Спорт
(Видео) „Би бил тажен ако ова беше мојот последен натпревар“: Ѓоковиќ е јасен дали планира да ја заврши кариерата сега
Новак Ѓоковиќ, најдобриот српски тенисер, упати охрабрувачки зборови по поразот од Јаник Синер (6:3, 6:3, 6:4) во полуфиналето на Вимблдон.
„Имав доволно проблеми. Не се чувствував удобно на теренот. Не сакам да зборувам детално за повредата и да се жалам дека не можам да играм онака како што знам. Само сакам да му честитам на Јаник за неговата игра. Тој е во финалето, беше премногу добар. Разочаран сум што не можев да се движам колку што би сакал“, рече Ѓоковиќ по натпреварот.
Тој ја спореди оваа повреда со онаа на Австралија Опен оваа година кога го загуби полуфиналниот натпревар од Александар Зверев.
„Не мислам дека е лоша среќа, туку само возраст. Телото е истрошено… Колку и да се грижам за тоа, тоа е реалност, во последните година и пол го чувствував како никогаш досега. Тешко ми е да го прифатам тоа, бидејќи мислам дека кога сум здрав, сè уште можам да играм навистина добар тенис. Го докажав тоа оваа година, но мислам дека играњето натпревари во три сета оваа година е навистина проблем за мене, физички. Колку подолго трае турнирот, толку полошо станува. Успевам да стигнам до финалето, стигнав до полуфиналето секој пат кога бев на грен слем турнирите оваа година, а потоа се соочувам со Синер или Алкараз… Тие се подготвени, млади, остри. А јас влегувам во тие натпревари со половина резервоар и невозможно е да се победи таков натпревар. Така е. Тоа е едно од оние нешта што морам да ги прифатам и да се справам со реалноста на ситуацијата и да го извлечам најдоброто од тоа.“
Тој ги охрабри навивачите велејќи дека планира да се врати на Вимблдон. Ѓоковиќ јасно зборуваше за тоа дали планира да ја заврши кариерата сега.
„Би бил тажен ако беше последен, но се надевам дека нема да биде. Планирам да се вратам барем еднаш, не планирам да ја завршам кариерата денес.“
Тој не се откажува и покрај проблемите.
„Не знам, токму сега излегов од теренот и тешко е да се погледне сè од поширока перспектива и да се види каков е планот за следните неколку месеци, а камоли за една година. Направив сè што можев, во однос на тренингот и подготовките, за да играм најдобро на Грен слем турнирите. И мислам дека без оглед на фактот дека не освоив Слем турнир оваа или минатата година, мислам дека го играм мојот најдобар тенис на Слем турнирите. Тие турнири се она што најмногу ми е грижа во овој момент од мојата кариера. Значи, да… Морам да разгледам сè со мојот тим и семејство и да видам што сакам да правам со мојот распоред, каде што можам да бидам на својот врв… Сепак, не знам што можам да направам подобро. Часовите што ги поминувам грижејќи се за моето тело… За жал, повредите ме стигнуваат, не сум награден за тоа сега, но бев наградуван за тоа многу години. Сега ми се чини како несреќа, но Бог и животот ми донесоа толку многу во животот, што би било непристојно од мене кон Бога, моето тело и сè што ми се случи во кариерата, да почнам да се жалам на повреди сега. Здрав сум толку долго. Сега морам да го искористам максимално она што ми остана. Да, сега сум разочаран и лут, најмногу не поради поразот, бидејќи дури и да бев здрав, не бев фаворит против Синер, го знам тоа, но мислам дека имав добри шанси ако бев здрав. Тој физички аспект ме мачи. Таму си, сакаш да играш, си одлучен, но твоето тело не сака да слуша и тоа е тоа.“
Тој не размислуваше да му го предаде натпреварот на Синер поради повредата.
„Воопшто не размислував да не излезам на теренот, бидејќи не се чувствував толку лошо, во смисла дека не можев да стојам на нозе. Вчера не можев да тренирам, денес успеав да тренирам, да се загреам и чувството беше добро. Добро, со оглед на тоа што не тренирав вчера и што се случи во последниот натпревар. Имаше неизвесност за тоа како ќе се однесува мојата нога денес, но загревањето помина добро. Во однос на играњето од место, не трчав премногу, но штом го започнавме натпреварот, на средината од првиот сет, имаше неколку подинамични движења на страната на форхендот каде што морав да се туркам со левата нога и таму почувствував вознемиреност. Првите 6, 7 гема беа во ред, но по тие неколку ситуации во тој еден гем, повеќе не. Не се грижам дека ова може да ме држи надвор од теренот предолго. За жал, во последно време имав многу мускулни истегнувања и повреди и успеав релативно брзо да се вратам. Верувам дека до УС Опен ќе можам да се доведам во ред да бидам во оптималното ниво за играње. Тоа е тоа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Атлетико против Еспањол ја прекина лошата низа во првенството
Фудбалерите на Атлетико Мадрид го победија Еспањол со 4:2 во натпреварот од 25-то коло на Ла Лига. „Јорганџиите“, вечерва ја прекинаа лошата низа од три натпревари без триумф и без постигнат гол во Примера. Исто така, Атлетико прв пат по 2022 година успеа да го победи Еспањол.
Гостите од Каталонија поведоа во пестата минута преку Жофре, но беа надиграни и поразени од фаворизираниот тим на Диего Симеоне. Атлетико по голот на Еспањол ја презеде иницијативата, силно притисна и изедначи преку Серлот во 21-та минута.
Пресвртот, Атлетико го комплетираше во 49-та минута со голот на Џулијано Симеоне. Девет минути подцна, Адемола Лукман, на асистенција на поранешниот соиграч од Аталанта, Руџери го постигна третиот гол.
Александар Серлот, им ја одзеде надежта на гостите дека можат да избегнат пораз со втроиот гол во 72-рата минута.
Норвежанецот можеше да постигне хет-трик, но во акција која „мирисаше“ на уште еден негов гол, ја погоди стативата.
До крајот на мечот, Еспањол, преку Еду Еспозито постигна уште еден гол.
Атлетико се трети на табелата, заедно со Виљареал има 48 поени, Еспањол остана на шестото место со 35 поени, но екипата од Барселона на последните пет натпрвари освои само еден бод.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) О’Рајли го врати Манчестер Сити во шампионската трка
Манчестер Сити го искористи киксот на Арсенал против Вулверхемптон и со победата над Њукасл (2:1) се доближи на два бода од лидерот.
Нико О’Рајли беше херој на победата за тимот на Пеп Гвардиола. Тој постигна два гола, во 16-та у 27-та минута и беше блиску до хет-трик во првото полувреме. Луис Хол во 22-та минута беше стрелец за Њукасл.
Сити освои три бода иако најдобриот стрелец Ерлинг Холанд не успеа да постигне гол.
По канонадата во Баку, Њукасл покажа заби на „Етихад“, но тоа не беше доволно ниту за бод. Во последните моменти од првото полувреме, голот на Брн беше поништен за 2:2 поради офсајд.
Foto/ EPA
Спорт
ПАО во „вечното дерби“ го освои Купот на Грција
Кошаркарите на Панатинаикос се освојувачи на Купот на Грција втора година по ред, откако го победија Олимпијакос со 79:68 во финалето на турнирот што се одржа во Хераклион.
Панатинаикос имаше двоцифрена предност во раната фаза од натпреварот поради проблемите што Олимпијакос ги имаше во нападот. Не можеа црвено-белите никако да најдат решение за подвижната одбрана на ПАО.
Единствениот расположен кошаркар на тимот од Пиреја беше крилниот центар Саша Везенков. Најкорисниот играч на Евролигата за сезоната 2022-23 постигна 12 од 17-те поени на својот тим во првата четвртина.
Во вториот дел ПАО одигра неверојатна одбрана, му дозволија на противникот само 12 поени, а постигнаа 28.
Олимпијакос се обиде во вториот дел но не успеа да се доближи. Дополнителен проблем за Олимпијакос е повредата на Везенков, во третиот период.
Тој го заврши натпреварот со 16 поени, а причина за повредата на грбот беше офанзивен фаул направен врз него од страна на бекот на ПАО, Кендрик Нан, во борба под кошот.
Новото засилување на ПАО, актуелниот МВП Најџел Хејс-Дејвис даде клучен придонес во победата на „Зелените“.
Најновото засилување на Панатинаикос го заврши натпреварот со 15 поени и 6 скока.

