашањето на победникот.
Вардар го предводеа Циндриќ и Кристопанс со по пет гола, додека Загреб во името на Хорват го имаше најефикасниот играч на мечот. Капитенот на Загреб постигна осум гола.
Црвено-црните ја освоија четвртата титула во СЕХА лигата, во сезоната во која поставија апсолутен рекорд во регионалното натпреварување. Вардар во регуларниот дел забележа 17 победи, а еден меч одигра нерешено.
Исто така, Вардар му се реваншираше на Загреб за поразот во финалето на СЕХА лигата во 2013 година, кога играчите на хрватскиот првак ја освоија единствената титула во регионалната конкуренција.
Третото место го освои дебитантот на завршните турнири, Целје. Екипата од Словенија во „малото финале“ го победи Мешков Брест 31:28.
фото: seha-liga.com
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Црвена звезда и Динамо Загреб изборија место во нокаут фазата во Лига Европа
Заврши првата фаза во Лига Европа. Регионалните великани Црвена звезда и Динамо Загреб изборија место во плеј-офот. Црвено-белите го освоија 15-то место, а модрите завршија на 23-та позиција.
Црвена звезда, во последното коло, осигра нерешено во Белград со Селта 1:1, додека Динамо забележа пораз во Данска од Митјиланд 2:0.
Комплетни резултати:
Астон Вила – РБ Салцбург 3:2, Базел – Викторија Плзен 0:1, Бетис – Феенорд 2:1, Селтик – Утрехт 4:2, Црвена звезда – Селта Виго 1:1, ФЦСБ – Фенербахче 1:1, Го Ахед Иглс – Брага 0:0, Генк-Малме 2:1, Олимпик Лион – ПАОК 3:2, Макаби Тел Авив – Болоња 0:3, Митјиланд – Динамо Загреб 2:0, Нотингем Форест – Ференцварош 4:0, Панатинаикос – Рома 1:1, Порто – Ренџерс 3:1, Штурм=Бран 1:0, Штутгарт-Јанг Бојс 4:2.
Директен пласман во осминафиналето изборија: Лион, Астон Вила, Митјиланд, Бетис, Порто, Брага, Фрајбург, Рома.
Двојки за плејоф, ждрепката е утре во 13 часот:
Селтик/Лудогорец – Штутгарт/Ференцварош
Фенербахче/Панатинаикос – Нотингем Форест/Викторија Пилсен
Динамо Загреб/Бран – Болоња/Генк
Црвена звезда/Селта – ПАОК/Лил
Спорт
Роберто Де Зерби ќе добие отказ поради чудо во Лисабон?
Тренерот на Олимпик Марсеј, Роберто Де Зерби, е во сериозна опасност да биде отпуштен, објави Радио Монте Карло Спорт (RMC).
Истиот извор наведува дека се во тек разговори меѓу сите страни за да се донесе одлука за иднината на Де Зерби на клупата на клубот од „Велодром“.
Статусот на италијанскиот стручњак беше доведен во прашање по елиминацијата на Марсеј од Лигата на шампионите.
И покрај поразот од 3:0 од Ливерпул во претходното коло, пред последниот натпревар, францускиот клуб имаше одлична шанса да се пласира меѓу 24-те екипи и да игра плејоф, но тоа не се случи поради неверојатниот крај на натпреварот во Лисабон.
Пред гостувањето во Клуб Бриж, Марсеј имаше дури 94 проценти шанси за пласман, меѓутоа, поразот од 3:0 во Белгија, заедно со победата од 4:2 на Бенфика над Реал Мадрид и други неповолни резултати доведоа до тоа францускиот клуб да заврши на 25-то место на табелата и да не продолжи со натпреварувањето.
Марсеј моментално е трет на табелата во Лига 1, седум бода зад лидерот Пари Сен Жермен.
Foto/ depositphotos
Спорт
Кристал Палас напаѓач најде во Вулверхемптон
Јорген Странд Ларсен е нов член на Кристал Палас.
Норвежанецот му се приклучи на клубот од јужен Лондон од Вулверхемптон, кој е на дното на табелата во елитниот ранг на англискиот фудбал.
Според медиумите на Островот, вредноста на трансферот е 52 милиони евра плус шест милиони што може да ги заработи преку бонуси. Ова е втор најголем трансфер во овој преоден рок, по оној на Антоан Семењо. Репрезентативецот на Гана за 72 милиони евра од Борнмут замина во Манчестер Сити.
Ларсен одигра 63 натпревари за Вулверхемптон и постигна 20 гола. Оваа сезона, тој ја погоди противничката мрежа шест пати во 25 натпревари.
Foto/ depositphotos

