Спорт
В недела стартува 18. издание на „Визер скопски маратон“, стартот и целта на добро позната локација
Најпознатиот спортски настан во Македонија, Визер скопски маратон, ќе се оддржи на 2.10.2022 (недела) со препознатливите трки како носители на најголемата и традиционална спортска манифестација, којашто сите љубители на трчањето од земјата и пошироко со нетрпение ја очекуваат секоја година.
Трките кои секоја година се дел од најомилениот спортски настан во државата – маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон, – „ЕУ за спортот“ и трката на 5км ќе почнат точно во 8:00 часот.
Директорот на Визер скопски маратон, Кире Синадиновски, на денешната прес-конференција најави дека се менува дел од патеката по која се трчаше изминативе години. Новата патека е измерена од меѓународен лиценциран мерач и се здоби со А сертификат од АИМС и Светската атлетска федерација. Целта е плоштадот „Македонија“ со кој се враќа традиционалниот финиш на патеката по што беше препознатлив маратонот.
Учесниците на трката на 5 км ќе тргнат од „Рекорд“ и трчаат во правец на Аеродром, додека тркачите на маратон, полумаратон и штафетниот маратон ќе стартуваат од старата Градска болница „Св. Наум Охридски“ во правец на плоштад и продолжуваат преку ул. „Теодосиј Гологанов“ кон Хром.
„Огромна чест ми е што сум сведок и дел од големиот тим кој е заслужен за организација и на годинешното 18. издание на најпознатата атлетска манифестација во Македонија, Визер скопски маратон. Оваа година на сите четири трки – маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – „ЕУ за спортот“ и трката на 5 км, – ќе трчаат над 8.500 учесници. Маратонот како и секоја година, така и оваа ќе биде домаќин на квалитетни натпреварувачи. Пријавени се натпреварувачи од над 47 земји од целиот свет, со што покажуваме дека овој спортски настан е веќе препознатлив на светско ниво. На сите тркачи им посакувам лесни нозе и да ги соборат своите најдобри времиња“, изјави Синадиновски.
Директорот на Визер скопски маратон изрази огромна благодарност до организаторите на маратонот – Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски клуб „Работнички“, Министерство за внатрешни работи (МВР) како партнер на маратонот, како и до покровителите на маратонот – Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија, Агенцијата за млади и спорт, како и до сите волонтери кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодишното издание.
Синадиновски ги потсети сите тркачи, кои сè уште го немаат подигнато својот стартен пакет, дека ќе имаат шанса истото да го направат уште денес и утре (30.9.2022 и 1.10.2022) во „Веро Џамбо“ од 11:00 19:00 часот. Подигнувањето на пакетот ќе може да се изврши само со документ за идентификација или потврдена порака на е-пошта од пријавата.
Прес-конференцијата се одржа во хотел „Парк и спа“, каде свое обраќање имааа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје .
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, истакна дека со огромно задовоство Градот Скопје е покровител и традиционален домаќин на Визер скопскиот маратон.
„Град Скопје е горд што по 18-ти пат е домаќин Визер скопскиот маратон на кој оваа година се пријавија над 8500 учесници од 47 земји низ светот. Градот Скопје покрај тоа што финансиски ја поддржува оваа голема манифестација, која ги промовира градот Скопје и Македонија како спортска и туристичка дестинација, исто така овозможи логистичка поддршка од градските јавни претпријатија со цел успешно оддржување на годинешниот Визер скопски маратон“, изјави градоначалничката Арсовска.
„Сите кои нема да бидат во можност маратонот да го проследат на скопските улици, ќе можат да го гледаат во живо на официјалниот профил на Македонскиот олимписки комитет на Јутјуб (YouTube): https://www.youtube.com/channel/UCg_F0azsm6udJTAGWMPOCFg. Во понеделникот нè напушти Ѓорѓи Кузмановски, претседателот на Сојузот на спортови на Скопје. Оваа недела беше тешка за сите нас, но знаеме дека тоа ќе ни даде ветар во грб за целиот маратон да помине во најдобар ред. Овогодишниот маратон му го посветуваме токму на него“, изјави Николовска.
Визер скопски маратон како секој познат светски маратон секоја година внесува нешто ново во организацискиот дел, па така оваа година традиционалната „Pasta Party“ ќе се реализира во соработка со тркачкиот клуб 091 RUNCrW. Забавата ќе се одржи на 1.10.2022 (сабота) во МКЦ клуб и ресторан со почеток од 18:00 часот.
Организаторите уште еднаш ја повикаа скопската публика да дојдат и да ги поддржат сите натпреварувачи, бидејќи сите знаеме колку им значи нивното навивање додека ја завршуваат нивната трка. За најдобрите фотографии и транспаренти ќе следува награда.
Повеќе информации за Визер скопскиот маратон може да се најдат на официјалната веб страница: http://skopskimaraton.com.mk/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

