Спорт
Многу сум среќен, имав голема поддршка од тимот, изјави младиот шахист Лазов од ШК „Алкалоид“, кој се закити со сребро на Олимпијадата
Актуелниот државен првак на Македонија во шах и член на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов, го постигна најголемиот успех во кариерата на Шаховската Олимпијада, која заврши во Будимпешта, освојувајќи сребрен медал за својот индивидуален настап на втората табла, со одличен рејтинг-перформанс (2763)!
Лазов игра во одлична форма последниве две години, при што претходната година на Европското екипно првенство освои велемајсторска норма, која и овојпат му беше на дофат. Со освоени извонредни 7,5 бода од 8 партии (со седум победи, од кои две извојувани на првата табла, и само со едно реми), тој се етаблираше како иден лидер на националната селекција. Воедно, на својот актуелен рејтинг од 2360 поени тој сега ќе додаде нови 33 освоени на Олимпијадата.
Откако го започна турнирот со уверливи победи против послабо рангираните селекции, во четвртото коло тој ремизираше со холандскиот велемајстор Јорден ван Форест (2696 рејтинг, триесет и петторангиран во светот), а за да влезе во игра за медал, пресудни беа победите над ВМ Јаник Пелетие (2526) од Швајцарија и над ВМ Каспер Пиорун (2599) од Полска.
„Многу сум среќен што успеав да освојам медал. Имав голема поддршка од тимот. Голема благодарност и до мојот тренер, ВМ Трајко Недев, кој ме подготвуваше за време на турнирот, и до мојот клуб ШК Алкалоид, кој секогаш ме поддржува“, изјави Тони Лазов.
Со овој успех 24-годишниот Лазов се приклучува кон „клубот на медалисти“, во кој досега беа тројца негови колеги од ШК Алкалоид: ВМ Драгољуб Јаќимовиќ има златен медал од Олимпијадата во Истанбул 2000 година на третата табла, ВМ Трајко Недев има бронза од Олимпијадата во Ереван 1996 година на четвртата табла, додека, пак, единствената дама во ова друштво е Весна Секуловска, чиј медал е освоен на Европското екипно првенство во Пловдив 2003 година, сребро на втората табла. Воедно, неговиот тренер ВМ Трајко Недев е единствениот кој има и сребрен медал од ЕП 2003 година, освоен на третата табла, и сребрен од Светското првенство за шахисти над 50 години 2023 година, на втората табла.
Тони Лазов е најмладиот носител на шаховски олимписки медал во Македонија, а кариерата ја започнува во шаховските школи на ШК Алкалоид, активно играјќи шах од својата 10-годишна возраст.
ИМ Тони Лазов беше единствениот член на ШК Алкалоид во составот на машката репрезентација на Македонија на оваа 45. Шаховска Олимпијада во Будимпешта. Тимот го стартуваше турнирот како 62-рангирана екипа, а во конечниот пласман заврши на 61. место од 188 екипи кои настапија. Репрезентативците имаа 6 победи и 5 порази и освоија 12 бода, еден повеќе од женската екипа.
Женската репрезентација беше 57-рангирана, а заврши на 77. место од 169 екипи славејќи 4 победи. Три средби завршија со поделба на поенот, а доживеа и 4 порази.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Неуспешниот експеримент со Аморим Јунајтед го чини 40 милиони фунти
Фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед потврди дека отпуштањето на Рубен Аморим може да ги чини повеќе од 18 милиони евра.
Португалецот го напушти клубот на 5 јануари по нерешениот резултат 1:1 со Лидс и отворениот напад врз раководството на клубот еден ден претходно.
Како што објави Би-Би-Си, Аморим ја бара гореспоменатата сума како компензација откако претходно на Спортинг Лисабон му беа издвоени околу седум милиони евра за неговото доаѓање.
Вкупно, со замената на Ерик Тен Хаг, која чинеше нешто помалку од 12 милиони евра, Би-Би-Си проценува дека неуспешниот проект со португалскиот тренер „црвените ѓаволи“ ги чини речиси 43 милиони евра.
Неговите 14 месеци на клупата на Јунајтед се најмалку од 2014 година и Дејвид Мојес. Тој победи на 25 од 63 натпревари, сезоната ја заврши на 15-то место во Премиер лигата. Ова е најлошиот пласма на клубот од испаѓањето во 1973/74 година.
Покрај тоа, тие загубија во финалето на Лига Европа, со што тимот остана без учество во европските купови за прв пат од 1990 година.
Foto/ depositphotos
Спорт
Без да потроши и еден цент Јувентус сака да изврши реконструкција во тимот
Челниците на Јувентус, откако тимот испадна од Лигата на шампионите, започнаа да ги кројат плановите за летната реконструкција. Планот е да се обидат да донесат четворица квалитетни фудбалери. Сите овие играчи, за чии интерес покажува Јувентус, ќе бидат слободни по завршувањето на сезоната. Планот е јасен без да потрошат пари, челните луѓе имаат намера да ја извршат реконструкцијата.
Прв на листата е Леон Горецка. Играчот на Баерн нема да добие нов договор, за него имаше интерес и во јануарскиот преоден рок но теој реши да стане во Минхен до крајот на сезоната.
Вториот е дефанзивецот на Борнмут, Маркос Сенеси. Слично како и за Горецка, и за неговите услуги постои голем интерес. Јувентус би морал да му понуди место во стартер и висока плата за да го привлече да се пресели во Торино.
Третиот и најпознат е Бернардо Силва, од јануари се шпекулираше дека Јувентус би можел да го доведе овој играч, а сега „Газета дело Спорт“, само ги потврди претходните извештаи дека овој играч е високо на листата на Бјанконерите.
Последен во низата, но не и најмалку важен, е дефанзивецот на Рома, Зеки Челик, фудбалер кој пред неколку години пристигна во Рим од Лил. Тој е стандарден член на турската репрезентација, а покрај тоа, може да покрие две позиции во одбраната, може да игра како десен бе и по потреба како дефанзивец.
Foto/ depositphotos
Спорт
Пеколни 18 дена се пред фудбалерите на Њукасл
Њукасл, попладнево го дозна противникот во осминафиналето, во Лигата на шампионите. „Страчките“ за противник ја добија Барселона.
Но Барселона најмалку го загрижува менаџерот Еди Хау. Пред неговиот тим е пеколно тежок распоред, во кој ќе одиграат шест натпревари за 18 дена.
Добрата вест е дека играат четири натпревари дома.
Прво во Премиер лигата ќе го пречекаат Манчестер Јунајтед на 4 март, а три дена подоцна ќе играат во ФА Купот против Манчестер Сити.
Следува натпреварот против Барселона во Лигата на шампионите. Овие три натпревари Њукасл ќе ги одигра на домашен терен.
„Страчките“ потоа ќе гостуваат кај Челзи, на 14 март, а неделата ја затвораат со уште еден натпревар против Барселона на стадионот „Камп Ноу“.
Сето ова ќе биде зачинето со најголемото дерби за навивачите на Њукасл, локалното против Сандерленд на 22 март.

